Welcome visitor you can log in or create an account

ДАЛИ СОРАБОТНИЦИТЕ И НАЛОГОДАВАЧИТЕ НА УДБА-СДБ-УБК ПО ВТОР ПАТ ЌЕ БИДАТ НАГРАДЕНИ ЗА СВОИТЕ ЗЛОДЕЛА дел I

 Јордан и Душан Петровски 08.01.2020

Полека но сигурно се приближуваме до мигот на поништување на лустрацијата спроведена од власта на Никола Груевски за која засегнатите лајат како бесни кучиња веќе цела деценија. Засегнатите, се секако, некои од најголемите криминалци и душмани на македонскиот народ од изминатите седумдесетина години, луѓе кои граделе општествено-политички кариери кодошејќи ги, и земајќи учество во интриги против, чесните Македонци кои биле приврзаници на идејата за слободна, независна, демократска и обединета Македонија, како и на други видови на незадоволници од режимот на југословенските комунисти (кој впрочем сѐ уште управува со повеќето од бившо-југословенските простори).

Минатата недела го напишав текстот „КОЈ И ЗОШТО СЕ ПЛАШИ ОД ЛУСТРАЦИЈАТА ЗА ПЕРИОДОТ ПО 1991 ГОДИНА“ како реакција на текстот „Со нови луѓе во нова лустрација“ на режимскиот „новинар“ Зоран Иванов наменет да ја отпочне подготовката на теренот за поништување на лустрацијата и обештетување на злосторниците кои беа опфатени со неа. Како и што очекував, борецот за човекови права Џабир Дерала не го објави. Набргу по објавата на текстот на Иванов, на неговиот Фејсбук профил а потоа и со кратко интерју во ПЛУСИНФО се јави и Владе Милчин, лидерот на дружината против лустрацијата, човекот кој беше на врвот на копјето кое на мошне проблематичен начин го сопре лустрацискиот процес во 2010 година. Во овој текст ќе докажам дека Владе Милчин нема право да се жали дека лустрацијата на власта на Груевски била неправедна спрема него и останатите лустрирани, туку дека истата беше премногу мека во однос на нивното казнување за злоделата во кои тие зеле соучество и како чиј производ тие станаа водечките фигури во македонското општество, а заради кои македонската држава е на ниво на банана република. Ќе докажам дека Милчин и компанија не се жртви на процесот на лустрација, туку дека тие повторно се иживуваат со вистинските жртви на нивните злостори. Ќе докажам дека Владе Мичин бил соработник на службите на државната безбедност и дека неговото тврдење дека истите работеле според прописите на државата се апсолутна лага. На крај ќе докажам и дека неговите тврдења дека Управниот суд делувал несоодветно (под диктат на тогашниот премиер Груевски), како и тврдењето дека му биле кршени човековите права, се неосновани.

ВО 2010 година, кога со помош на етички компромитираниот Уставен суд Владе Милчин во својство на извршен дирекотр на фондацијата Институт отворено општество успеа да го „поништи“ Законот за определување на дополнителен услов за вршење на јавна функција, својата иницијатива тој ја заклучи со следниве тврдења: 

 

Создавањето на Република Македонија како држава во состав на федерална држава Југославија во 1944 година, нејзиниот полувековен развој со јасни белези и атрибути на држава, несомнено е најзначајната алка во историскиот развој на борбата за македонска современа државност.
Според тоа, органите на државна безбедност и нивните соработници, информатори работеле во согласност наведените прописи како и налозите И ПОТРЕБИТЕ НА ВЛАДИТЕ (м.з). Што е, впрочем, иста ситуација и сега!



[Image: Ustavenmilf121.jpg]

Вакво извртување на фактите не може да напише човек кој и барем малку се злага владеење на правото и редот, за градење на стабилно, транспарентно (отворено) општество, човек кој има барем грам достоинство и почит за вистината и ронка на желба жртвите на тоталитарниот комунистички систем да добијат шанса да ја докажат својата невиост а нивните џелати заслужената казна! Во следните неколку пасуси ќе го образложам ова мое тврдење.

Во член 17 од Уставот на Р Македонија стои дека:

Се гарантира слободата и тајноста на писмата и на сите други облици на општење.

Само врз основа на одлука на суд може да се отстапи од начелото на неповредливост на тајноста на писмата, ако е тоа неопходно за водење на кривична постапка или тоа го бараат интересите на одбраната на Републиката.


Доколку Уставот на Р Македонија гарантира слобода и тајност на писмата и сите други облици на општење, како е можно масовно и неограничено прислушкување на телефонските уреди, на поштата, па дури и на деловни и стамбени простории од страна на службите на државната безбедност кое би било во „согласност со наведените прописи“ на Републиката, а кое не би било работено исклучиво за „потребите на владите“? Бидејќи е лажов и кукавица, Владе Милчин никогаш нема влезено во отворена дискусија во која би одговорил на ова прашање. А бидејќи Уставниот суд кој решаваше по неговата иницијатива беше полн со поединци кои со тек на времето ќе се најдоа себе си пред лустраторската комисија и ќе ја изгубеа можноста да продолжат да го корумпираат македонското општество, истиот изуми да му го постави ова важно прашање кога имаше можност тоа да го стори. Македонските закони, како и што наведува член 17 од Уставот, во согласност со светските правосудни пракси, навистина ги уредуваат случаите каде што, за потребите на јавна безбедност може да дојде до органичено нарушување на неповредливоста на тајноста на општењето на дадени поедници за кои постојат основани сознанија дека се вклучени во противзаконски дејства. Но, овие закони предвидуваат обврска барателот на мерките кои го повредуваат начелото за неповредливост на тајноста на комуникациите да поднесе основани сомненија пред истражен судија и истражниот судија да оцени дали постои основ за издавање на решение -- налог -- за ограничено пречекорување на горенаведеното уставно право. Меѓутоа, во ниту еден случај на прогоните на политичко-идеолошката полиција -- општо позната како Служба за државна безбедност -- за временскиот период од 1945 до 2000 година не може да се најде таков налог од истражен судија со кој се одобрува органичено тајно следење на комуникациите и дејностите на извесен граѓанин.

Од друга страна, уште во 1966 година, кога како производ на аферата „Ранковиќ“ Извршниот совет на собранието на СРМ задолжил Комисија за испитување на состојбите во органите на државната безбедност во Републиката, истата утврдила дека овој систем, „бил изолован, затворен и дезинтегриран“ од претставничките тела на државата, кои „не одговараат никому“; дека се поставувале како „најодговорни, ако не и единствено повикани“ да ги заштитуваат „придобивките“ на „самоуправниот и демократски систем“; дека „некои работи и дејствија на органите на државната безбедност биле нормирани со правилници, решенија или други нормативни акти, во спротивност со Уставот и другите законски прописи“; дека „системот и методот на Службата за државна безбедност преставувале најфлагрантни повреди на уставноста и законитоста, тотална контрола на општеството, узурпација на уставните и законските права на граѓаните.“ Значи извештајот на Комисијата на Извршниот совет од 1966 година го демантира тврдењето на Милчин дека „органите на државна безбедност и нивните соработници, информатори работеле во согласност наведените прописи“. Од досиејата отворени во 2000 година увидовме дека органите на морално-политичката подобност... пардон, државната безбедност, вршеле неограничено следење на комуникациите и дејностите на поединци по предлог на началникот на Службата,  а со потпис на решение од страна на министерот на внатрешни работи, а дека нивните активности биле нормирани со правилници за работа кои не биле во согласност со законите и Уставот на Републиката. Судејќи според отворените досиеја од 2000 година, како и аферите „Дувло“, „Сина птица“, „Големо уво“, „Бомбите на Заев“, итн., повеќе од очигледно е дека доколку владата на Република Македонија спроведе нова истрага во стилот на онаа од 1966 година, заклучоците би биле речиси идентични. Впрочем тоа го наговестува и Милчин со неговото тврдење во иницијативата од 2010 година, кога вели дека „органите на државна безбедност и нивните соработници, информатори работеле во согласност...потребите на владите. Што е, впрочем, иста ситуација и сега!“

Милчин не се ни обидува да го скрие фактот дека органите на државната безбедност и тој лично како нивни соработник вршеле противзаконски злодела кои од Македонија прават масовен затвор на внатрешен план и предмет за потсмевање на надворешен, туку само се обидува сето тоа да го рационализира со аргументи кои минуваат само кај судија кој е негов соучесник!