Welcome visitor you can log in or create an account

КОЈ И ЗОШТО СЕ ПЛАШИ ОД ЛУСТРАЦИЈАТА ЗА ПЕРИОДОТ ПО 1991 ГОДИНА I

Следи моја реакција на текстот „Со нови луѓе во нова лустрација“ објавен на вашиот поратал на 26.12.2012 година.

Се надевам дека ќе ја објавите мојата реакција бидејќи јас сум еден од неколкуте десетици илјади жртви на прогонот на службите на државната безбедност по 1991 година, период кој господинот Иванов не го споменува како период кој треба да подлежи на лустрација, а и период во кој „лустрираните“ Фрчоски, Аврамовски и други, како носители на високи функции во МВР ги кршеле човековите и уставните права и слободи, а кои владата се подготвува да ги рехабилитира! Заради прогонот кој неуставно бил спроведуван кон мене во периодот 1992-1998 година во 2000 побарав, а во 2005 година добив политички азил во Канада.

Идеата која ја нуди господинот Зоран Иванов дека, „токму во името на правдата, како показ дека таа е сепак достижна“, ќе е во ред и ќе нема приговори од жртвите и од 1945 до 1991 година и од жртвите од 1991 па до денот кога повторно ќе се отворат досиејата (бидејќи сите работи укажуваат дека Службата сѐ уште си работи по старите методи), доколку Иванов е доследен до принципот на правдата!! Меѓутоа, понатаму во неговиот текст Иванов демонстрира дека тој нема желба да ја види правдата на виделина. Господинот Иванов сака да нема лустрација за периодот по 1991 година, и го напишал следново:

Општественото дистанцирање од кодошите, од соработниците на тоталитарниот период во времето на владеењето на југословенската и на републичките комунистички партии во бившата заедничка Југославија, беше и сѐ уште е нужно.

Со ваквата понуда повторно нема да дојде до никаква правда, а колумнава на господинот Иванов е само обид да се попречи вистински и целосен раскин со тоталитарниот комунистички систем! Иванов повторно ја подметнува манипулацијата од времето Груевски и лустрацијата на Стојан Андов: дека пред сѐ и над сѐ лустрацијата треба да се занимава со „кодоши“, а не со систематското прекршување на Уставот и законите на Република Македонија од страна на оние кои биле назначувани (и сѐ уште се назначуваат) за чувари на уставниот поредок. Доколку нема лустрација за периодот по 1991 година, нема да дојде ниту до исполнување на мислењето на Венецијанската комисија од декември 2012 година, кое го пренесе секретарот на Комисијата господинот Томас Маркерт кога од претставник на Комитетот за демократизација на Македонија му беа предочени доказите кои биле изоставени од писменото барање за мислење од Венецијанската комисија од страна на Уставниот суд на Македонија. А, доколку нема кривични постапки против оние кои за партиски интереси продолжиле да го подриваат законот и редот и да го продолжуваат културно-општествениот геноцид врз македонскиот народ, Македонија никогаш нема да излезе од маѓепсаниот круг на таканаречената транзиција.

Еве го делот од разговорот со Макркерт од кој постои и аудио снимка:

КРДМ: „Значи при формирањето на оваа Мислење, на Комисијата не ѝ било познато дека Службата за државна безбедност на Македонија обработувала лица при што се служела со Правилник за работа кој бил објавуван во Посебен службен весник на РМ достапен само до државните органи (меѓу кои и Уставен суд), но не и до јавноста? Притоа, при водењето на досијеата биле користени мерки како прислушкување на телекомуникациски направи и следење без обезбедување на судски налози. Дали на Комисијата ѝ е познато дека откатко беа отворени досијеата во 2000 год. Јавното Обвинителство не превзеде никакви мерки во однос на кршењето на човековите и уставни права во однос на овие досијеа? Дали ви е познато дека кривичните дела кои биле сторени во водењето на досијеата биле застарени уште при самото отворање на досиејата, при што оштетените немале можност да бараат законски лек?“

Томас Маркерт: „Тука би морал да кажам дека доколку Комисијата била запознаена со овие детали тогаш Мислењето би гласело поинаку, бидејќи во тој случај има смисла за лустрација, и покрај тоа што станува збор за период петнаесетина години подоцна. Сепак, сакам да сме на јасно дека ние даваме општи мислења, и се обидуваме да не носиме пресуди.

За да дадам доказ за тоа што го говорам, односно дека без лустрација по 1991 година нема вистинско ослободување од методите на работа на злогласаната УДБа, ќе понудам дел од досега необјавени докази. Овие докази досега не ги бев објавил од причина што ги чував со цел да ги изнесам на судењето на луѓето кои ги потпишале решенијата за мое следење, прислушкување и „претходна обработка“, т.е. да ми се отвори досие, и луѓето кои ме следеле и кои службено одработувале уредно изготвен план од службен работник на СДБ/ДБК, а одобрен од неговите претпоставени, финансиски да ме уништат за потоа да се обидат да ме купат, а до кое очекував дека ќе дојде. А, сега гледам дека кој и да победи на изборите што претстојат во 2020 година, дали Заев и Мицкоски, лустрација нема да има!!


За да го објаснам прецизно и лесно разбиливо моето тврдење за систематското прекркшување на Уставот и законите на Република Македонија ќе се послужам со РЕШЕНИЕ за примена на мерката тајна контрола на телефон донесено од Министерството за внатрешни работи на 04.05.1994 година.

 
frch-1
 
Првин да видиме што содржи членот 24 од Законот за основите на системот на државна безбедност на СФРЈ - („Службен лист на СФРЈ“ бр. 15/84 )

image
 

Значи членот 24 од Законот за основите на системот на државна безбедност на СФРЈ - („Службен лист на СФРЈ“) бр. 15/84 го овозможува прислушкувањето, кое Уставот на Р Македонија од ноември 1991 година го забранува! Односно, овозможува да се примени мерка прислушкување само со потпис на министерот, а на предлог на потсекретарот СДБ. Со други зборови, овој член од Законот за основите на системот на државна безбедност на СФРЈ, а во употреба во независна Република Македонија сѐ до 1995 година, го формализира прекршувањето на начелото за неповредливост на тајноста на средствата за општење која е загарантирана со член 17 од Уставот на Р Македонија донесен во 1991 година. Ова е олицетворение на заклучокот на Комисијата на Извршниот совет на Собранието на СРМ за испитување на состојбите во органите на државната безбедност во Републиката во 1966 година која била производ на аферата „Ранковиќ“, дека, „некои работи и дејствија на органите на државната безбедност биле нормирани со правилници, решенија или други нормативни акти, во спротивност со Уставот и другите законски прописи“, бидејќи иследувањата на СДБ „немале за цел да се утврди материјалната вистина, туку по секоја цена да се докаже сомнението“ поради што „извештаите и другите материјали што се внесувани во досиејата на одделни лица, не само што немаат карактер на безбедносен материјал, туку значат регистрација и завлегување во меѓусебните односи“ и дека „системот и методот на Службата за државна безбедност преставувале најфлагрантни повреди на уставноста и законитоста, тотална контрола на општеството, узурпација на уставните и законските права на граѓаните“. Зарем треба поголем дока дека нема суштинска разлика меѓу периодот пред и после 1991 година?


Потоа РЕШЕНИЕТО за примена на мерката тајна контрола на телефон се повикува на член 5 од Уставнот закон на Р Македонија (Службен весник на Р Македонија бр. 52/91)

Еве го членот 5 од Уставниот закон:

5
Во ехо на погоре изнесеното мислење на Комисијата на Извршниот совет на СРМ,  во членот 5, кој се нуди како оправдување за примената на закони од СФРЈ, има многу нејаснотии и контрадикторности.

Во став 2 од членот 5 се вели дека до постигање на договор меѓу суверените држави од СФРЈ, Република Македонија може да го додели извршувањето на оделни прописи на сојузните органи!!

Дали ова значи дека СДБ ја воделе органите на Југославија и затоа и биле применувани законите на СФРЈ?

Во став 3 се вели: Ако органите од став 2 на овој член прописите не ги извршуваат во согласност со суверенитетот и интересите на Република Македонија, нив ги извршуваат органите на Република Македонија.

Бидејќи примената на законите од бившата СФРЈ останало до 1995 година, дали тоа значи дека прогонот кој е правен согласно со прописите на држава за која господинот Иванов вели дека треба да има дистанцирање од нејзиниот тоталитарен период бил во согласност со суверенитетот и интересите на Република Македонија? 

А, можеби сѐ ќе било во ред ако не постоел членот 6 од Уставниот закон!

Членот 6 од Уставниот закон гласи:

6
 

Значи МВР, односно СДБ, МОРАЛЕ да го усогласат работењето на СДБ со Уставот на Република Македонија донесен 17.11.1991 година, поточно со член 17, кој  вели:

Член 17

        Се гарантира слободата и тајноста на писмата и на сите други облици на општење.

        Само врз основа на одлука на суд може да се отстапи од начелото на неповредливост на тајноста на писмата, ако е тоа неопходно за водење на кривична постапка или тоа го бараат интересите на одбраната на Републиката.

 

Понатаму, во РЕШЕНИЕТО за примена на мерката тајна контрола на телефон покрај гореспоменатите членови 24 од законот на СФРЈ и 5 од Уставниот закон, се споменува и ПРАВИЛНИК за работа на СДБ (Службен весник на Р Македонија - посебен службен весник 10/92)

МВР, продолжиле со праксата на СФРЈ и ПРАВИЛНИКОТ го објавиле во ПОСЕБЕН, односно ТАЕН, Службен весник. Ваквата објава самата по себе значи кршење на Уставот на Р Македонија! Имено, Уставот во член 52 вели дека не постои ПОСЕБЕН СЛУЖБЕН ВЕСНИК, бидејќи тајното објавување на закони и прописи е во спротивност на начелата на транспарентност и владеење на правото! 

Член 52

        Законите и другите прописи се објавуваат пред да влезат во сила.

        Законите и другите прописи се објавуваат во „Службен весник на Република Македонија“ најдоцна во рок од седум дена од денот на нивното донесување.

 

Во своите службени белешки, СДБ се повикува на тој ПРАВИЛНИК во кој е воведена нова линија на работа на СДБ - „МАКЕДОНСКИ ВРХОВИЗАМ“.

За да стане појасно за што се работи, кои лица биле прогонувани по новата линија за работа на СДБ, еве ја „дефиницијата“ за Врховизам:

Врховизам е политички правец во македонското националнослободително движење, којшто го поврзува решавањето на Македонското прашање како дел од поголемото Бугарско националистичко прашање. - Википедија

Долги години после 1945 година, УДБа, па потоа СДБ имале линија на работа Бугарски ВРХОВИЗАМ. Значи во Македонија се прогонувале луѓе кои наводно решавањето на Македонското прашање го гледале во присоединување кон Бугарија.
Драган Богдановски во свои текстови и писма го користи изразот Југословенски ВРХОВИЗАМ/ВРХОВОСТИ за оние кои се залагале Македонија да остане во рамките на Југославија!

Од овие два примера можеме да заклучиме дека името пред ВРХОВИЗМОТ означува правец -- држава -- во кој приврзаниците на тој врховизам гледале решение за Македонското прашање.

Тогаш се наметнува прашањето зошто и кого прогонувала СДБ со усвојувањето на линијата за работа МАКЕДОНСКИ ВРХОВИЗАМ? Кому му пречело решавањето на Македонското прашање со одвојување од Југославија и правење на самостојна македонска држава?? Ова е прашањето чиј одговор открива дека луѓето во самата власт и луѓето во институциите на државата биле против самостојна, суверена и демократска Македонска држава!

 

Но, да се вратам на текстот на господинот Иванов.

Вториот проблем во текстот на господинот Иванов е што тој првин бара да се обештетат лицата кои веќе се „лустрирани“ согалсно законите на Андов од времето на Груевски!

Но, што ќе се случи ако голем дел од веќе посочените/„лустрирани“ од комисијата како луѓе кои кршеле човекови права, при нова, ама вистинската лустрација -- лустрација според Резолуцијата 1096 на Советот на Европа, лустрација по судски пат -- судот со правосилна пресуда ги прогласи за виновни? Дали тогаш ќе треба да се гонат судски владата која го предложила таквиот закон и парламентот кој го изгласал, бидејќи свесно ја злоупотребиле своја службена положба за да обезбедат материјална корист за „лустрираните“? 

Затоа, ако навистина Иванов сака општеството да се „дистанцира од кодошите, од соработниците на тоталитарниот период“, кој во Македонија според непобитните докази за жал продолжил и по носењето на новиот Устав, како што вели Иванов, „токму во името на правдата, како показ дека таа е сепак достижна“ многу подобро би било да се отпочне лустрација согласно со Резолуцијата 1096 на Советот на Европа, и доколку во кривичниот закон на Република Македонија се вметне членот 7 од Резолуцијата 1096 со што би се отстранило застарување на делата. Потоа сѐ е многу лесно: оние кои судот со правосилна пресуда ќе ги прогласи за невини тогаш да бидат обештетени бидејќи ќе имаат доказ дека не биле луѓе кои кршеле човекови права и слободи, а на виновните судот ќе им изрече казни според законот!


Досиеата кои станаа достапни за увид во 2000 година се преполни со непобитни докази дека впрочем немало ни обид за раскин „тоталитарниот период во времето на владеењето на југословенската и на републичките комунистички партии во бившата заедничка Југославија“! Еден таков пример наведов погоре во текстот. Зарем од она што го псоочив само преку РЕШЕНИЕТО не станува јасно дека не се работи за злоупотреба на службена должност на поединци, туку дека се работи за систематско ползување на службите на државната безбедност, МВР, Уставниот суд и други државни институции за апсолутна тоталитарна контрола врз општеството, како во периодот пред 1991 година, така и во периодот потоа.

Зарем не е „чудно“ што авторот на Уставот од 1991 година, генералениот секретар на Форумот за човекови права, доктор по правни науки, Љубомир Данилов Фрчкоски, од септември 1992 година во улога на министер на МВР, да превиди дека ПРАВИЛНИКОТ за работа на СДБ кој го донел тој за некој месец ќе биде неважечки, да превиди дека СДБ скоро за целиот негов мандат работела неуставно, да превиди кога ги потпишувал илјадниците РЕШЕНИЈА за прислушкување дека тие решенија биле НЕУСТАВНИ! Зарем и потсекретарот Слободан Богоевски не знаел дека предлозите кои ги давал до министерот за потпис, биле неуставни?

Ајде што превиделе Фрчкоски и Богоевски ама превидел и Уставниот суд! Превиделе и Хелсиншки, фондацијата Отворено општество и другите експерти и загрозени од лустрацита кои инсистираа да нема лустрација за период по 1991 година! Зарем ова не мириса на завера?

Јордан Петровски
Комитет за демократизација на Република Македонија
Сент Катеринс, Онтарио, Канада

2 јануари 2020 година