Welcome visitor you can log in or create an account

ДАЛИ СОРАБОТНИЦИТЕ И НАЛОГОДАВАЧИТЕ НА УДБА-СДБ-УБК ПО ВТОР ПАТ ЌЕ БИДАТ НАГРАДЕНИ ЗА СВОИТЕ ЗЛОДЕЛА дел IV

 

Јордан и Душан Петровски 11.01.2020
Да се вратиме на Владе Милчин и неговото тврдење дека тој (заедно со останатите лустрирани) бил невина жртва во политички мотивирана хајка на власта на Груевски -- чиј мотив до денес останува мистерија. Во овој дел од текстот ќе се осврнеме на соработничката дејност на ОО „Драматург“ и ќе покажеме, благодарение на доказите кои ги објавил тој, дека Милчин воопшто не е жртва, туку дека бил и останува привилегирана личност во македонското општество благодарение на неговиот соработнички статус -- „оперативна позиција“ -- со Службата која назначува директори во стопанските претпријатија и ги држи под контрола универзитетските професори, чиј предмет на обработка се „граѓани од редот на општествено-политички, јавни и културни работници, раководители на стопански организации“
, и која „се претворила во механизам на политичка и идејна контрола врз општеството“.

Првин мора да направиме забелешка дека се ползуваме со извештајот на Комисијата на ИС на Собранието на СРМ од 1966 година, како и со други докази од минатото, и тогаш изреченото го сметаме за вистинито и денес од еден прост факт. И покрај повремените драмолетки на македонските власти за „реформи“ во безбедносниот систем, во судството, во образованието, па и целиот систем виз-а-ви наводната промена на еднопартискиот социјалистички систем и божемното усвојвуање на повеќепартиски плурализам во 1990 година, заклучоците на меѓународните тела кои го набљудуваат македонскиот систем, како и доказите од архивската граѓа на органите на државната безбедност и повремените афери кои потекнуваат од таму, укажуваат дека не дошло до никаква промена во државно-безбедносниот систем. А бидејќи „државната безбедност се претворила во механизам на политичка и идејна контрола врз општеството“, тоа значи дека не дошло до никаква промена ниту во целосниот општествено-политички систем на Републиката. Луѓето кои биле назначувани и контролирани од страна на органите на државната безбедност пред наводниот распад на еднопартискиот комунистички систем останаа на клучните општествено-политички, културни и јавни позиции и по наводната промена на системот и усвојувањето на божемната демократија. Методите на работа на службите на државната безбедност, како производ на навиката на истите да се поставуваат како „најодговорни, ако не и единствено повикани“ да ги заштитуваат „придобивките“ на „самоуправниот и демократски систем“ и да „не одговараат никому“, и покрај нивното фрекфентно преименување, судејќи според доказите, останале непроменети. Ова можело да се предвиди уште во 1966 година, земајќи предвид дека Комисијата истакнала дека „во Службата постоела култура на солидарност со соработниците и лојалност кон ресорот“, дека работниците и службениците на ресорот за внатрешни работи не биле расположени за соработка со Комисијата, како и дека поголемиот број од нив не биле „во состојба да го разберат вистинското општествено значење на ликвидирање на постојната состојба“. Доколку овој заклучок го надополниме со описот за несоработливоста на органите на државната безбедност во однос на барањата на Комисијата за лустрација четири и пол децении подоцна опишана во издание ја ФООМ (види слика подолу), ја добиваме целосната слика дека навистина „све је исто, само њега нема“.

 

image

Ги повикуваме оние кои тврдат дека системот се сменил и дека УДБа веќе не постои да изнесат докази за нивните тврдења како тоа што го работиме со оваа анализа.

Како што наведовме погоре, една од клучните анализи кои ги прави Службата при отпочувањето на претходна обработка на нов предмет е барањето на карактерна слабост кај лицето во прашање. Бидејќи не сме имале можност да го разгледаме целото досие на Владе Милчин не можеме со сигурност да кажеме што била нивната проценка. Наша претпоставка, судејќи според неговото поведение во изминатите 50 години, како и фактот што тој има желба да биде уметник, е дека слабоста на Милчин е во неговата преголема суета и ненаситна амбиција. Како таков тој претставува лесен плен за ловците на души на УДБа, и очигледно е од неговиот подем во општествено-политичкиот живот по протестите во 1968 година, дека тој бил еден од оние кои се предале на Ѓаволот/УДБа уште во првиот круг на пеколот. 

Сега, со цел да направиме разлика меѓу вистинска жртва на прогонот на органите на државната безбедност и лажов кој сака туѓата мака да си ја припише на себе, ќе направиме споредба со погоре опишаното наше искуство и досието на Владе Милчин. По пат ќе ја докажеме исправноста на Комисијата за лустрација во нејзината одлука Владе Милчин да го прогласи за соработник на службите на државната безбедност. Тука ќе се послужиме со извадок од неговото досието, објавено од самиот Милчин во фељтонот „ДОСИЕ 25630“: 

Од друга страна од 1982 година истиот е општествено политички активен (извршен секретар на ОК на СК на СО 'Центар' и на факултетот за драмски уметности во Скопје) целосно ја спроведувал политиката на СК и зацртаните задачи во рамките на своето работење. Имајќи ја во вид неговата научна и образовна дејност, доприносот што го дава на афирмирањето на Македонската драмска уметност и култура, како и фактот дека во поново време не се експонира со непријателски коментари и дејанија, сметам дека се исполнети сите услови за негово дерегистрирање од ПОО. Со оглед дека Службата има стапено во контакт со него, и фактот што е присутен во средината каде е можно да се очекува однесувања од позиции на граѓанска десница и други видови непријателски активностиконтактите ќе продолжат и ќе се создаваат услови за градење на соработнички однос. Од наведените причини предлагаме ПОО 'Драматург' да се дерегистрира од ПОО, а неговото досие да остане во оперативниот архив на СДБ. Истиот е и ќе биде користен како оперативна позиција за следење на активностите и коментарите на ПОО-а и лица безбедносно интересни од позиции на граѓанска десница, како и следење на состојбите во овие средини кои претставуваат интерес на СДБ.“

 

Овој извадок е мошне богат со информации, па затоа вреди да добие малку поголемо внимание. Како што може лесно да се утврди од содржината на текстот, ова е извадок од предлогот за дерегистрарање од ПОО на Владе Милчин - ПОО „Драматург“. Од друга страна, во предлогот за дерегистрирање од претходна обработка на Јордан Петровски - ПО „ЦРНИ“ стои:

Иако беа превземени мерки и активности, не беа во целост потврдени сознанијата и податоците поради кои беше заведен, поради што беше одлучено со истиот да се обави информативен разговор, по претходно изготвен предлог и конкретно изготвен план. Во разговорот во поголема мерка беа потврдени сознанијата и податоците поради кои беше заведен, а исто така Петровски ги прифати контактите со ДБК, поради што и предлагам истиот да се дерегистрира од ПО, бидејќи нема основ за понатамошен оперативен третман.“

Додека во понатамошна службена белешка од ноември 1997 година се истакнува дека информативниот разговор обавен, по мојата дерегистрација, во јули 1996 година бил со цел, покрај другото „и определување на понатамошен негов третман, и наше понатамошно поставување.“

Забележете дека освен моето „прифаќање на контактите со ДБК“ нема никаква друга индикација за мој пријателски однос со Службата, а мојот „понатамошен третман“ како и понатамошното „поставување“ на Службата сѐ уште не биле определени цела година по моето дерегистрирање. За разлика, во досието на Милчин се зборува дека тој, во својство на општествено-политички и културен работник, ги „спроведувал политиката и зацртаните задачи во рамките на своето работење“, како и тоа дека „Службата веќе има стапено во контакт со него“ и конечно дека „истиот е и ќе биде користен како оперативна позиција, додека неговото досие е оставено во „оперативниот архив“ -- односно списокот на кодоши -- на СДБ. Во досието на Милчин нема ниту трага од недоверба кон него или сомнеж во неговото држење кон Службата. Нема неизвесност за неговиот понатамошен третман, ниту пак за понатамошното поставување на органите на државата безбедност во однос на него. Тој во својот дотогашен однос со Службата оставил впечаток на морално-политички подобна личност. Дотолку повеќе, терминот „зацртани задачи“ е дел од жаргонот на УДБа и се однесува на задачите кои таа им ги поставува на оние кои ги обработува со цел, како да ја спроведува својата политика и да извршува завери и интриги, така и да ја проверува доверливоста на своите соработници. На пример во досието на Дане Поповски („Службена белешка“ ев. бр. 598 од 1960 година) под рубриката „Оперативна забелешка“ оперативниот работник навел дека:

На сарадникот, поред тоа што му објаснил дека нас ќе не интересира држењето на Дане, му дадов задаток да му постави едно овакво прашање...

Во друга службена белешка од досието на Дане Поповски од СВР Охрид од 8 февруари 1962 година во рубриката „Оперативна белешка“ е заведено дека:

...поваѓајќи од тоа што соработникот оставил можности за натамошна дискусија, ставено му е во задаток да по секоја цена да при првата средба...

Конечно, еве пример и од досието ПО „Црни“ од службена белешка од 28 октомври 1997 година каде оперативниот работник забележал дека:

Разговорот е направен по наша инцијатива, а имаше за цел добивање безбедносно интересни сознанија и податоци од евентуално реализираните задачи кои му беа поставени на последниот контакт со истиот одржан на 03.09.1997 година ... а кои му беа исто така поставувани и од негова страна прифатени на контактот остварен на 19.12.1996 година ... во присаство на главниот инспектор ХХХХХХХХХХХХХХХХ поставените задачи се однесуваат на неговите контакти кои требаше да ги оствари со.... Во текот на разговорот не се добирени очекуваните сознанија и податоци, од причини што Петровски не ги реализирал договорените контакти и разговори...

Доколку се навратиме на заклучоците на извештајот на Комисијата на ССРМ за состојбите во органите на државната безбедност од 1966 година ќе се присетиме дека предмет на обработка на Службата за државна безбедност биле „граѓани од редот на општествено-политички, јавни и културни работници“ и дека Службата ги држела под контрола универзитетските професори. Ова укажува дека Милчин соработувал со службите на државната безбедност и за време на неговата претходна оперативна обработка уште пред да биде формално назначен за соработник.

Во изминативе децении за Милчин беше изграден мит дека бил дисидент уште од неговите студентски денови. Но, земајќи го предвид фактот дека тој како политички-морално неподобна личност не би можел да дипломира на факултет -- види досиеја на Дане Поповски и Лефко Џамбазовски и други -- а уште помалку да се здобива со позиции на извршен секретар на општински комитет на Сојузот на комунисти за општина Центар и на факултетот за драмски уметности во Скопје -- позиции од кои би можел да ја подрива политиката на Сојузот на комунисти, како и да наметнува свои гледишта во културата, поради што е невозможно назначување на неподобни лица -- а и задоволството на Службата од неговото поведение во својство на општествено-политички и културен работник, повеќе од станува очигледно дека во Милчин нема ниту трага од дисидентство. Повеќе веројатно од оваа гледна точка, земајќи ги предвид доказите пред нас, е дека Милчин од самиот почеток „има стапено во контакт“ со Службата, а „фактот што е присутен во средината каде е можно да се очекува однесувања од позиции на граѓанска десница и други видови непријателски активности му овозможиле во својство на кодош да напредува во општествно-политичката кариера.

Конечно, откако со сите нишани се покажал како проверена врска, истиот се здобил со формален статус на соработник:

Истиот е и ќе биде користен како оперативна позиција за следење на активностите и коментарите на ПОО-а и лица безбедносно интересни од позиции на граѓанска десница, како и следење на состојбите во овие средини кои претставуваат интерес на СДБ.

Со цел да го зацврстиме тврдењето дека терминот „оперативна позиција“ навистина е жаргон на УДБа за соработник -- или народно, кодош -- ќе се послужиме со неколку примери од други досиеја, од каде ќе стане повеќе од јасно дека нема сомнеж за вистинитоста на ова тврдење.


Во досието на академикот Божин Павловски (види слика подоле) стои: „да се ДЕРЕГИСТРИРА од ПОО и да биде користен како оперативна позиција“. Од извадокот јасно се гледа дека Павловски доставувал информации до органите на државната безбедност, па дури и дека вршел „истражувања за идентитетот на ОО 'Јуда'“ кои се покажале како „негативни и некорисни за СДБ“, но дека сепак во продолжените контакти меѓу Службата и Павловски биле „добиени голем број објективни и квалитетни сознанија за состојбите во Д[руштвото на] П[исатели на] М[акедонија], издавачката дејности и конкретно за лицата кои преставуваат наш интерес“. Откако било наведено дека во „годишните планови на III Сектор и УСДБ-Скопје зацртано е овој ПОО да биде дерегистриран“, било предложено Павловски -- идентично со Милчин, а спротивно на она што се гледа во досието ПО „Црни“ -- „да се дерегистрира од ПОО, а неговото досие да остане во оперативниот архив на СДБ“. Конечно, како и во досието ПОО „Драматург“, заклучено дека „[и]стиот е и ќе биде користен како оперативна позиција за следење на активностите и коментарите“ на неговите божемни пријатели и содејци, а кои преставувале интерес за органите на државната безбедност. 



[Image: WgZJYQU.jpg]

Еве уште неколку различни извори:

"...Aleksandar Vasiljević ponudio je pomoć Centru SDB Mostar pri obradi hrvatske emigracije u Švedskoj nudeći im Halilovića koji je u Švedskoj imao rodbinu. Bilo je planirano da ga SDB preuzme na vezu, a s njim je u vezi toga razgovarao operativac Centra SDB Mostar Tomo Kokor. Halilović je početkom 90-ih bio značajna operativna pozicija Jugoslavenske Armije u okviru Operativne akcije Štit."
Akcija Štit vođena je s ciljem sprečavanja osamostaljivanja Hrvatske i bila je tek jedna u nizu koja otkriva da je tadašnji KOS djelovao izvan svojih zakonskih ovlasti, što prema nekim pravnim tumačenjima može biti korisno pri tehničkom dokazivanju srpske agresije na Hrvatsku pred sudovima u raznim postupcima.

 

 

1

 
image

 
За Фрчкоски и остнатите кои беа лустрирани како наредбодавачи не треба да се трошат зборови. Доволно е да приложиме едно од многуте решенија кои ги потпишал Фрчкоски и членот од Уставот што го регулира прислушкувањето. Образложението за тоа што е неисправно со оваа пракса го дадовме во првото продолжение на овој текст.


[Image: 80783768_2612392652178477_56007416272000...e=5EACE83B]

Член 17

        Се гарантира слободата и тајноста на писмата и на сите други облици на општење.

        Само врз основа на одлука на суд може да се отстапи од начелото на неповредливост на тајноста на писмата, ако е тоа неопходно за водење на кривична постапка или тоа го бараат интересите на одбраната на Републиката.

 

Значи Комисијата за лустрација била апсолутно во право кога сите оние во чии досиеја ја нашла забелешката дека биле „оперативна позиција“ или „оперативна врска“ ги прогласила за соработници. Владе Милчин и останатите „жртви“ на „хајката“ на „режимот“ на Груевски навистина биле соработници на органите на државната безбедност, а нивното прочистување од општествено-политичкиот и културно-стопанствениот живот на Република Македонија е неопходен за нејзиното суштинско етаблирање како стабилна, сериозна, самостојна, демократска држава. Впрочем, тоа е она што, и покрај еуфамизмите и колебањата на извесни претставници на Европската унија, е она што суштински се бара од Македонија доколку навистина оваа држава е искрена во нејзината североатлантска определба. И, додека лустрацијата која ја спроведе власта на Груевски беше нецелисходна и полна со недостатоци и несоодветности кои ние ги критикувавме уште тогаш, фактот дека Милчин, Фрчкоски и останатата багра учествувале во „најфлагрантни повреди на уставноста и законитоста, тотална контрола на општеството, узурпација на уставните и законските права на граѓаните“ е несомнен, а работата на Комисијата за верификација на фактите неоспорлива. Оттука, повеќе од очигледно е дека Предлог-законот за огласување ништовност и поништување на правки акти, дејствија, мерки и правни последици од постапките за лустрација е само уште едно продолжување на привилегиите и уште еден обид од државното ќесе да се наградат соработниците на тајната идеолошко-политичка полиција (па дури и нивните наследници доколку тие се веќе починати), за нивните кодошки дејности во изминатите години и децении. А апсурдот да биде уште поголем, повторно жртвите ќе бидат оние кои ќе го поднесат финансискиот товар на овие иживувања на „Црвената буржуазија“.

 

Првиот дел: ДАЛИ СОРАБОТНИЦИТЕ И НАЛОГОДАВАЧИТЕ НА УДБА-СДБ-УБК ПО ВТОР ПАТ ЌЕ БИДАТ НАГРАДЕНИ ЗА СВОИТЕ ЗЛОДЕЛА дел I


Вториот дел:ДАЛИ СОРАБОТНИЦИТЕ И НАЛОГОДАВАЧИТЕ НА УДБА-СДБ-УБК ПО ВТОР ПАТ ЌЕ БИДАТ НАГРАДЕНИ ЗА СВОИТЕ ЗЛОДЕЛА дел II

 
Третиот дел:  ДАЛИ СОРАБОТНИЦИТЕ И НАЛОГОДАВАЧИТЕ НА УДБА-СДБ-УБК ПО ВТОР ПАТ ЌЕ БИДАТ НАГРАДЕНИ ЗА СВОИТЕ ЗЛОДЕЛА дел III