Welcome visitor you can log in or create an account

ДАЛИ СОРАБОТНИЦИТЕ И НАЛОГОДАВАЧИТЕ НА УДБА-СДБ-УБК ПО ВТОР ПАТ ЌЕ БИДАТ НАГРАДЕНИ ЗА СВОИТЕ ЗЛОДЕЛА дел III

Биографијата на владе Милчин

Јордан и Душан Петровски 10.01.2020 


Времетраењето на овој период на претходна обработка е неодредено. Веројатно има случаи каде што предметот на обработка го сменил своето „држење“ набргу по почетокот на неговиот оперативен третман, но има случаи -- како на пример со Дане Поповски и Лефко Џамбазовски -- каде што претходната обработка траела со години и децении. Милчин тврди дека бил шиканиран за време на петте години на неговиот наводен прогон. За неговите наводни страдања немаме архивска граѓа од самата УДБа -- па дури ни автобиографски запис од прочуениот драматург -- но за случаите барем на двајцата погоре споменати ги имаме објавите на делови од нивните досиеја од страна на Државниот архив на Р Македонија во збриката „Црните страници на УДБА“. Тука гледаме изолација, оневозможување да се заврши средно училиште, онемозвожување за вработување, местење на соработнички за девојки, целосно опкружување од соработници, нудење на услуги во обид за нивно придобивање, прислушкување на телефонски разговори и простории, отворање на пошта, следење при движење низ градот и Републиката, итн. Непријатности на кои бев изложен и јас -- со додатна мерка дека јас за време на мојата обработка преживеав и срцев удар -- и кои до извесна мера можат да се увидат и од она малку што ми е доставено како моето политичко-идеолошко досие, а за што во последниве дваесеттина години имам обилно пишувано и зборувано и никогаш не беше демантирано од никого.

Во оваа пригода повторно ќе се послужам со сопствениот пример во описот на методот на УДБа, од проста причина што немам сретнато детално излагање од некој од другите жртви на пргонот на службите на државната безбедност. Причината за оваа отсуство на документирани, барем и автобиографски, наративи за страдањата на жртвите на УДБа кои би биле комплементарни на архивската граѓа на службите, е отежнувачка околност за оние кои се борат за ослободување на Македонија од овој терор кој владее со неа од 1945 година, а секако олеснувачка за оние кои сакаат истиот да го сочуваат во живот. Но, ова отсуство на документирани материјали не е случајно. Тоа е директен производ на наследниот страв кој Службата веќе седумдесет години осмислено го влева во совеста и потсвеста на народот со своите свирепи медоти на репресија, шиканирање и психолошко подривање.

Прашање е дали во реалност постои праксата на „отворање на досие“. Студија на објавените досиеја сугерира дека досието во извесна мера е токму тоа -- папка, а, бидејќи УДБа постојано прибира податоци, повеќето од оние кои во било кое време се наоѓаат на списокот на ПОО-а и ПО-а влетуваат во системот (датотеката) на УДБа мошне периферно: како припадници на пријателските или деловни кругови на лицата кои активно се обработуваат во тој даден миг. Во секој случај, овие информации, заедно со податоците за семејното минато на предметот и првобитното истражување за ликот и карактерот на лицето во прашање го оформуваат она што може да се окарактеризира како воведното поглавје на дадено досие. Во овие првобитни анализи, УДБа се обидува да процени која е слабоста на лицето кое е предмет на нејзината обработкаСпоред истражувањето на СДБ во мојот случај, јас сум бил оценет како материјалист и затоа сите активности кои ги превзела СДБ за да ме скрши биле во правец да ме уништи финансиски, за потоа да ме купи со концесии и привилегии кои би ме извлекле од финансиската криза!

Имено, во периодот кога отпочна моето ставање под „мерки“, буквално ми се смени целиот круг на пријатели. Тогаш не разбирав зошто мои блиски и долгогодишни лични и деловни пријатели почнаа да се одалечуваат од мене, а да ми приоѓаат и стануваат нераздвојни придружници сосема нови луѓе. Кога го добив моето досие сѐ ми стана јасно. СДБ првин се обидела од кругот на моите блиски пријатели да обезбеди соработнци кои ќе ја извршат задачата за мое финансиско уништување. Службата ги инструирала луѓето од моето опкружување да се обидат да ги осознаат моите деловни врски, ги инстуирала да отвориме заеднички фирми и да влегуваме во заеднички зделки. Откако овие луѓе се покажале како несоодветни -- дали поради нивните морални вредности или поради нивните кодошки слабости -- Службата започнала да ми испраќа луѓе кои подоцна разбрав биле нејзини проверени „пријателски врски“ и „оперативни позиции“. Оваа постава на соработници успеа да ја изврши поставената задача и до 1996 година, по четиригодишно роварење по мојот бизнис -- се најдов, како што забележал оперативниот работник во моето досие, „западна[т] во моментална финансиска криза“. Судејќи според своите искуства, СДБ очекуваше дека моментот на мојата финансиска криза би можел да биде поволно искористен од нејзина страна да ми понуди спас од мојата неповолна состојба, при што јас би се согласил да станам нејзин соработник.

Така, истата 1996 година СДБ изготвила нов план во однос на мојата обработка и јас сум се здобил со статус на ДЕРЕГИСТРИРАН“. Причината за дерегистрација која е наведена во моето досие вели:

Иако беа превземени мерки и активности не беа во целост потврдени сознанијата и податоците поради кој [sic.] беше заведен ... поради што предлагаме истиот да се дерегистрира од ПО, бидејќи нема основ за понатамошен оперативен третман.


За лаикот терминот „дерегистрација“, како и образложението дека не биле потврдени сознанијата и податоците заради кои сум бил заведен, како и изјавата дека „нема основ за понатамошен оперативен третман“, сугерираат дека завршиле иследувањата, прислушкувања и репресивните мерки усмерени кон мене и моето семејство. Но, во пракса воопшто не е така. Впрочем, моменотот на дерегистрација го отпочнува клучниот период во кој се одредува вашиот понатамошен третман од Службата. А бидејќи „државната безбедност се претворила во механизам на политичка и идејна контрола врз општеството“, впрочем во овој период судејќи според вашето поведение во однос на задачите кои ви ги поставува УДБа, се одредува текот на вашиот понатамошен живот. Ако станете соработник ќе немате проблеми во бизнисот или кариерата, ќе нема да бидете санкционирани за ситните и крупните прекршоци, кражби, па и убиства, ќе добивате тендери и ќе бидете наградувани со унапредувања во политичко-општествените области. Ако одбиете -- а долгорочно можете да одбиете само ако починете или ако избегате од државата -- вашиот живот се претвора во пекол!

По речиси година и половина ескивирање и неисполнувње на задачите кои ми ги задаваше Службата притисокот дојде до преломна точка. Морав да најдам начин како да ја сопрам пресијата. Јас во тоа време сѐ уште верував дека во Македонија постои каква-таква правна држава и затоа се обидов со објава за случајот во неделникот „Денес“ да го одбијам предлогот да станам соработник на СДБ, верувајќи дека Јавното обивинителство ќе реагира по допрен глас, а невладинитие организации како Хелсиншки комитет и фондацијата Отворено општество ќе се заинтересираат за случајот и дека како производ тие ќе се ангажираат во расветлување на истиот. Но наместо акција од Јавното обвинителство, или барем некаква реакција од Министерството за внатрешни работи (чиј министер тогаш беше Томислав Чокревски, откако Фрчкоски беше прекомандуван во министер за надворешни работи), јас добив „совет“ од оперативниот работник задолжен за мојата претходна обработка, Кузман Јовановски, дека со моето излагање во весниците сум „ставил печат“ и на животите на моите деца. Молкот на Службата бил образложен во службена белешка во моето досие со тоа дека „сѐ што е преземано према [мене] како и со [мене] е во рамките на правилникот за работа на ДБК, со знаење и договор со I Управа на ДБК“. Молкот пак на НВО-ата ми стави до знаење дека и тие се всушност под контрола на Службата -- како што врпочем укажува и извештајот на Комисијата на ИС од 1966 година! Тогаш ми стана јасно и она што подоцна ми се докажа кога почнав да ги читам досиејата на УДБа: дека таа гревовите на татковците ги смета и за гревови на синовите. Набргу потоа, како производ на мојата „инертност и неискреност како и избегнување на закажаните контакти“ во „договор со I Управа на ДБК“, УДБК Куманово ги прекина контактите со мене. Но, тоа не беше и крај на репресивните мерки под кои јас заедно со моето семејство бевме изложени.

Во постдерегистрациските постапки на УДБа е најголемиот злостор. СДБ вака во досието го објаснува повикувањето на сослушување -- „информативен разговор“ -- кое довело до мојата дерегистрација:

...западнал во моментална финансиска криза која беше искористена како посебен момент за обавување и прифаќање на разговор од истиот...

Кога ќе се прочита реченицава се добива впечаток дека во поканата за информативниот разговор сум добил и кратко објаснување за тоа што ќе биде тема на разговорот, па затоа и следело „прифаќање на разговор од истиот“. А впрочем во поканата нема образложение за нејзиниот повод, туку стои дека доколку не се отповикате на поканата ќе бидете приведени! Нема да пишувам ништо за првиот разговор во кој бев испитуван за моите деловни контакти и збиднувања, како и за моите полтички гледишта, туку ќе се префрлам на еден од понатамошните разговори кој уследи после неколкумесечна пауза во контактите на инспекторите со мене, а на кој ја добив задачата која требаше да ме претвори во нивни соработник, или проверена оперативна врска -- задачата која доведе до моето излагање во „Денес“. Тука само ќе спомнам дека првиот разговор се случи во јули 1996 година, четири години по првите извештаи во моето досие, а четири месеци пред мојата дерегистрација. Во тие четири месеци по мојот прв информативен разговор со оперативните работници од УДБК Куманово, во олицетворние на заклучокот на Комисијата на ИС дека иследувањата на СДБ „немале за цел да се утврди материјалната вистина, туку по секоја цена да се докаже сомнението“, тие успеале да дојдат до заклучок дека и покрај тоа што биле превземени мерки и активностисознанијата и податоците кои тие ги имале за мене не биле потврдени! Поради тоа било „одлучено со истиот да се обави информативен разговор, по претходно изготвен предлог и конкретно изготвен план“ (одобрени од министерот за внатрешни работи), во кој разговор „во поголема мерка“ биле „потврдени сознанијата и податоците поради кои“ сум бил „заведен, а исто така Петровски ги прифати контактите со ДБК, поради што“ инспекторот предложил „истиот да се дерегистрира од ПО, бидејќи нема основ за понатамошен оперативен третман.“ Па се јавува прашањето, ако навистина во текот на моите информативни разговори со оперативните работници се потврдиле сознанијата и податоците кои Службата ги имала во однос на мене, тогаш зарем не биле исполнети условите за мој понатамошен опративен третман!? Зарем тоа не е она што Службата се обидувала да го потврди во претходните четири години од мојата обработка? Одговорот би бил „да“, доколку органите на државната безбедност навистина се занимаваа со прашања од безбедносен карактер. Но, да потсетиме, тие се механизам за корупција на народот. Или како што забележала Комисијата на ИС, „механизам на политичка и идејна контрола врз општеството“. Фактот што сум „ги прифати[л] контактите со ДБК“ (за што, како што наведов погоре, немав избор) на оперативните работници, од нивна пракса, сум им сигнализирал дека сум подготвен да сменам страна.


Она што се истакна за време на тој подоцнежен разговор на кој ми беше поставена задачата од СДБ, оперативните работници пројавија интерес за мое побарување од фирма од Бугарија кое датираше од 1993 година. Веднаш ми стана чудно зошто УБК се интересира за мое побарување од Бугарија, и тоа неколку години по настанување на долгот, како и за мојата поведена судска постапка за наплата на долгот пред суд во Бугарија.  Ми дадоа и „совет“:

„Во врска со неговиот спор со фирмата ХХХХХХ по наша иницијатива Петровски прифати да побара помош и од бугарската амбасада во Скопје“.

Ме заинтересира што е играта, што стои зад ненадејната и неочекувана грижа на УДБа за мојата финанскиска благосостојба. Проценив дека во играта можам да настрадам само јас, а јас тогаш веќе немав што да изгубам, па затоа се нафатив да влезам во интригата. Како што реков, до тој миг УДБа веќе ме уништи финансиски, бидејќи нејзините оперативни и пријателски врски ми зедоа сé! Мало признание за ова е изнесено во делот од досието што ми беше доставен: „...ХХХХХХХХХХХХ е наша пријателска врска од порано...зел роба во вредност од 1,5 милиони марки и не им дал пари“.

Затоа прифатив да го направам следниот чекор. Оперативниот работник Кузман Јовановски, со возило со цивилни таблички, ме одвезе до амбасадата на Република Бугарија. Состанокот, по инсиситрање на Јовановски, а според негово признание во службена белешка од 1998 година, „по претходно изготвен предлог и конкретно изготвен план“ и „со знаење и договор со I Управа на ДБК“, го договорив јас благодарение на убавите впечатоци кои амбасадорот Димитров ги понел од мојот ресторан кога во 1994 година тој беше гостин во истиот. (Инаку истиот Ангел Димитров денес е член на групата за таканареченото усогласување на историјата меѓу Р Бугарија и Р Македонија согласно со таканаречениот Договор за добрососедство.) Амбасадорот не беше мој личен гостин, туку го доведоа луѓе од кумановскиот театар, по изведба на претставата „Црнила“. Како што ми беше наложено од оперативниот работник Јовановски, на господинот Димитров му објаснив дека имам побарувања од фирма од Бугарија и дека водам судски спор со цел легално да ги остварам овие побарувања, и -- повторно согласно инструкциите на УДБа -- го прашав дали можам да очекувам помош од амбсадата. Амбасадорот беше многу јасен дека тоа не е возможно. Тој рече дека единствено може да го замоли економското аташе да провери до каде е и зошто е закочена судската постапка. Да го стори тоа рече дека ќе треба да му го дадам бројот на предметот во прашање. По патот за Куманово му го пренесов разговорот на оперативниот работник Јовановски, со заклучок дека нема никакви шанси да се издејствува помош преку Амбасадата. Но, Јовановски беше упорен во настојувањето на амбасадорот да му ги дадам бараните податоци. Тоа ми беше премногу нелогично и сомнително. Утредента се јавив на должникот од Бугарија и се случи чудо. Човекот кој со години ме ескивираше и постојано беше „отсутен“ кога се обидував да стапам во контакт со него, одговори на мојот телефонски повик! А, кога го прашав дали има шанси да го прекинеме спорот и да ми го плати долгот, се случи уште едно чудо. Рече дека ќе ми даде дел од парите! Бидејќи тогаш сѐ се работеше со кеш, моето следно прашање беше: каде? Дали да се сретнеме на граница или тој ќе дојде во Куманово? Одговорот беше најголемото чудо. Ќе ми ги прател парите преку „нивното посолство“, т.е. преку бугарската амбасада во Скопје. Тогаш сѐ ми стана јасно! Истовремено, заклучив дека не сум веќе загрозен само јас, туку дека во преашање е угледот на партијата ВМРО-ДПМНЕ чиј финансиер бев во првата половина на 1990тите, и затоа играта мораше да ја прекинам. Благодарение на силата која ми ја дава Господ, како и на моралните вредности со кој бев воспитан, успеав да го одбегнам она што поголемиот дел од обработуваните од УДБа не успеале да го одбегнат. Успеав да си го сочувам достоинството, образот, и секако, душата. Успеав, и покрај сите притисоци да не се скршам.


Во интерес на времето и просторот тука нема да го повторувам она што сум го изнел во текстот „ПОЛИЦИЈА И ПОЛИТИКА“, во поднасловот „ПОЛИЦИЈАТА КОНСТРУИРА НОВА ПОЛИТИЧКА АФЕРА?“ во 1998 година. Го повикувам читателот да кликне на дадениот линк со цел подобро да се запознае со збиднувањата во прашање. Во таа насока, го препорачувам и серијалот 'БУГАРСКА АМБАСАДА', СЀ УШТЕ НЕРАСЧИСТЕНА ИНТИРГА“ каде аферата е обработена претежно преку службените белешки на органите на државната безбедност.

 

Тука само ќе заклучиме дека кога сум се појавил на радарот на Службата за државна безбедност во 1992 година „[з]а неколку години од“ моето „деловно работење со лица од Р Бугарија, ДБК ... доби[ла] сознанија и податоци кои укажува[ле] дека ... се занимава[м] покрај останатото и со разузнавачка активност во корист на БНРС, насочена кон насилна промена или загрозување на Уставниот поредок и безбедност на Републиката.“ По четиригодишна тајна истрага во која биле применувани „оперативни и оперативно-технички“ „мерки и активности“, сознанијата и податоците за мене кои Службата ги поседувала не биле потврдени. Меѓутоа, бидејќи сум се повикал на безусловна покана од органите на државната безбедност, и бидејќи сум „ги прифати[л] контактите со ДБК“, инспекторот предложил „да се дерегистрира[м] од ПО, бидејќи нема[ло] основ за [мој] понатамошен оперативен третман.“ Како производ на мојата „инертност и неискреност како и избегнување на закажаните контакти“ во „договор со I Управа на ДБК“, УДБК Куманово ги прекина контактите со мене, но не им беше ставен крај на и репресивните мерки под кои јас заедно со моето семејство бевме изложени. За време на овој оперативен третман, кој започнал некаде во 1992, а не заврши сѐ до моето заминување од Македонија во доцна 2000 година (а судејќи според работите кои се случија од тогаш до сега, обработката на моето семејство е сѐ уште активна), како производ на иследувањата и психолошките притисоци и тортури од страна на УДБа го загубив здравјето, ги загубив пријателите, го загубив поширокото семејство, го загубив семејниот дом, целиот бизнис кој го изградив со сопругата и помошта на нејзиното и моето семејство, моите деца беа малтретирани, бев понижуван секојдневно, бев шиканиран и изолиран, бев протеран од партијата која ја финансирав во нејзините формативни години, добивав закани за физичко насилство кон мене и моето семејство, и конечно, јас и семејството бевме прогонети од родниот крај, и повторно и тука се наоѓаме изолирани од македонската комуна и под очигледен надзор на Службата. Во оваа смисла она што го преживеав јас со моето семејство, како што може да се види од мемоарот на Јасна Котеска, не беше уникатно во однос на она што им се случува на морално-политички неподобните лица во Македонија од почетокот на комунистичката власт, па како што гледаме, до денешен ден.

Но, која од овие непријатности претрпе Владе Милчин за време на неговиот наводен прогон од „режимот“ на Груевски под плаштот на лустрацијата? Дали беше отпушен од неговото работно место како што предвидуваа лустрациските закони, а кои беа донесени со цел да се замачкаат очите на меѓународната јавност и да се задоволи осудата на комунизмот од страна на Советот на Европа? Дали тој остана изолиран и шиканиран? Дали тој ги загуби пријателите и семејството? Дали го загуби она што го градел цел живот? Дали го загуби семејниот дом и дали беше протеран од Македонија? Дали на децата на Милчин им е оневозможено секакво учество во македонскиот општествен живот? Дали тој беше онеспособен да присуствува на погребите на неговите родители и дали е оневозможен да им запали свеќа на гробовите? Од оваа гледна точка, изгледа дека единствената повреда која ја претрпел Милчин како производ на лустрацијата е повредата на неговата надуена суета и неговата лажна фасада за голем интелектуалец и поборник за човекови права. Милчин и неговите мегафони продолжуваат да урлаат дека им биле ускратени некакви човекови права во овој период. Но, фактите укажуваат дека од сите лустрирани, кои согласно законите (2) за лустација требаше да бидат отстранети од нивните јавни функции, само еден провинцијален судија бил суспендиран шест месеци пред неговото редовно пензионирање. Значи, и во наводната хајка против нив, Милчин и неговите содружници повторно ги уживаа привилегиите на соработниците на органите на државната безбедност и ја ескивираа казната која беше предвидена со законот. За тој повторно на крајот од сето тоа да напише нов лажен наратив дека бил жртва. За среќа, фактите за соработникот Владе Милчин и останатите потврдени кодоши се лесно достапни, и затоа, иако оваа нивна лага веројатно ќе помине низ Собранието кое, како и нив, е под контрола на Службата, вистината за кодошот Милчин и останатите соработници засекогаш ќе остане на виделина.

Првиот дел: ДАЛИ СОРАБОТНИЦИТЕ И НАЛОГОДАВАЧИТЕ НА УДБА-СДБ-УБК ПО ВТОР ПАТ ЌЕ БИДАТ НАГРАДЕНИ ЗА СВОИТЕ ЗЛОДЕЛА дел I


Вториот дел:ДАЛИ СОРАБОТНИЦИТЕ И НАЛОГОДАВАЧИТЕ НА УДБА-СДБ-УБК ПО ВТОР ПАТ ЌЕ БИДАТ НАГРАДЕНИ ЗА СВОИТЕ ЗЛОДЕЛА дел II