Welcome visitor you can log in or create an account

Брзи избори за брза власт: руски рулет со здравјето

1


Професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес 17.05.2020

Брзи избори по укинувањето на вонредната состојба. Привид на нармалност во услови на пандемија, како услов да се оди на избори. Опозицијата смета дека засега нема фер и демократски услови и фокусот треба да биде на пандемијата на коронавирусот и економијата. За некого страв, за други одговорно однесување во време на смртоносна пандемија.

Заев е јасен. Очекува неговата држава „Република Северна Македонија“ да ја зграпчи првата можност кога може да оди на избори, зашто не знаеме кога ќе има втора можност. Здравје и живот за можност.

Додека обичниот живот на граѓаните е исполнет со неизвесности, додека коронавирусот ги затвори бизнисите, ги затвори границите, ги осиромаши луѓето, не присили на изолација и инфицира скоро две илјади луѓе, а смртта стана само бројка која ни ја соопштува министерот Филипче на дневна основа, брзите избори да ти биле излезно решение за ќорсокакот во кој западна македонската изборна политика. Руски рулет со здравјето на граѓаните.

Кога гледам како сериозни и секако подобро организирани држави од нашата ги одложуваат пролетните избори, на власта и’ се брза. Тоа е гласот на неодговорна политика. Како никој не го активира алармот дека пандемијата на коронавирусот сериозно се заканува на безбедноста и интегритетот на евентуалните брзи избори во јуни. И дека времето е прекратко да се спречи можната здравствена катастрофа од брзи и лошо организирани избори. Зарем стварно мислат дека можно е да се одржат брзи избори, без притоа да им се гарантира на граѓаните фер и, пред се’, безбедно остварување на нивното право на глас? Зарем мислат дека ќе можат да го аплицираат досегашниот модел на гласање во услови на пандемија? Или воопшто не мислат. Како што ми изгледа.

Како може власта да брза со изборите, без притоа да не е загрижена како да се справи со стравот на гласачите за нивно лично појавување на изборите. Зар никој таму во партијата не чита за искуствата во други држави, особено САД, каде долгите редици на гласачи кои чекаа во заштитна опрема да го дадат својот глас, активира сериозно предупредување до администрацијата за погубните последици по животите на граѓаните од едно вакво искуство. Откако имаше заразувања на местото на гласањето. Или, ние сме подобро организирани и поотпорни на вирусот од другите? Или пак нашиот страв е помал?

Која е тоа деформирана ментална политичка матрица власта да ја стави пред грижата за здравјето. Баш како што владеачката партија се однесуваше кон се’ во последниве години, така се однесува и кон изборите во време на пандемија. Се’ е сведено на импровизација и можност. Ај што од нејзиното неодговорно однесување ни ја погреба државата и историјата што ја знаеме, сега е на добар пат да стави свој личен печат и на ширењето на коронавирусот, загрозување на здравјето на луѓето и евентуално зголемувањето на жртвите од него. Како и за се’ досега, ќе му го мислиме отпосле.
Кога функционирате на ниво на политичка импровизација, не барате одговор на дилемата како ќе се изведе механизмот на политичката кампања во услови на социјална одалеченост и неможност од интерактивност. Сите типични активности на кампањата и обидите да се води политичкиот разговор со цел да се привлече вниманието на јавноста, изгледаат невозможни во време на ваква смртоносна пандемија. Тогаш, како брзите избори може да гарантираат фер и еднакво претставување на политичката понуда пред гласачите?

Зборуваат дека во ера на дигитализација и социјални медиуми старите методи на политичка кампања може да бидат бајпасирани. Зар уште има некој што сериозно мисли дека платформите за социјални медиуми, кои беа искористени како канали за дезинформации во времето на промените на власта во 2016 година, ќе имаат некое поголемо влијание во кампањата за овие избори? Ја лично не верувам, зашто не гледам дека овие платформи сега имаат нови правила и алгоритми за ограничување на дезинформациите. Со што лесно можат да создадат нови можности за заблуда на гласачите? Особено сега кога стравот од пандемијата го бликира рационалното расудување на граѓаните.

Но, еве и да сакам да верувам дека грешам, чисто само залажување е дека некоја политичка опција може да победи во ваков изборен процес, без силна операција на теренот. Без лична интеракција со гласачите. Тоа го признаваат стратезите на политичките кампањи во светот, таму каде дигитализацијата е светлосни години пред нашата. Тогаш, како планираат да ги направит изборните кампањи интерактивни за толку кратко време? Постои некое ново решение за политичкото претставување на партиите? За да се оди на брзи избори. Или, како и досега ќе го копираме српското искуство.

Владејачката партија е решена да се оди на избори по секоја цена. Како што се досега избоксува на сила, така ќе биде и со овие брзи избори. Ниту ќе видиме инвестирање во подобрувањето и прилагодувањето на изборниот процес на условите на пандемијата, ниту процесот ќе биде слободен, фер, подостапен и поинклузивен. Едноставно нема време за тоа. А, богами нема ни знаење како. И повторно власта се коцка. Се’ што можеше досега прокоцка. Само што овој пат залогот е преголем. Нашето здравје, а богами и живот.