Welcome visitor you can log in or create an account

„БУГАРИТЕ“, САРАФОВ, АЛЕКСАНДРОВ И МИХАЈЛОВ БАРАЛЕ АВТОНОМИЈА И ЗА МАКЕДОНЦИТЕ ВО БУГАРИЈА

Јордан Петровски 03.09.2019

Позицијата на Македонците во Софија, на пример, е аналогна на онаа на Евреите во Њујорк Сити.
Тие го претставуваат ’рбетот на економскиот живот на главниот град. Најважната личност во речиси секоја дејност веројатно е Македонец или барем половина Македонец.
Луѓето се фалеа со македонската крвна линија небаре таа ги удостојуваше со посебен благослов. Претседателот на бугарскиот ПЕН Клуб, Александар Балабанов, е Македонец роден во истиот град како и Иван Михајлов, Тодор Александров и повеќе од половина убијците, вклучително и оној на кралот Александар.
Најпознатиот бугарски хирург, д-р Александар Станишев, е роден во Кукуш, родниот град на Гоце Делчев.
Во 1928 година, деветмина од единаесетте бугарски ополномоштени амбасадори во странските главни градови, заедно со оној во Вашингтон, беа Македонци, како и премиерот, Андреј Љапчев. Македонските иселеници во Бугарија се организирани во братства и се поврзани во национална организација со извршен комитет познат како Македонски национален комитет во Софија.
Постојат шестотини различни македонски организации во Бугарија. Освен братствата, од коишто безмалку сите ги носат имињата на градовите, гратчињата и селата, од коишто нивните членови се иселиле во Бугарија, постојат и Сојузот на македонски жени, Сојузот на македонската младина, Илинденската организација, составена од ветерани на Илинденското востание, студентскиот сојуз „Вардар“, Македонскиот научен институт (еден вид на Македонска академија) и редица други економски кооперативни организации, од коишто сите, без разлика на нивната природа, го имаат како освновен мотив гаењето и унапредувањето на македонизмот и националниот идеал. Ова се, се разбира, легални организации, но тие се морално и голем дел од нив материјално, обврзани кон револуционерното друштво. Уставот на бугарската држава ги признава како поданици сите граѓани без разлика каде се родени или под чија државна јурисдикција.
Бугарин роден во грчка Македонија и поданик на Грција е теоретски бугарски поданик и станува таков во практика, без никакви формалности, штом стапне на бугарска земја. Така што тие половина милион иселеници, коишто си го користат своето право на глас, заедно со своите браќа од Петричката област, сочинуваат огромен блок којшто ниедна партија не може да го игнорира, особено не една држава (мала како Бугарија) каде што се застапени дваесет кандидатски листи на гласањето.
А ако тие виорни Македонци, со нивната вооружена ВМРО која ги поддржува, ја имаат половина армија на своја страна, ниедна софиска влада што се впуштила во антимакедонска политика не може да трае повеќе од дваесет и четири часа. ... Михајлов се покажа како мошне способен државник и револуционер што, колку поневозможно му беше да го одржи револуционерниот живот во грчкиот и југословенскиот дел на Македонија, толку појасно ги исцртуваше формите на една македонска држава која ќе сообитува со царството на кралот Борис.
Бугарите најпосле си ги протрија очите и видоа дека македонското движење за автономија, коешто го беа поттикнувале, откако не успеа да оствари напредок во деветте десетини од Македонија што беа под Грција и Југославија, ја беше остварило својата цел во едната десетина што ја поседуваа. Тие ќе продолжеа да си ги ставаат главите в торба и ќе ги толерираа комитаџиите ако овие се беа свеле на Петричката област, но „империјата“ на ВМРО се прошири во секое ќоше на кралството. Во секое бугарско гратче или поголем град каде што постоеше македонска организација (а вкупно имаше шестотини) беше присутна ВМРО.
Македонците создадоа состојба на двојност во државата. А тоа претставуваше вистинска опасност за земјата. Откако не успеаја да ги ослободат своите македонски браќа и да се обединат со нив под една влада, Бугарите беа желни да им помогнат во нивната борба за автономија, но спогодбата не значеше и дека Македонците да можат да ја воспостават својата автономија во рамките на самата Бугарија. Нема да претерам ако кажам дека во изминатите петнаесет години Бугарија беше двојна држава, Македоно-Бугарија. Кралот Борис и кралицата во повеќе од една пригода ќе беа за малку прегазени од забрзаниот автомобил на македонските револуционери.

Извадок од книгата „Херои и Убијци“ од  Стојан Христов

Дилемата која оваа писание на Христов ја предизвика кај мене е во тоа што ако Македонците биле Бугари од географската област Македонија, тогаш зошто тие МАКЕДОНСКИ бугари барале автономија во самата Бугарија, зар тие не биле Бугари. За прв пат среќавам луѓе со исти етнички корени да бараат во сопствена држава автономија за да се оделат од истиот етнос!!?? 
Автономија во рамки на една држава секогаш бараат граѓани кои се со различни етнички корени од другото население!!

Да се вратам на текстот на Христов, особено на дел реченица:

но спогодбата не значеше и дека Македонците да можат да ја воспостават својата автономија во рамките на самата Бугарија.

Дали неприфаќањето на барањето за автономија за Македонците во Бугарија е причина за судирите и конечно забраната на ВМРО од властите на Бугарија??