Welcome visitor you can log in or create an account

АМЕРИКАНСКИ НОВИНАР ВО 1935 г.: АТЕНТАТОТ НА КРАЛОТ АЛЕКСАНДАР НЕ Е НИШТО ПОСТРАШЕН ОД РАБОТИТЕ ШТО НЕГОВИТЕ ЖАНДАРМИ ГИ ПРАВАТ ВО МАКЕДОНИЈА

7 мај 2020 година
Редакцијата на МИЦ

Нашето истражување во архивот на Американската академија за политички и општествени науки деновиве вроди со еден интерес плод. Станува збор за четиво на американскиот новинар Џон Бејклес издадено во јануари 1935 година [The Annals of American Academy of Political and Social Science,
 Vol. 177, Radio: The Fifith Estate (Jan., 1935), pp 223-231]. Тука авторот го опишува своето искуство со припадниците на Внатрешната македонска револуционерна организација и неговата средба со раководителот на Организацијата, Ванчо Михајлов во 1929 година, и дава краток опис на бугарско-југословенската граница каде за време на неговата посета во процес била изградбата на барикадата од бодликава жица. Впечатливо е дека овој опис речиси целосно со совпаѓа со описите кои во тој период ги даваат Анри Пози („Црна рука врз Европа; Војната повторно доаѓа“) и Стојан Христов („Херои и убијци“).

 

Можеби најважното што можам го да кажам е ова: Иако за вас смртта на кралот Александар можеби делува на просто убиство; и иако можеби ви делува на само ужасен и крвав злостор кој остави мало момче без татко и со кралство со кое треба да управува, сепак би сакал да не заборавите дека, колку што е ужасен овој чин, тој не е ништо пострашен од работите што жандармите на кралот Александар ги прават во Македонија изминативе десет години.
- Политичкото убиство е грозна работа, тоа е особено страшна работа во очите на Американците; но навистина е многу тешко е да се види што друго Македонците можат да сторат, освен да се откажат од слободата, од своите права, од својата земја и да станат Срби.
- Кога ќе разберете какви се условите на југословенската граница, веројатно ќе имате малку повеќе разбирање зошто се случуваат работи како атентатот во Марсеј.
- Се приближивме кон самата границата и бугарскиот офицер го испружи стпалото кон ровот, истегајќи ги прстите, и рече: „Еве сме. Погледај таму“. Погледнав на југословенска страна и во самракот здогледав, малку подолу, како се гради ограда од заплетена бодликава жица, а во земјата пред мене, дупки ископани за столбовите кои треба да ја носат оградата.
- Можеби ќе прашате зошто една влада треба да се опкружува со вакви мерки на претпазливост. Оградата од бодликава жица е изградена со цел да се отсечат Македонците во српска Македонија од Македонците во Бугарија, со цел да се прекинат сите национални врски и да се пушти постепено да израсне нова генерација на Македонци кои ги заборавиле старите обичаи, стариот јазик и старата религија, и кои станале србифицирани.

- Додека им се негираат правните средства, ВМРО инсистира дека ќе продолжи со насилството. Во неколку наврати ВМРО има издадено проглас дека доколку ѝ се дозволат легални средства за работа, таа би делувала легално. Во интерес на сите нас е поплаките на сите малцинства на Балканот да добијат фер сослушување, и да се стори нешто за правата и маките на овие луѓе.

 

Слика: „Херои и убијци“, Стојан Христов (ИК „Мисла“, 2008)

 

МАКЕДОНСКОТО ПРАШАЊЕ
Џон Бејлес (октовмри 1934?)

НЕМА да ги дискутирам поопширните европски аспекти на Македонското прашање што произлегоа од неодамнешното убиство на кралот Александар — аспекти кои можеби многу ќе влијаат врз вашите животи, како што убиството во Сараево влијаеше врз животите на секојдневните луѓе пред дваесет години — но сакам да расправам за Македонија и самите Македонци, особено оние во организацијата која го планираше и го изврши атентатот врз кралот Александар. Се сретнав со нив во нивниот логор во 1929 година и се обидувам да ги одржувам контактите од тогаш наваму.

Можеби најважното што можам го да кажам е ова: Иако за вас смртта на кралот Александар можеби делува на просто убиство; и иако можеби ви делува на само ужасен и крвав злостор кој остави мало момче без татко и со кралство со кое треба да управува, сепак би сакал да не заборавите дека, колку што е ужасен овој чин, тој не е ништо пострашен од работите што жандармите на кралот Александар ги прават во Македонија изминативе десет години.

Македонија е земјата на север, исток и запад од Солун. Ако земете јаже долго околу стотина милји и направите круг со Салун како стожер, грубо би ја исцртале земјата позната како Македонија. Тоа е истата земја што ја наоѓаме во Новиот Завет. Тоа е земјата чијшто жител му се јави на апостол Павле во визија и му рече: „Дојди во Македонија да ни помогнеш“. Од тогаш до сега, Македонија не знае за мир, со можен исклучок за време на Големата војна, кога се најде зад германските линии, а воената полиција одржуваше ред. Македонците се многу слични на Бугарите. Тие зборуваат дијалект што е разбирлив за секој Бугар и имаат приближно иста цивилизација; а немојте да се залажувате, на Балканот има многу цивилизација.

 

ПО МИРОВНАТА СПОГОДБА

По мировниот договор, Македонија беше поделена на три дела. На Грците им беше дадено морското крајбрежје, Југословените зедоа скоро сѐ што остана, а на Бугарите им беше дадена една мала област околу Петрич. На Македонците веднаш им стана јасно дека смената господарите била на  полошо. Им беше забранета употребата на мајчиниот јазик; им беше забрането да вршат богослужба на својот јазик; им беше забранет печат на својот јазик; им беше забрането правото на слободно и мирно собирање; и беа ставени под контролата на околу осумдесет илјади српски жандарми.

Конечниот удар беше услов што за Американецот секогаш да изгледа гротесктен, што делува на нешто за кое нема потреба за големи превирања, но е горчлива работа на Балканот. Луѓето беа принудени да си ги променат своите презимиња од македонско-бугарското „ов“ во српскиот „овиќ“. За еден Американец, претпоставувам дека тоа изгледа тривијално; а сепак, доколку се најдете присилени да го славите Бога на српски, и доколку ви се забранат весниците на англиски и доколку сте принудени вашите имиња да завршуваат на „овиќ“, претпоставувам дека би имало големи нереди во Филаделфија. Знам дека доколку јас бев принуден да си го сменам презимето во „Бејклесовиќ,“ мојата реакција би била мошне драстична. Можеби е ситница, но има големо значење.

Се разбира, постои расправија во однос на тоа што навистина се овие луѓе. Србите велат дека сите без сомнение се Срби. Пред неколку години ја посетив Мекедонија за да видам дали луѓето навистина се Срби. Она што го видов беше жандарм на секоја железничка станица, и полициска контрола толку строга, што службеници на тајните служби ме следеа на секој чекор. Кога стигнав до мојата дестинација, жандармите ме држеа на испит цели триесет минути. Тоа ми се чинеше како достоен доказ дека нема посебен ентусијазам во таа земја за српската власт. Зошто инаку би биле потребни сите мерки на претпазливост на полицијата? Во Филаделфија не ни е потребна армија од тајни служби, не ни требаат осумдесет илјади жандарми и не ни треба полицаец на секоја желзничка станица за бидеме добри Американци. Тоа е затоа што сакаме да сме Американци. Верувам дека ќе бидат потребни многу повеќе жандарми од тоа да нѐ претворат во Срби; не дека има нешто лошо во тоа да човек да е Србин, но едноставно не сакаме да бидеме Срби.

 

ВМРО И НЕЈЗИНИТЕ МЕТОДИ

Во старите лоши турски дни, Македонците, како и сите други балкански народи, се впрегнаа во интрига чија цел беше слобода. Тие основаа организација која е позната како Внатрешна македонска револуционерна организација, а која е позната низ цела Европа како ИМРО. Зборот „ВМРО“ е име на ужас — или име на надеж, зависно од тоа на која страна стои поединецот, од Солун до Марсеј. ВМРО тврди дека е легитимната влада на Македонија, затоа што верува дека е застапник на македонскиот народ.

Ако ВМРО навистина го застапува македонскиот народ, тогаш е тешко за Американците да спорат со нејзината гледна точка. Таа е револуционерна влада. Како што Иван Михајлов, нејзиниот вожд, ми рече пред пет години, кога го сретнав во неговиот планински логор (и тој тоа го рече прилично гордо), „Ние сме влада, но секако дека сме илегална влада, впрочем, ние сме илегални секаде“. ВМРО одржува своја армија, свои правни судови, свои извршители (како што видовме) и своја тајна служба — и исклучително ефикасна, чијашто ефикасност и самиот ја искусив. Организацијата имаше назначено човек да внимава на мене десет дена, и тој, мислам, беше единствениот таен агент што никогаш не успеав да го фатам. Секако, не можам да бидам сигурен во тоа, од причина што човек обично не знае кога некој не успеал да фати човек на тајните служби.

Атентатот врз кралот Александар е кулминација на серија од осум обиди од пролетта 1929 година. Доколку сакате, можете тој чин да го наречете атентат, но тоа не е атентат во истата смисла како што го толкуваме тој термин тука. Како прво, ВМРО е сосема искрено терористичка организација. Таа се залага да се служи со терор, сè додека не ја направи Македонија доволно непријатна за странскиот окупатор да се одрече од неа. Меѓутоа, таа делува согласно на она што го смета за највисоки можни принципи. Никој, освен во најголема вонредна состојба, не се убива сè додека не се добие фер судење. Рака на срце, ретко кога оптужениот е присутен на својот судски процес. Има случаи кога жртвите на ВМРО биле присутни на своите судења, но не може да се рече дека биле особено расположени да бидат таму.

Понатаму, ВМРО обично не го задава смртниот удар сè додека проспективната жртва не добие предупредување и шанса да си го промени поведението. Доколку осудениот одбие да го прифати предупредувањето, тој добива второ предупредување, а потоа, како трет чекор, се исполнува смртната казна. Смртната казна е единствената казна која организацијата може да ја спроведе. Раководството, кое е во постојано бегство, само со смртен удар може да го направи почувствувано своето присуство. Поблаги казни се вон неговите капацитети. Може да ви се допаѓа тоа или не, можете тоа да го аплаудирате или не; но ако сакате да ја ослободите вашата земја, тоа е единственото нешто што можете да го сторите.

 

ПРИМЕРИ НА ТАКТИКИТЕ НА ВМРО

Можеби е полезно да ви раскажам за некои други епизоди од ист вид што ги спроведе ВМРО, за кои е многу горда. Последното нешто што ми го кажа г-дин Михајлов пред да си заминам од неговиот логор беше: „Само момент, да Ви раскажам за славното убиство кое го изврши мојата сопруга“.

Си бил некој Руманец по име Паница, кој го заслужил непријателството на ВМРО благодарение на низа престапи. Осумнаесет години организацијата се обидувала да го ликвидира, без успех. Тој бил човек со извонредна снаодливост и генијалност. Во една прилика, револуционерната организација го иследила до куќата каде што преноќувал. Во текот на ноќта револуционерите скришум се доближиле до куќата со цел да ја бомбардираат, и ја разнесле на парчиња. Кога возбудата замрела и ВМРО си заминала, Паница излегол од купче сено, каде мадро ја минал ноќта и си заминал, совршено безбеден. Тогаш организацијата ја ставила госпоѓа Михајлова на неговата трага, и таа го лишила од својот живот.

Пред неколку години се случи убиството на мојот пријател, Симеон Евтимов, кој беше еден од најсјајните пропагандисти во историјата на организацијата. Тој беше човек на ВМРО задолжен за Друштвото на народите; тој беше главниот човек на организацијата за нејзината пропагандна дејност во Европа; а во несреќен час беше свикан во Бугарија да продолжи со пропагандата таму. Како и секој припадник на ВМРО, него го демнеше опасност на секој чекор, и затоа тој се движеше во придружба на телохранител. Еден ден, додека минуваше покрај Кралската палата во Софија, мажи облечени како ловци отворија оган врз него од паркот. Евтимоф беше убиен, но не падна без борба, а неговите убијци беа хоспитализирани со тешки рани.

Бугарската влада знаеше, се разбира, дека ВМРО ќе го одмазди убиството на својот деец, и стори сѐ да спречи ликвидација на убијците. Властите ја преплавија болницата со полицајци и тајни служби, поставија стражари на секоја врата и секој прозорец. Но, не знаеја дека медицинската сестра која ги негуваше убијците беше агент на ВМРО. Михајлов ѝ достави пиштол, и младата Бугарка го стокми својот пациент, му ја намести перницата, а потоа го застрела. Таа сега ја издржува својата затворска казна, но чувствува дека ја извршила својата должност за Македонија.

Навистина, за Американците е мошне тешко да го разберат македонското поведение; но можеби треба да се запрашате: „Што друго им преостанува на овие луѓе?“ Мировните спогодби предвидуваат малцинствата во сите земји, вклучително и балканските, да имаат право на слободна употреба на мајчиниот јазик, на слободен печат и на можност за доставување поплаки до Друштвото на народите. За време на целата оваа крвава борба сите овие права му беа ускратени на македонскиот народ. Како резултат, тие прибегнаа кон единствените средства што им останаа достапни. Политичкото убиство е грозна работа, тоа е особено страшна работа во очите на Американците; но навистина е многу тешко е да се види што друго Македонците можат да сторат, освен да се откажат од слободата, од своите права, од својата земја и да станат Срби.

 

ДОГОВАРАЊЕ ИНТЕРВЈУ

Сакам да ја опишам точно организацијата, земјата за која се бори, како и условите против кои се бунат Македонците. Заминав во македонските планини во 1929 година во обид да се сретнам со господинот Михајлов. Задачата да се изврши интервју со револуционерен поглавица не е лесна. Тој има многу причини да одбегнува средби со неидентификувани странци, зашто неговиот живот секогаш е во опасност. Не се сомневам дека му беа потребни неколку часа за да се увери дека не сум најновата иновација во политичките атентати. Досега никој не ангажирал американски атентатор, па затоа ползувањето на една таква новина би била мошне мудра такткика. Сепак, јас не бев атентатор. Всушност, никогаш не сум бил политички убиец — барем не сѐ уште.

Поминав десет дена чекајќи во Софија, а секој трети ден доаѓаше да ме посети припадник на организацијата, секогаш различен човек. Конечно, на одредениот ден ме посети еден човек, кој кога влезе во мојата просторија се насмевна и рече: „Дојде време за Вашиот мал излет“. Бидејќи не знаев до која мера чикагашкиот сленг навлегол во Бугарија, одговорив со извесен треперет: „Колку ќе трае овој мал излет?“ Мојот бугарски пријател повторно се насмевна и рече: „Мислам, дваесет и четири часа“. Ми олесна кога дознав дека оваа патување нема да е во вечноста. Прашав: „Што треба да сторам?“ Тој одговори: „Сакам да застанете пред хотелот во седум часот утре наутро, и нешто ќе се случи“.

Во седум часот изутрината додека чекав пред мојот хотел, еден господин чие име е подобро да остане неспомнато, а кое не и онака не би го разбрале, наиде од зад зградата и рече: „Дали сте спремни?“ Реков, “Да”. Тој рече, „Ајде“. Тргнавме на нога зад хотелот, каде нѐ пречекаа тројца мажи со голем автомобил. Едниот беше револвераш. Револверашите се универзални. Овој можеби пристигнал директно од Чикаго. Ја имаше истата грозоморна гримаса, истата набиена градба и истата испакнатост над џебот на колкот како чикашките ганстери. Вториот беше шовер, и конечно (ова е типично за ВМРО), случајно на Американецот да не му биде досадно за време на патувањето, за да не седи со празни раце, третиот беше универзитетски професор кој зборуваше германски чија должност беше да ме забавува.

 

ПАТЕШЕСТВИЕТО

На можеби дваесетина милји од Софија, автомобилот наеднаш застана откако ни кренаа рака две непознати лица. Револверашот се насмевна благо, излезе, плескајќи го џебот на колкот и се врати назад. Нашиот автомобил не застана веднаш, туку продолжи да јури уште некои стотини јарди, вон пиштолски дострел. Паднаа големи муабети. Тогаш двајцата ни се приближија и јас го прашав мојот водич: „Кои се овие момци?“ Тој рече: „Тие се наши пријатели, пријатели на прошетка“. До ден-денес не знам кои беа тие двајца, но не верувам дека биле на прошетка во шумата во десет часот наутро.

Петнаесетина милји подоцна колата повторно наеднаш запре, овој пат крај еден одводен канал каде што стоеше друга кола со нов револвераш и нов водич, а мојата дотогашна екипа рече: „Ајде, излези“. Излегов, тие се ракуваа топло и ми рекоа: „Збогум. Тука ние те напуштаме“. Тие исчезнаа, а јас останав сам среде Балканскиот Полуостров, со тројца апсолутни странци. Го продолживме патешествието со новата кола, и иако тогаш не бев свесен, подоцна открив дека човекот кој внимаваше на мене или од мене, според потребите на случајот, навистина беше исклучок меѓу револверашите. Тој беше одбран од личната гарда на Михајлов за прво да се згрижи за мојата безбедност, а второ да го оцени моето поведение. Драго ми е да ви кажам дека моето однесување целиот тој ден беше исклучително примерно.

Претпоставував дека ќе одиме во планините на коњи. Кога стигнавме до една куќичка, чиј двор беше ограден со јаболчици толку густи што не се гледаше низ зеленилото, мојот водич рече: „Ајде, излези. Тука ќе си ги истегнеме нозете“. Направив мала прошетка од едниот крај на оградата до другиот. Мојот телохранител, земајќи ја мојата чанта, рече: „Дозволете ми да ја носам Вашата торба“. Реков, „Не се мачете, не ми е тешко.“ Тој рече: „Дозволете-ми-да-Ви-ја-носам-торбата“. И, реков: „Многу љубезно од Вас. Повелете, земете ја.“

Мислев дека чекам да се спремат коњите, додека се разодував покрај оградата, кога одеднаш дотрча еден селанец и отпочна лавина на бугарски која не можев да ја следам. Нѐ однесоа во дворот, и одеднаш се повлече настрана гранката од една јаболкница и од другата страна излезе самиот Михајлов. Тој е прочуен по своите драматични влезови и излези, а прочуен е и по тоа што интервјуата ги дава само во длабочината на македонските гори.

Ова е човекот што европскиот печат би сакал да го сметате за обичен касап. Мијалов несомнено еден од најнемилосрдните поединци во Европа, но тој  е таков само кога неговата влада тоа го налага.

 

ВНИМАТЕЛНО ЧУВАН

Го минав целиот ден во разговор со Михајлов. Во еден миг, додека одевме, погледнав зад рамото и срцето ми застана. Зад мене стоеја осум или девет одберени политички атентатори. Тие беа најдобрите поединци во организацијата, избрани за личната гарда на Михајлов. Сум видел солидни војници за време на мојата кариера, но никогаш не сум видел подобри од момците кои тогаш стоеја зад мене. Само едно нешто ме збуни. Нивните лица беа мошне бели, лицата на граѓани; а сепак тие очигледно беа мажи во зенитот на физичка кондиција, свикнати на најнапорниот вид селски живот. Ситуацијата ме остави љубопитен, па прашав зошто е тоа така. Михајлов се насмевна и рече: „Па, видете, ние постојано се криеме од сонцето, се движиме само ноќе“. Ова дава поим за тоа каков е животот на еден комитаџиски вожд — човек кој беше предмет лов, кој не можеше да престојува повеќе од две ноќи на едно место дури и пред пучот во бугарската влада да го направи бегалец.

Разговаравме за Македонското прашање, што е неговото значење, што прави ВМРО и што може да се стори. Додека разговаравме, погледнав ненадејно, и по трет пат тој ден срцето ми застана, зашто пред мене, низ јаболкниците, се направи мал отвор, а преку отворот се појавија главата и рамениците на вооружан стражар, со пушката на готовс; не вперена, туку само на готовс. Тој внимаваше на Михајлов, но не беше свртен кон југословенската граница која беше неколку милји од нашата позиција; туку на внатре, а муцката на пушката непријатно беше насочена кон мене. Немаше ништо наметливо во тоа, ништо што би било забележано од просечен цивил, но нешто и тоа како воочливо за воено обучен човек.

Попладнето имав уште едно ужасно стапосување. Додека се стоевме на балконот, разговарајќи, погледнав на патот и здогледав пешадиски вод како се движи во наша насока. Му реков на Михајлов: „Зарем не е мудро да се скриеме?“ - „Зошто?“, ме праша тој. „Заради оние момци?“ Се чувствував најмногу несреќно. Бев вон законот, немав никакво право да се наоѓам каде што бев. Никој не знаеше каде сум. Бев невооружен. Гледајќи под грмушките ги видов комитаџиите подготвени за акција, а војската маршираше кон нас. Но, во тој миг не можев да смислам што да правам, и оттогаш не успеав да смислам што би можел да сторам, па не направив ништо. Водот радосно мина крај нас, а комитите лежеа под грмушките, додека Михајлов и јас продолживме со нашата дискусија. Ништо не се случи.

 

ВОЈНИЦИ

Кога сѐ се заврши и се подготвувавме да си одиме, Михајлов забележа како љубопитно гледам на неговите војници. „Дали сакате да направите инспекција на нашите војници?“ ме праша тој. „И тоа како“, одговорив. „Па, ајде да слеземе“. Слеговме, и комитиџиите, кои беа исто толку заинтересирани да сретнат Американец, како што јас бев во нив, и кои ме сметаа за понепознат предмет одошто јас нив, се собраа околу мене. Михајлов ги раскина бандолерите и ми ги покажа малите бомби кои ги приозведува ВМРО за прилики како атентатот во Марсеј — иако тој конкретен атентат се изврши со пиштол. Забележав дека бомбите, исто како бомбите на редовни држави, го носат печатот на владата која ги произведува, „ИМРО“; или на бугарски, „ВМРО“. „Дали е ова дискретно?“ го прашав вождот. Михајлов благо се насмевна и рече: „А, да. Ние сакаме јавноста да знае чии се бомбите“.

Тогаш медицинскиот офицер ми посочи огромна рана на образот на еден војник, стара лузна. И со тој невин професионален ентузијазам кој се чини е својствен на медицинскиот персонал од секоја народност, се насмевна серифично и рече: „Тоа е мое дело.“ Тогаш комитаџиите почнаа да приоѓаат од сите правци, кревајќи ги ногавиците на панталоните и ракавите на палтата, покажувајќи ги своите војни лузни — сите освен еден сиромав другар кој стоеше настрана и наивно гледаше додека некој не посочи кон него и сите почна да се смеат. Прашав за што е смеата. „Ох“, рекоа тие, „тоа е Димитар - тој е со нас со години, но никогаш не бил ранет. Зарем тоа не е шега?“ И падна голема срдечна балканска смеа.

Кога излегов од логорот, сакав, како што би сакал секој новинар, да седнам на машина за пишување што е можно побрзо. Го прашав мојот стражар: „Можеш ли да ме ставиш на следниот воз за Софија?“ „Не, не верувам дека ќе сакате да си одите така брзо“. И јас, како Американец и многу глупав, реков: „О, да, и тоа како. Морам сега право да седнам на машина за печатење.“ Тој рече: „Не, не, не. Има уште многу работи што сакаме да Ви ги покажеме. Подобро ќе биде да преноќите тука.“ И реков: „Во ред. Подобро да преноќам тука“. Останав таму ноќта, и повторно однесувањето ми беше беспрекорно. Разберете, јас не бев затвореник. Никогаш во животот не сум бил подобро угостен одошто тогаш. Јас бев гостин — се додека сум моето поведение беше примерно. Не открив каде отиде мојот чувар. Без сомнение, тој бил некаде надвор, наблјудувајќи, прво дека сѐ ми е втокмено, и второ дека се однесувам коректно. Во меѓувреме, се разбира, Михајлов некаде во ноќта ја менуваше својата положба. Во политичката интрига на Балканот секогаш постои шанса за предавство и тој беше свесен дека не треба да си поигрува со судбината.

 

ЈУГОСЛОВЕНСКАТА ГРАНИЦА

Доцна попладнето ме одведоа на југословенската граница. Кога ќе разберете какви се условите на југословенската граница, веројатно ќе имате малку повеќе разбирање зошто се случуваат работи како атентатот во Марсеј. Тргнавме со кола и по патот го собравме месниот претставник на ВМРО. Неколку милји подалеку го собравме месниот претставник на бугарската армија. Се возеа по планинската патека прегрнати, и тогаш сфатив дека армијата во тоа време не спроведуваше лов на ВМРО како што тоа е случајот денес. Денес, се разбира, по превратот во бугарската влада, владата на Георгиев навистина го лови Михајлов и го истера од земјата.

Тогаш дојдовме длабоко во планиските гори до последната мала гранична караула, во придружба на бугарски пешадиски капетан. Пријдовме до еден мал ров, широк шест инчи [15 цм] и длабок три или четири инчи [10 цм], ископан меѓу двете држави. Од нашата страна имаше бугарски стражар, од другата југословенски, со пес заврзан на жица покрај бугарскиот стражар. Зад малата караула, телеграфски жици се протегаа до позицијата на бугарски полк кој се протегаше на преку четириесет километри, а покрај жиците, стоеше светилник во случај непријателските војници за време на ноќта да ги пресечат жиците.

Се приближивме кон самата границата и бугарскиот офицер го испружи стпалото кон ровот, истегајќи ги прстите, и рече: „Еве сме. Погледај таму“. Погледнав на југословенска страна и во самракот здогледав, малку подолу, како се гради ограда од заплетена бодликава жица, а во земјата пред мене, дупки ископани за столбовите кои треба да ја носат оградата. Имам изградено доволно барикади за да препознам една кога ќе ја видам. Му реков на мојот водич: „Сакаш ли да кажеш дека оваа граница е затворена?“ - „Па не, не е затворена, само што не смееме да ја преминеме.“ Она што тој сакаше да каже е дека југословенската влада, пред еден месец или два, ја прогласи границата за отворена, но и покрај тоа, нејзиното преминување останува забрането.

Намирисувајќи статија, реков: „Па, јас имам уредно визиран американски пасош во џеб. Ќе одам да ја минам границата и ако ме вратат, дотолку подобро. Тоа е вест“. Ме погледнаа со еден од оние изрази на лицето на кои се навикнува Американецот на Балканот. „Изгледа дека не разбирате. Американците никогаш не разбираат. Во ендекот земаме документи од трупови“. - „Што сакаш да кажеш?“ прашав. „Па, прстите на нозете Ви се на граничната линија. Еден чекор на напред и оној граничар онде ќе пука на Вас“.

Сега, основен принцип на угледното новинарство, како и на школството, е дека секоја изјава мора да биде проверена. Но, овој пат дозволив изјавата да мине неверификувана и го зедов зборот на мојот во информант. Кога се вратив и имав прилика да разговарам со луѓе кои ја познаваа земјата подобро од мене, веродостојни луѓе, ги запрашав околу границата и одговорот беше: „Сосема точно. Уште еден чекор и сега би бил на оној свет“. За среќа, тоа беше ден кога бев на најпримерно поведение и ништо не се случи.

 

УСЛОВИТЕ КОИ ПРЕДИЗВИКУВААТ РЕВОЛТ

Можеби ќе прашате зошто една влада треба да се опкружува со вакви мерки на претпазливост. Оградата од бодликава жица е изградена со цел да се отсечат Македонците во српска Македонија од Македонците во Бугарија, со цел да се прекинат сите национални врски и да се пушти постепено да израсне нова генерација на Македонци кои ги заборавиле старите обичаи, стариот јазик и старата религија, и кои станале србифицирани.

Можеби тоа ви дозволува да видите какви се условите во таа земја. Веројатно тоа ви овозможува да видите зошто се случуваат работи како атентатот во Марсеј. Јас не го оправдувам атентатот, како што реков на почетокот. Мислам дека убиството во Марсеј беше ужасна работа. Но, откако ја посетив земјата на полицијата на кралот Александар, и кога видов како карпи од луѓе пребледуваат и се тресат само на предлогот да пренесам порака на нивните мајки во Македонија, знаејќи дека нивните семејства ќе бидат посетени од полицијата, затварани, веројатно и малтретирани, поради тоа што им била донесена пријателска порака од страна на американски посетител, мислам дека има нешто да се каже во полза на ставање крај на ваквата ситуација на Балканот. Едно е сигурно — револуционерната организација не е растурена. Михајлов е протеран од Бугарија; Кирил Дрангов е уапсен; Владо Георгиев [Черноземски], извршителот на убиството во Марсеј е мртов. Сега не можат да се најдат припадниците на ВМРО во Бугарија; но сигурно ги има. Штом ќе се смени власта, тие ќе се вратат. Дејноста на ВМРО ќе продолжи. Ќе има нови атентати и секој од нив во себе ќе ги носи микробите на „ново Сараево“. Ако кралот Александар беше убиен на италијанско тло, сметам дека можеби веќе ќе бевме во нова светска војна.

 

ОБРАТНА ПРЕДВОЕНА СИТУАЦИЈА

Конечно, би сакал да ве потсетам дека сегашната состојба во Македонија е едноставно ситуацијата од 1914 година во Австро-Унгарија, во реверс. Во 1914 година, Србите од Австро-Унгарија беа угнетувани од австриската власт, што предизвика основање на националистичко движење во Србија чија цел беше олеснување на нивната состојба. Нивната организација беше иста како ВМРО. Тогаш се викаше Црна рука. Подоцна беше заменета со друга организација наречена Бела рука, а изреката на Балканот е дека Белата рака фрла црна сенка. Српската организација со која кралот Александар своевремено беше сојузник, изврши многу убиства, но едно ја прели чашата. Се тврди дека кралот Александар се повлекол од организацијата пред сараевскиот атентат. Тоа, барем, е тврдење на трезен историчар како професорот Сидни Феј. Нема сомнеж дека кралот Александар едновремено беше многу заинтересиран во работата на Црна рука и придонесуваше кон нејзината дејност.

Тогаш Србите делуваа кон ослободување на своите угнетени сонародници. Се обидоа да ги ослободат со терористички напади. Убиството во Сараево не беше единствено, туку беше последно во цела серија на убиства. Но, како што се случи, убиството дојде во погрешно време дипломатски, а производот беше Светската војна.

Денес, Србите во Југославија се хегемони. Сега тие се господарите. Како што, за жал, е случајот со сите нации, во моментот кога станаа хегемон, тие станаа угнетувачи. Србите ги толчат Македонците и Хрватите исто како што беа толчени самите тие. Се чини дека германскиот филозоф Хегел бил во право кога рекол дека историјата нѐ учи само дека луѓето не учат ништо од историјата. Денес ја повторуваме ситуацијата од 1914 година. Пред нас постои многу сериозна опасност од која порано или подоцна ќе видиме уште еден атентат како оној во Марсеј, кој ќе го има истиот фатален резултат како оној во 1914 година.

Колку што можам да согледам, не постои можен излез од ситуацијава освен да се спроведе едноставна правда за овие луѓе — на Хрватите, Македонците и на сите други малцинства кои сакаат да поднесат поплаки пред Друштвото на народите да им се дозволи да го сторат истото. Во моментов, Југославија е во сојузништво со Франција. Франција е доминантна во Советот. Не постои можност за петиција за малцинствата. Додека им се негираат правните средства, ВМРО инсистира дека ќе продолжи со насилството. Во неколку наврати ВМРО има издадено проглас дека доколку ѝ се дозволат легални средства за работа, таа би делувала легално. Во интерес на сите нас е поплаките на сите малцинства на Балканот да добијат фер сослушување, и да се стори нешто за правата и маките на овие луѓе.


Џон Бејклес е асистент професор по новинарство на универзитетот „Њујорк“ и соработник на публикации на колеџот „Сара Лоренс“. Тој работел како уредник на „The Living Age“, главен уредник на „Форум“ и литературен советник на „The Independent“. Тој е автор на „Економските причини за модерната војна“ (19 21); „Потеклото на следната војна“ (1926); и „Изработка на списанија“ (1931). Тој е соработник на уредникот во „Scholastic and Town Crier“ и беше уредник на „Извештајот за тркалезни маси и придружниците“ при Политички институт „Вилиамстаун“, 1932 година.