Welcome visitor you can log in or create an account

„Бомбите“, токсичен политички коктел



1


Професор Звонимир Јанкуловски за Нова Македонија  15.05.2020

Монструозноста на политички мотивираното јавно објавување на т.н. „бомби“ или незаконски стекнати прислушувани разговори е содржана во само една реченица на специјалната јавна обвинителка Катица Јанева, во својата одбрана пред судот: „Да знаете што јас знам од тие 660 илјади фајлови, сигурно не би била тука“.
Суптилно и без малку срам е пратена пораката до мастермајндот на операцијата со „бомбите“. Дека нејзиното место не е и не смее да биде во затвор, по сѐ што знае или дознала од прислушуваните разговори. Јас би бил сериозно загрижен што може еден ваков малограѓански лик да направи со прислушуваните разговори. Веќе го најави пазарот. Што ќе биде следно: јавно алапачење ако не се испазари.

Во погрешни раце, приватните прислушувани разговори можат да бидат сериозна алатка за целење на новинари, прогон на политички неистомисленици, бизнисмени, граѓански активисти и прогон на слободниот говор. Се виде дека репресивна власт, каква што е денешнава, нема никакви скрупули да ги користи „бомбите“ за такви цели. Верувам дека тоа се случуваше во изминативе години. Специјалната јавна обвинителка го потврди тоа.

Затоа не држи забелешката на многумина дека ако не сте правеле ништо лошо зошто би требало да се грижите од незаконско прислушуваните разговори. Дека вие сте во некоја комфорна зона во која не ве допираат т.н. „бомби“. А реалноста ве потсеќа и опоменува дека не може, а да не бидете загрижени. Зашто кога ќе ви ја одземат приватноста без основани причини на сомневање за криминални активности, тогаш има претпоставка дека секој потенцијално е виновен, додека не се докаже спротивното. Извртен принцип што го промовира СЈО, во своето постапување пред судот. Каква презумпција на невиност можеш да бараш од неписмени и необразовани во правото. Кои се потпираа на развиеноста на слушниот апарат, а не на мисловниот. Затоа и немаа некој сериозен проблем правото да го стават во функција на политиката.

За повеќето демократски општества политичката злоупотреба на незаконски прибавени прислушувани разговори што произлегуваат од пенетрација во приватноста е непосредна закана од јавна репресија. Богами ја почувствувавме последниве години. Доста суптилно, мора да признам. Како поинаку ќе се објаснат, ако не како акт на репресија, непочитувањето на волјата на народот на референдумот за промена на името на државата или бескрупулозноста на власта во пазарењето со историјата на државата во име на некакви добрососедски односи.
Нашето право на приватност произлегува од идејата дека сме граѓани, а не субјекти. Оваа власт со „бомбите“ нѐ сведе на субјекти. Кои треба да бидат покорни, уплашени и подготвени да се самоцензурираат. А тоа се случува кога некој незаконски и самоволно завладеал со нашата приватност, претворајќи ја во јавен интерес. Масовното политичко воајерство беше прогласено за јавен интерес. Само кај нас и никаде на друго место. Затоа треба да бидеме уплашени. Море не уплашени, преплашени кога Катица Јанева ти била чувар на нашата приватност. Големиот брат на Орвел изгледа несмасно и наивно во споредба со неа.

Надзорот не смее да биде цел самиот по себе. А особено не за политичко пазарење. Во слободно општество, целта на надзорот треба да биде во функција да го заштитиме начинот на кој живееме, вклучувајќи ги нашата приватност, нашата слобода и нашата демократија. Но „бомбите“ на Заев не само што доведоа до ерозија на приватноста и слободата во Македонија туку ги засилија инстинктите за самозаштита кај граѓаните и радикално го сменија нивното индивидуалното и колективно однесување. Видовме како политиката ги претвори т.н. „бомби“ во алатка за нелегитимен притисок и можна лажна инкриминација. Барем во тоа не треба да се сомневаме. Имаме премногу примери од работата на специјалното јавно обвинителство за ваквата практика. Но, пред сѐ, ја имаме Катица Јанева како егземплар.

Нелегално прибавените прислушувани разговори промовираа култура на страв и несигурност во општеството. Македонија стана заробена и уценета држава од господарот на „бомбите“, македонскиот Бошко Буха. Сѐ можам да разберам, но не можам да ја разберам апатичноста во која западнавме како општество по јавното објавување на т.н. „бомби“. За тема што е клучна за 21 век, а која директно нѐ погодува сите, ние молчевме и сѐ уште молчиме. Или гледаме сеир.

Семето на злото е посеано со „бомбите“. Господ знае што сѐ ќе изрти од нив. Сигурно ништо добро. „Бомбите“ станаа нашиот токсичен политички коктел, кој ќе нѐ отруе ако продолжиме да го консумираме. А гледам продолжуваме. Нема што да скриеме, нема од што да се плашиме. Да размислиме уште еднаш, зашто сериозно имаме од што да се плашиме.