Welcome visitor you can log in or create an account

МЕЃУ ЦРВЕНАТА SВЕЗДА И ЦРНАТА КОШУЛА

 

Во пресрет на 95 годишнината од атентатот врз Тодор Александров, обновителот на ВМРО по Балканските војни и Првата светска војна, МИЦ го објавува поглавјето од книгата „Херои и убијци“ од авторот Стојан Христов (Њујорк, 1935) кое се занимава со немилиот настан.

МЕЃУ ЦРВЕНАТА SВЕЗДА И ЦРНАТА КОШУЛА

Изгледа ВМРО беше греда во сечие око. Александров и неговите комитаџии мораа да водат очајна битка за зачувување на ВМРО и сопствените глави.

Еден ден брзи комитаџиски курири поитаа по тесните планински патеки да му донесат на Александров вести за појавата во Македонија на една чудна „комитаџиска“ банда. Го затекоа нивниот водач во една гора близу Кратово и таму ги пренесоа вестите. Рекоа дека новата чета којашто била забележана во револуционерната област не била ниту „федералистичка“ ниту пак чета од Портокаловата гарда на Стамболиски. Кога водачот ги запраша поконкретно тие спомнаа дека предниците од униформните капи на новите комитаџии биле бродирани со нешто што наликувало на чекан и срп.

Ова се случи во 1922 година. Групата на Пандурски беше првиот вооружен обид од страна на бугарските комунисти да ја заземат македонската револуционерна организација. Обидот беше несреќен. Александровите комитаџии многу брзо се справија со него, макар што самиот војвода избега и се стави на располагање на Белград за да биде употребен за понатамошни конфликти со ВМРО.

Но тоа не беше крај на работата. Таа група беше предвесникот на ужасните ерупции коишто во неколкуте следни години ги потресоа основните на старото ВМРО и безмалку не го беа срушиле. Делот од историјата на ВМРО којшто се занимава со комунистичката фаза е најтрагичниот и, од гледна точка на писателот, најделикатен и илузивен, зашто вистината е засенета со лаги и лични омрази.

Уште на почетокот на веков, ВМРО мораше да се справува со природниот „лев“ елемент во своите редови. Тоа беше тешко да се усогласи со темелите на ВМРО коишто беа поставени длабоко во национализмот. Нејзиното раѓање беше резултат на народната нескротлива желба за слобода и самоуправување. Водачите на македонската револуција се држеа до правилото дека пред да ја префрлат борбата на општествено-економско рамниште, мораат да добијат елементарни национални права, право да говорат на својот јазик и право да се нарекуваат со сопствените имиња. А понепосредната цел на повоеното ВМРО беше да се бори против асимилаторските политики на Србите и Грците во нивните делови на Македонија. Одржувањето на ВМРО како независна национална организација се сметаше за нужно со цел да се одржи пламенот на националната свест да гори во срцата на македонските Бугари.

Комунистите тврдеа дека борбата за поседување на средствата за производство и за пролетерски систем на владеење ја вклучува борбата за фундаментални национални слободи. Тие го цитираат Лениновиот став за прашањето на националните малцинства. Зошто да се потроши толку многу енергија и живот во една борба за политичка слобода којашто уште не сте ја постигнале а морате да се борите одново за да се ослободите од стегите на фашизмот и капитализмот? Зошто да не се комбинираат борбите за националните и социо-економските права? Уште поубедливи беа аргументите дека веќе триесет години комитаџиите се беа бореле на својот национален фронт и не успејаа да ја постигнат целта. Треба да им биде јасно дека империјалистичка Европа поскоро ќе ги поддржи Југославија, Грција и Бугарија отколку една банда одметници и убијци. Но штом ВМРО ќе  ѝ се придружи на Третата интернационала, Македонците ќе ја имаат поддршката на Советскиот Сојуз и моралната поддршка на пролетаријатот ширум светот.

Комунистите истакнуваа дека ВМРО употребува терор како средство за предизвикување европска интервенција во име на Македонија. ВМРО направи голема штета, а сѐ уште ниедна европска сила не го крена својот глас за да ги одбрани Македонците. Лигата на нациите, којашто согласно договорите треба да се грижи за нивните национални права, ги беше фрлила нивните молби и меморандуми во корпа за ѓубре. Третата интернационала и Советскиот Сојуз беа подготвени да ја земат како protégé македонската кауза под услов македонските револуционери да примаат наредби од Москва и да се борат, не само за своето ослободување, туку и за ослободувањето на целиот Балкански Полуостров. Во еден систем на балкански федеративни советски републики, Македонија би била независна целина. Третата интернационала сочувствуваше со сите револуционерни движења коишто се борат за основни национални права. И за да се олеснат состојбите, Бугарската комунистичка партија јавно изјави дека групата на Пандруски не била овластена од Централниот комитет на партијата и дека тоа било негов независен обид спонзориран од комунистичкиот градоначалник на Дупница, некојси д-р Петров, кој подоцна бил ликвидиран од ВМРО.

Многу Македонци сега започнаа да мислат дека ако одделната македонска револуција се спои со пошироката и поопфатна социо-економска револуција, ВМРО би можела да служи како квасецот којшто би придонел за ферментацијата на Балканот потребна за воспоставување на систем на советски републики. Но македонскиот брод тогаш го управуваа личности кои беа идеолошки противници на комунизмот. Тодор Александров, актуелниот водач, беше величан од сите Бугари, од Македонија и од кралството, како национален херој. Александар Протогеров, вториот член на Централниот комитет на ВМРО, беше универзално уважуван генерал и идол на бугарските воени и патриотски кругови. И речиси сите главни помошници беа националисти и милитаристи недопрени од комунистичкиот бацил. На сите нив им беше тешко да ги усогласат старите високоценети начела на ВМРО со некаква борба на меѓународна основа.

Меѓу ваквите начела се начелата на Внатрешност и Независност (не независноста на Македонија туку на ВМРО). Начелото на внатрешност, вклучено во името на организацијата, пропишува дека револуционерниот домен е територијата опфатена со природните граници на Македонија и смета дека Организацијата треба да постои, функционира и да се развива на македонска почва. Централниот комитет на ВМРО, за којшто традиционално се смета дека се наоѓа насекаде и никаде, треба секогаш да се наоѓа на македонска почва. Другото начело, начелото на независност на ВМРО, е едно од главните столбови врз којшто се темели структурата на организацијата. Оти ВМРО била потполна држава, тајна влада којашто си одржува судови на правдата и ефикасно управува со поштенски услуги (со поштенски марки коишто носат слики од основноположниците на друштвото) и многу други оддели, исто како редовно основана влада. Еднаш дури, таа размислуваше и за ковање на сопствени монети. Затоа таа си ги заштитуваше соствениот интегритет и независност со истата жестока љубомора со којашто го заштитува сопственото револуционерно кралство, онемозвожувајќи го сожителството на тој простор со ниедно друго револуционерно друштво коешто не е изложено на нејзината власт. Затоа ВМРО чувствуваше дека мора да создаде немир на македонска почва, така што ниедна сила да не може да каже дека во Македонија има мир и спокој; и дека комитаџиите надвор од неа биле само најмени палавковци на оваа или онаа политичка конјуктура.

Сето ова мудрување за основните начела можеби ви личи на големо теоретско празнословие, но тие начела беа крвта на ВМРО во 1924 година и би биле крвта денес доколку ВМРО би ги востановила во практика. Во 1924 година и десет години потоа ВМРО беше способно да си ја одржи својата внатрешност и независност со само една околност. Покажав како ВМРО целосно ја запоседна Петричката област. Поседувањето на тој дел од Македонија му овозможи на комитаџиското друштво да биде внатрешно и независно. Можеше со право да се самонарече такво бидејќи се наоѓаше на македонска почва, во Петричката област. Од оваа област, таа одржуваше невидлива окупација или слично на невидлива окупација, над остатокот од Македонија. Нејзината активност во грчката и југословенската Македонија се потпираше апсолутно на нејзината утврденост во бугарска Македонија. Софиската влада којашто го наследи Стамболиски, додека од една страна декларативно владееше во областа и одржуваше формална атни-ВМРО-вска политика, всушност им го остави нејзиниот дел од Македонија на комитаџиите да прават во него што сакаат. Од тој долго запоставен, осиромашен и полн со бандити регион, ВМРО создаде примерна административна единица, мала македонска држава во која само говорот беше бугарски, а сѐ друго македонско.

Но колку би останала ВМРО во Петричката област како комунистичка организација? Водачите знаеја дека комунизмот би означил крај на нивната моќ таму. А крајот на ВМРО во бугарска Македонија значеше крај за ВМРО.  Подоцнежниот развој на настаните го покажа токму ова.

Сепак, комунистичките можности сѐ уште не беа исцрпени. Стамболиски се обиде да ја одземе Петричката област. Не успеа во тоа затоа што ВМРО се здружи со бугарската армија и опозициските партии за соборување на аграрниот премиер. Зошто не можеше ВМРО да се здружи со бугарскиот пролетаријат за соборување на фашистичкиот кабинет на Цанков и создавање на работничка влада во Софија? Во тој случај не би требало да се плаши од губење на Петричката област и отуѓување од сопствената почва.

Многу добро! Но ВМРО ја поседуваше областа. Пролетерската револуција не би успеала; би била задушена исто онака сурово како и револуцијата претходната есен. А дури и да успееше, колку долго би траела една работничка влада во Софија со Југославија, Грција и Романија, сите подготвени во секој момент да дејствуваат како агенти на имеријалистичките сили. Советска Бугарија би била окупирана од која било од соседните капиталистички земји или од сите заедно за дваесет и четири часа.

А ВМРО ја поседуваше областа. Тоа значеше дом за ВМРО, крепост на македонска почва, внатрешност, независност, даноци, моќ, преданија. Сѐ. Тоа значеше ВМРО.

Сепак надвиснуваше големата реалност наречена Сојузот на Советските Социјалистички Републики и Третата интернационала којашто не можеше да се занемари толку лесно. Неуспехот на комунистичките востанија од септември 1923 година во Бугарија ја натера Москва да сфати дека работничката револуција во Бугарија, најнадежната балканска држава, не може да успее ако македонските револуционери се против неа. Преку преобразбата на ВМРО таа се надеваше дека ќе го скрши империјализмот во Бугарија и потоа, еден по еден, да ги собори сите капиталистички упоришта на полуостровот, така што советскиот систем би се протегнал од Северното Море до Јадранското Море и Егејот во цврст фронт против Западна Европа.

Кога си ја обнови надежта во 1920 година, Александров не ни сонуваше дека Македонците, игнорирани и распнати на мировната конференција, требаше да станат толку важен фактор во остварувањето на еден толку голем план. Но додека да трепнеш, само три години по тој миг на очај, неговата преродена ВМРО преговараше со Москва за советизација на полуостровот. За прв пат во историјата на ВМРО, Централниот комитет го пренесе седиштето од родната на туѓа почва. Во пролетта 1924 година трите членови на извршното тело на ВМРО се сретнаа во Виeнa на низа конференции со претставници од Москва. Можеби сите противречни ставови може да се усогласат. ВМРО немаше ништо да загуби освен Петричката област, а можеше да ја добие цела Македонија.

Овластен агент за македонскиот Централен комитет беше Димитар Влахов во Виена. Тој сѐ уште се наоѓа таму, предводи комунистичка ВМРО и проповеда масовна револуција како решение за македонскиот проблем. Но вкупната македонска маса во Виена брои околу дваесетина души. Влахов е единствениот од главните личности на таа драма којшто преживеа. Петар Чаулев, Тодор Паница и голем број други ја немаа таа среќа.

Христијан Раковски, родум Бугарин, тогашен советски амбасадор во Париз, одигра важна улога во преговорите. Тој разговараше со Александров и Протогеров и строри сѐ што можеше да ги пренасочи Македонците „кон лево“.

Кога Александров и Протогеров тргнаа од Софија за Виена, зад себе оставија значително мислење во корист на болшевизацијата на движењето. Георги Зенков, претседател на моќната Илинденска организација (составени од ветарани на Илинденското востание) и Аресениј Јовков, уредник на весникот „Илинден“, веќе беа почнале да проповедаат дека единствената насока во која може да се движи македонското движење не беше ниту исток ниту запад, ниту „десно“ туку само „лево“. А кога обајцата водачи пристигнаа во Виена го затекоа таму својот колега Петар Чаулев, нивниот агент Димитар Влахов и добар дел од останатите веќе преминати на комунистичката страна. Во самата Македонија, обичните комитаџии знаеја малку за новите ориентации, но фактот што на сцената се појави Русија, празаштитникот на сите обесправени балкански Словени, им се чинеше надежен и охрабрувачки. Во Петричката област, особено во Разлошката долина, комунизмот направи такви чекори што за време на неуспешните востанија претходната есен, градот Банско беше избрал комунистичка општинска управа којашто траеше дваесет и четири часа.

И така, продолжија преговорите во Виена а сите знаци навидум упатуваа кон „лево“. Големи работи се заговараа. Најпосле, на 5 мај, бомбата експлодира. Тој ден беше објавен судбоносниот и фатален Виенски манифест. Манифестот му објавуваше на светот, на оној дел од светот што сакаше да чуе и разбере, дека ВМРО, старото македонско револуционерно друштво, ѝ се придружува на комунистичката интернационала.

Камо да беше вистина! Многу човечка крв ќе беше поштедена. Петти мај, 1924 година означува пресвртница во историјата на македонското движење и таа пресвртница не беше ниту кон „лево“ ниту кон „десно,“ ниту кон напредок ниту кон мир, туку право во трагедија и обилно крвопролевање.

Виенскиот манифест ги носеше потписите на трите членови на Централниот комитет на ВМРО, т.е. Тодор Александров, Александар Протогеров и Петар Чаулев. Но наскоро по објавувањето на манифестот, Александров и Протогеров, вратени во Македонија, се одрекнаа од своите потписи и го осудија документот како фалсификат. Комунистите тврдеа дека Протогеров и Чаулев самите ги ставиле своите потписи на документот, а Александров го одобрил тоа. Подоцнежниот развој на настаните покажа дека Протогеров и покрај одрекувањето на договорот, навистина го потпишал. Александровата улога во целата оваа афера е поматена од толку многу обвиненија и противобвиненија, потврди и одрекувања, што е тешко да се каже дали го одобрил неговиот потпис или не.

Како и да било, најважното е што семето на раздорот беше посеано длабоко во почвата на ВМРО, а аферата не заврши со весникарска полемика и вербални обвиненија.

Беше летото 1924 година, четири години откако Александров ја возобнови ВМРО. Целото тоа време не беше свикан конгрес, којшто според Уставот мора да се свика на секои три години со цел да се преиспита дејноста на Централниот комитет и да се изберат нови раководни лица. Последниот конгрес се беше случил пред војната, на којшто беа избрани тројцата членови коишто се сега на функција. Кога Александров ја беше разбудил заспаната ВМРО во 1920 година, тој само си ја беше вршел должноста на активен член на Централниот комитет.

Конгрес беше закажан за 1 септември 1924 година. Тоа требаше да биде шестиот генерален конкрес на ВМРО. Местото на собирот беше селото Лопово, скриено во пазувите на Пирин Планина. На 31 август делегати од сите револуционерни области се собраа таму на она што навестуваше дека ќе биде најзначајното револуционерно заседание во македонската историја, зашто одрекувањето од Виенскиот манифест од страна на Тодор и генералот не ја исклучуваше можноста ВМРО сѐ уште да се поместува кон „лево“. Самиот конгрес, највисоката институција на организацијата, може да изгласа соединување со Третата интернационала, да избере нов Централен комитет и да се спои со комунизмот.

Ова, навистина, беше и повеќе од обична можност. А сепак постоеше стравопочитната личност на Александров, големиот аскетски револуционер, чијашто појава меѓу угнетуваните селани беше доволна да ја распламти трепетливата надеж за македонска авотономија. Војводите, смелите, комитаџии ветерани, кои познаваа само една работа - борбата за македонска слобода - имаа безгранична верба во својот голем војвода. Освен тоа, постоеше и понов, помлад елемент, комитаџии со факултет напоени со стариот дух и посветеници на старото национално ВМРО, внатрешно и независно. Доколку Александров со неговото заповедничко присуство, се обрати на конгресот да се одржи на ВМРО како национален инструмент и ги осуди сите обиди таа да се претвори во алатка за туѓа моќ, старите комитаџии бездруго би си го послушале својот водач, исто како и групата блескави млади револуционери, мноштвото од нив пулени на Александров, кои имаа највисока почит за неговата искреност и го обожуваа како божество.

Но што ако Александров не стигне на конгресот? Што ако нешто му се случи патем и неговата легендарна личност не биде присутна таму за да завладее со делегатите и да ги спречи сите напори кон неговата ориентација?

Да, што ако… Но да видиме што всушност се случи, бидејќи тука си имаме работа со факти а не со претпоставки.

На 30 август, вечерта, Александров и Протогеров, придружувани од своите телохранители, пристигнаа во селото Горна Сушица, блузу Мелник, на јужните падини на Пирин Планина. Тоа се наоѓа во бугарска Македонија. Таму тие беа пресретнати од четворица комитаџиски курири како што раскажаа Алеко Паша и полковник Георги Атанасов. Да ги претставам овие двајца пред да умрат, зашто имаат само уште дванаесет денови живот. Вистинското име на Алеко Паша е Александар Василев, но познат е како Алеко Паша ширум Петричката област, во којашто претставува своевиден локален комитаџиски големец. Крупен човек. Пред да стане комитаџија бил бандитски водач и сѐ уште во себе ја носи душата на разбојник под таа маса сало. И покрај повторените предупредувања на Александров, тој продолжува да го меша комитлакот со трговијата, собирајќи „рекет“ за себеси во Петричката област.

Полковникот, пак, е висок, ковчест човек, нервозен и на штрек. Тој е официјалниот гувернер на Петричката област за ВМРО. Александров го внесе во организацијата откако овој покажа уникатен чин на храброст во едно софиско кафуле. За време на конфликтите меѓу ВМРО и Портокаловата гарда на Стамболиски, со „федералистите“, и други непријатели на ВМРО, тој покажа исклучителна храброст и посветеност на каузата. Заедно со Алеко Паша тој стори многу за да се потиснат реперкусиите коишто се случија во областа за време на комунистичките востанија во септември 1923 година. Полковникот има многу пороци. Ужасно е амбициозен; сѐ туку бележеше нешто; црташе карти, графикони, дијаграми за фантастични револуционерни зафати. Си мисли дека е голем револуционер и веќе сака да ја споделува власта со Александров, којшто, наспроти неговата вообичаена практика, ѝ доверува важни должности на личност којашто е нова во движењето.

Штом веќе се запознавме со двете личности, да продолжиме со приказната. Александров и Протогеров ја минаа ноќта во селото Горна Сушица. Следното утро, 31 август, во околу десет часот, обајцата водачи, качени на мазги и придружувани од своите телохранители, се одведени надвор од селото и спроведени нагоре по падината во насока на селото Лопово. Нивните водачи се тројца војводи од областа, назначени за оваа специјална почест од непосредните шефови на областа, масивниот Алеко Паша и тремаџијата полковник Атанасов.

Мазгите газат. Сите се весели и во добро расположение. На едно место групата се среќава со неколку селани коишто ги беа пренеле делегатите на планината претходниот ден и сега се враќаат назад со своите животни натоварени со дрва, далеку повреден товар, ако можам да кажам, отколку оној што го беа носеле на планината.

Александров и генералот јаваат еден по друг, разговараат пријателски. Со оглед на тоа колку генералот го презира Александров и колку му е љубоморен поради неговата водечка позиција, тој е извонредно пријателски настроен тоа убаво сончево утро, последниот августовски ден.

На едно место, каде извира студена, блескава пиринска вода од под еден дабов корен, револуционерите запираат за пладневен оброк. Седнуваат на камењето и бавно ја џвакаат храната. Ги очекуваат прашања од голема важност на претстојниот конгрес, но мора да се јаде. Еднаш или двапати Александров зема порции од сопствената храна и ги стана пред војводите-придружници. Еден од нив му спомнува на Александров колку многу страдал во рацете на Портокаловата гарда на Стамболиски. Александров му ја велича храброста и возвраќа дека секое куче што ќе загризе од ВМРО, збеснува. Со Стамболиски два метра подземи и пријателска администрација во Софија, Александров може да си дозволи таква изјава.

Наскоро стануваат, а двата водачи седнуваат на седлата од мазгите. Јаваат нагоре помеѓу редици висок бор и четинари и за неколку часови доаѓаат до една чистинка покриена со трева. Тука Александров предлага да слезат и да ги остават животните да се одморат и да попасат. Затоа, слегуваат од седлата и еден од водичите ги води мазгите да пасат настрана. Александровиот телохранител седнува наблизу и си ја префрла наметката преку рамо. Пушка му лежи на тревата до него.

Двајцата од трите војовди-придружници одат неколку чекори зад Александров и Протогеров, ги грабнуваат пушките од рамената и пукаат во Александров, убивајќи го на самото место. Телохранителот на вториот посегнува по својата пушка, но третиот војвода го довршува овој пред да го допре оружјето. Генералот Протогеров, пријател на Кајзерот и на Фон Хинденбург, ветеран на македонската револуција, херој на многу балкански битки, го прави најнегенералското, најневоеното нешто што може да го стори едно познато воено лице. Се онесвестува!

Па, којзнае! Можеби тоа било најмудрото нешто што може да се стори. Всушност онесвестувањето било стар трик на генералот. Тој знаеше кога и како да загуби свест. На пример, некој го соочува генералот со ужасна вистина, а генералот знае дека најлошото сѐ уште не е кажано, па почнува да диши тешко и следниот момент се онесвестува. Како може некој да биде толку брутален да му изнесе горки вистини на стар генерал којшто е веќе соборен од половина вистина?

Убијците истураат студена вода врз лицето на генералот и тој се освестува. Само што се освестил, првото нешто што се сетил, дури и пред да си ги протрие очите или да праша каде се наоѓа, е да ја грабне Александровата кожна торба која содржела важни писма и документи.

Пред да го продолжат патот, убијците го сокриваат трупот на Александров и на неговиот телохранител во грмушките, покривајќи ги со лисјести гранки од дрвјата. Кога стигнуваат во близина на Лопово, Александровите убијци, двајцата војводи, остануваат во шумата, додека Генералот, неговиот телохранител и третиот човек пристигаат на конгресот со вестите дека Александров и неговиот телохранител, Панзо, биле убиени од страна на двајцата војводи-придружници и дека убијците избегале во шумата пред да може нешто да им се стори.

Генералот е навидум скршен од тага. Алеко Паша и полковникот Атанасов се исто така парализирани од жал. Сите вреват за усвојување резолуција за прогласување на убијците за одметници и нивно осудување на смрт, со наредби да бидат убиени штом бидат видени.

Се гледа убиство во очите на некои од делегатите. Јасно е дека двајца од редовите на Организацијата не би го убиле големиот Александров по сопствено убедување. Тука има заговор, заговор во рамките на свирепото револиуционерно друштво чијшто живот е обвиен во мистерија, тајност, заговори и противзаговори. Александров, најголемиот револуционер на Македонија, лежи мртов во шумата недалеку од дрвените колипки каде што го очекуваа луѓето што го обожуваа. Тешко е да се спречат да започнат кланица тогаш и таму за да ја одмаздат смртта на својот легендарен херој. А се чини дека сите знаат кои се вистинските убијци и покрај приказот на изненадување и тага.

Не сакам да го оптоварувам читателот со сите детали коишто лично ги исчитав, верувајќи дека ќе ми се верува на зборот, бидејќи тврдам дека мојот двигател е страста за вистината и објективноста при обработката на овој мошне заплеткан и искривоколчен од противречни прикакзни и детали материјал. Вистината е дека Александров беше жртва на заговор којшто ги беше раширил своите лукави пипки од македонските планини до Софија, Белград, Виена и Москва.

Некои веруваат дека Александров беше убиен од страна на комунистите затоа што се одрече од Виенскиот манифест и затоа што ја блокираше Организацијата да се движи во единствената насока во која времето и околностите неминовно упатувале дека треба да се движи. Фактички, Александров не беше убиен од комунистите туку од македонски револуционери, негови колеги. Бугарските комунисти, сепак, не се сосем невини во аферата, зашто тие соучестуваа со заговорниците, преговараа со нив без да знае Александров и на тој начин им го дадоа мотивот којшто им беше потребен за отстранување на началникот, коешто тие го посакуваа од сопствени причини. Имаше комитаџии кои сметаа дека ВМРО мораше да се помести кон „лево“, и коишто не гледаа можност тоа да се случи сѐ додека Александров беше жив и ја запираше плимата со баластот на својата личност и со неговата стравотна популарност меѓу Македонците. Можеби ја посакувале неговата смрт и ја дале својата премолчена согласност за жртвувањето на видниот син на Македонија. Но главните заговорници беа генералот Протогеров којшто се онесвести, скрибоманот полковникот Атанасов и Алеко Паша. Првите двајца беа фашисти во душа, третиот беше неписмен бандит-рекетар којшто дури не ја познаваше разликата меѓу фашизам и комунизам. Протогеров беше одвеано старче што се вртеше каде што ќе дувнеше ветрот и покрај тоа самиот се вртеше без да му треба ветар. Денес потпишува договор за пријателство и соработка; утре ќе ти ја потпише смртната казна. Го беше минал целиот возрасен живот со едната нога во македонската револуција а другата во бугарската армија. Беше стар ербап кој умееше да се здружи со две спротивставени страни, а ако беше потребно и со повеќе. Генералскиот чин му ја затсркиваше личноста со стравопочитно достоинство и авторитет во македонската револуција, а високата позиција во македонската револуција на генералскиот чин му додаваше блесок и мистичен ореол. Го мразаше Александров бидејќи вториов, иако помлад од него и не беше ни полковник, му ја засенуваше славата. Бугарските комунисти го познаваа генералот и неговите претци, но кога се појави потребата немаа скрупули да се здружат со него.

Веќе ги опишав двајцата останати заговорници. Алеко Паша беше натрупал огромно богатство преку рекетарство во Петричката област, каде го глобеше населението, искористувајќи секого и сешто. Строгиот аскет Александров го беше предупредил повеќепати да си го заузда бандитскиот инстинкт и да се преобрази во вистински револуционер. „Пашата“ знаеше дека на претстојниот конгрес Александров ќе му стави крај на неговото разбојништво и рекетарство. Што се однесува до полковникот, Александров беше многу нетактичен и кусоглед што ги фрли неговите шеми за револуционерни проекти, што го посоветува да си ја обнови амбицијата и што го потсети на неговата скромна позиција во Организацијата.

Омразата, зависта, алчноста, амибицијата и повредените чувства беа движечките сили за траурното дело. Бугарските комунисти беа доволно неискусни да им дадат на убијците идеолошка маска позади којашто се обидоа да ги скријат своите вистински мотиви. Тие знаеја дека полковникот Атанасов и Алеко Паша не беа членови на Централниот комитет и не беа вистинските луѓе со коишто треба да се преговара за важни прашања како промена на целото движење од националистичко во комунистичко. А сепак соучествуваа и заговараа со нив и на тој начин го поттикнаа убиството. Нивен портпарол беше Македонецот Димо Хаџ-Димов, член на Централниот комитет на Комунистичката партија на Бугарија и нејзин пратеник во бугарскиот парламент. Нему му било кажано од Алеко Паша и полковникот на еден од нивните тајни разговори во Македонија дека ВМРО ќе се поместува кон „лево“ само преку мртвото тело на Александров. Хаџи-Димов премолчено го одобрил предлогот и со тоа си ја потпишал сопствената смртна казна, зашто во „чистката“ што следи и тој си го загуби животот. Тој беше, патем речено, убиен од истата личност којашто, точно десет години подоцна, на 9 октомври 1934 година го уби југословенскиот крал Александар и министерот за надворешни работи на Франција, Луј Барту.

Се разбира, шестиот револуционерен конгрес на ВМРО не се случи според закажаното бидејќи атмосферата беше обземена од омраза, недоверба и страст за одмазда. Беше тешко да се воздржат некои од комитаџиите да го претворат собирот во кланица, но значајно е, можеби, тоа што воздржувањето се покажа само во прилог на потемелна и целосно еднострана кланица. Еден заговор зачекори кон успешен исход, додека друг, контразаговор, веќе ја ткаеше својата лукава шема во умот на еден ковчест младич којшто беше првиот помошник на Александров и советник којшто ќе стане главниот актер во сложената македонска драма во декадата што следеше.

Информацијата за смртта на Александров се криеше од светот додека шеесетина најистакнати македонски комитаџии и неколку блиски пријатели и роднини на мртвиот коишто беа набрзина свикани од Софија се собраа на Пирин Планина за да го погребаат човекот што веќе беше легенда. Го зедоа неговиот труп и оној на Панзо, неговиот телохранител, од привремениот гроб во грмушките и ги легнаа во една могилка долу во подножјето на високата планина.

Чудно друштво се збра околу гробот; сцена на лажна и театрално длабока тага за водачот. Може да се замислат претпазливоста, стравот, напнатоста, додека револуционерите, добро обучени во вештината на заговарањето и контразаговорот, се движеа низ шумите со најцрните мисли во умовите.

На работ на гробот, додека дланките фрлаа ровка земја над умрениот Александров, еден ковчест младич стоеше тивко, вкочането, со цврсто стегнати вилици, со очите потонати во кои тлееше гнев, а топлото септемвриско сонце заоѓаше за неговата веќе проќелавена глава. Пред за изминат две недели, тој млад човек, Иван Михајлов, ќе ја одмазди смртта на неговиот и македонскиот херој и ќе го наследи.

По уникатниот погреб револуционерите се разотидоа. Водачите, во група, продолжија кон селото Сугарево, скриено меѓу ридовите. Таму, тие влегоа во една куќа и штом седнаа полковникот Атанасов праша што следно да се преземе. Иван Михајлов ги опушти цврсто стегнатите вилици и поита да рече дека најнеодложен проблем е да се намали бројот на фронтови против коишто ВМРО беше во отворена или тајна војна. Тој предложи да се свика специјален состанок што е можно поскоро за определена акција на еден или друг проблем. Предложувајќи го ова, Михајлов помисли да ги собере под еден покрив заговорниците и што е можно повеќе нивни соучесници во време кога би бил добро подготвен чинот за одмазда. Другите го поздравија предлогот зашто таков состанок се совпадна со нивниот план да ги соберат Михајлов и што е можно повеќе Александрови посветеници под ист покрив. Така, закажаа состанок вечерта на 12 септември во градот Горна Џумаја.

Градот Горна Џумаја е стар турски град со ниски, стари куќи со врамени прозорци и криви калдрмни улици. По некоја модерна зграда ја подава својата светла предница и блескавиот пополочен покрив. Вечерта, на 12 септември, градот го обви злокобна атмосфера. Граѓаните се повлекоа во своите домови а армијата и полицијата дискретно си останаа во своите простории, оставајќи им го реонот на мрачните фигури што се движеа како привиденија по улиците.

Во една од поновите куќи во центарот на градот седеа генералот Протогеров, Алеко Паша, полковникот Атанасов и некои други, чекајќи го младиот Михајлов чиишто четворица најблиски соработници веќе беа присутни. Настапи нетрпение и нервоза поради доцнењето на Михајлов. Некои отворено започнаа да покажуваат незадоволство, дури и неговите пријатели упатуваа повремени критички забелешки за него.

Најпосле, околу десет часот ноќта, еден млад курир пристигна забревтан и папсан небаре беше трчал со милји, иако можеби дошол од соседната куќа. Задишано изјави дека Михајлов ненадејно се разболел и не ќе може да присуствува на состанокот.

На лицата на Алеко Паша и полковникот се покажа разочарување. Тие решија, сепак, дека можат да го ликвидираат она што останало. Момчето што ја донесе пораката имаше само дваесет години и беше син на еден познат бугарски полковник којшто си ги беше оставил коските на бојното поле на Големата војна. Навистина не знаеше ништо за сложеноста на заговорите и не биваше да биде присутно кога ќе започнат престрелките. Затоа Алеко се исправи и го замоли Михајловиот млад курир да излезе надвор за миг бидејќи сакал да му каже нешто. На прагот Алеко застана настрана и му рече на младиот курир да оди пред него но добро воспитаниот младич се поклони со почит и со еден замав на раката ја покажа својата длабока почит за величествениот револуционер, Алеко Паша. Веќе следниот миг, додека Алеко да го мушне стомачиштето низ влезот, младиот одзади му ја заби цевката од својот пиштол в грб и испука неколку куршуми, убивајќи го на самото место.

Истрелите на младиот беа сигнал за акција и почеток на самата акција. Оттогаш до следното утро беше жив пекол во Горна Џумаја.

Следното утро кога сонцето зајде над градот, локви крв л’штеа среде калдрмата по улиците а луѓето си ги истриваа подовите и праговите. Комунистите обвинуваат дека таа ноќ Иван Михајлов заклал двесте луѓе. Михајлов вели дека само дваесетина револуционери директно или индиректно инволвирани во заговорот против Александров биле „ликвидирани“ од страна на ВМРО. Меѓу нив, се разбира, биле Алеко Паша и полковникот Атанасов, но променливиот стар генерал (овој пат не се онесвестил) не бил убиен. Тој коленичел и се молел да биде поштеден. Во секој случај, бидејќи тој беше сега единствениот член на Централниот комитет на ВМРО во функција (Петар Чаулев беше станал комунист во Виена), генералот Протогеров следното утро во Горна Џумаја ги потпиша смртните пресуди на сите свои созаговорници кои веќе беа „ликвидирани“ и на другите коишто допрва требаше да бидат „ликвидирани“. Комунистите сметаа дека генералот ги беше предал. Тоа не беше вистина бидејќи тој беше поштеден од тактички причини, една од коишто беше да ги легализира „ликвидациите“. Ако го убиеја ВМРО ќе останеше без водач, а беше потребно некој со уставна власт да ги потпише смртните пресуди.

Без разлика на нечие лично мислење во врска со темава, факт е дека Иван Михајлов и неговите џелати најсериозно веруваа дека ја осветуваа смртта на својот водач и ја спасуваа македонската револуционерна организација да се стане алатка на странска сила и да не служи вонмакедонски интереси. Тие беа верни на традицијата на основоположниците, верници во начелото на независност на самото движење. Не беа против комунизмот во принцип и го имаа предвид фактот дека комунизмот би ѝ помогнал на каузата што се однесува до автономноста, зашто во еден систем на советски републики на полуостровот, одделбата на Македонија како независна единица беше гарантирана. Ниедна таква гаранција не пристигна од ниеден друг извор толку моќен како што беше Третата интеранционала и Советскиот Сојуз. Сепак, комитаџиските водачи стравуваа за националноста на Бугарите во грчка и српска Македонија. Чуму автономија ако, додека да се советизира Балканот, тие Бугари насилно се преточат во Грци и Срби? Ако е така тие можат да се самопрогласат уште сега за Грци и Срби и ќе бидат исто толку независни како самите Грци и Срби.

Во сржта на целава работа е национализмот, а не можете да ги помирите тие две филозофии. Суштината на повоената македонска борба е отпор кон денационализација и пред да се претворат во класни борци, Македонците мораат да се борат за да се спасат себеси како Бугари. Тие мораат да се изборат за правото да го говорат сопствениот јазик и да се нарекуваат со своите крстени имиња без да одат в затвор поради тоа. Тоа е нивната теза. Комунистите одбија да ги признаат специфичните услови против коишто се бореа Македонците. Тие тврдеа дека нивната борба не е поинаква од борбата на пролетаријатот ширум светот. Комунистите имаат право така да сметаат и да веруваат. Но тие не се ограничија на аргументи и полемика. Тие ги напаѓаа комитаџиите небаре комитаџиите беа последната останата пречка за светската револуција, небаре тие тврдокорни револуционери коишто се бореа против српскиот шовинизам ги поседуваа средствата за производство и претставуваа заштитен бедем на капитализмот.

Кога ВМРО не се помести кон „лево“, Димитар Влахов и Петар Чаулев, виенските претставници, организираа комунистичка ВМРО во градот. Ја нарекоа ВМРО Обединета. И навистина беше обединета, зашто го прибра најчудниот асортиман на револуционери привременковци, политички опортунисти, трговци со начела и каузи, безпредметни бунтовници, „државници“ без работа и што ли уште не. Не беше потребен ниту еден пасош ниту лична карта за членство во ВМРО Обединета. Сѐ што беше потребно беше да се удираш во градите и да ја опцуеш ВМРО на Иван Михајлов. Се разбира постоеја неколкумина чесни и добри души со вистински комунистички убедувања коишто веруваа дека новата ориентација беше едниственото решение за заплетканиот македонски проблем, но многу од членовите беа „револуционерни платеници“. Наскоро несогласие и расправии ја разединија ВМРО Обединета, оставајќи го само Влахов, водачот со неколку блиски пријатели, да ги револуционизира македонските маси по виенските кафеани. Пред Влахов, кој сѐ уште се занимава со истата задача, да најде дебело виме за својата алчна сурла во Третата интернационала, тој држеше голем број службени функции во бугарската влада. За време на окупацијата на Србија од страна на австро-бугарските сили во Светската војна тој беше губернатор во околијата Нови Пазар во јужна Србија.

Влаховиот постар подофицер во Виена беше Петар Чаулев, член на Централниот комитет на ВМРО со Александров и Протогеров. Чаулев се беше забавувал во европските главни градови две-три години, прифаќајќи средства од болшевички претставници и примајќи си ја ВМРО-вската плата истовремено. Александров и Протогеров настојуваа да се врати меѓу својот народ, каде што му беше местото, но Чаулев продолжи да се извинува од една или од друга причина и ветуваше дека ќе се врати наскоро. Можеби ја согледал безплодноста на комитаџиството во повоените денови и се убедил дека комунизмот е решението за проблемот. Никој не треба да се расправа со него по тоа прашање. Но тој не рече ништо такво, а продолжи да ги троши парите, коишто ВМРО ги собираше од сиромашните македонски селани. Пролетта 1924 година, им призна на Александров и Протогеров дека беше прифатил петстотини долари од секретарот на Советската легација во Рим. Тие понудиле да му ја дадат сумата од касата на ВМРО за да ја врати и да се апсолвира од секакви обврски. Но тој изјавил дека не може да ја врати бидејќи веќе потпишал со комунистите. Знаеше дека ВМРО е националистичка организација бидејќи беше еден од тројцата што управуваа со неа, а сепак не си поднесе оставка од Централниот комитет пред да стане комунист. За двојната игра плати со животот.

Чаулев не беше во непосреден дофат на Михајловата казнена рака, т.е. не се наоѓаше ниту во Македонија ниту во Бугарија. Но не беше сосем вон дофат на одмаздителната рака на ВМРО, којашто го беше пронашла Рајко Даскалов во Прага.

Петар Чаулев предобро ги познаваше законите на ВМРО и презеде претпазливи мерки за да се заштити. Од Виена замина за Италија. Еден млад „џелат“ од ВМРО на кого му падна ждрепката да ја изврши врз него македонската револуционерна казна го затече во едно кафуле во Милано и му ја прочита смртната пресуда.

Димитар Стефанов, дваесет и тригодишен Македонец, го застрела Чаулев на 23 декември 1924 година. На убиецот му беше судено шестнаесет месеци подоцна, во април 1926 година и го бранеа двата најистакнати адвокати во Италија. Додека беше в затвор Стефанов научи да говори италијански јазик и го изненади судот рецитирајќи си ја приказната на италијански. Рече дека пристигнал во Италија на 5 ноември, околу шест недели пред пукањето. Ја започнал истрагата по човекот во Милано, посетувајќи кафулиња, ресторани, театри, секогаш носејќи слика од жртвата, којашто не ја познавал лично но се надевал дека ќе ја препознае од фотографијата. По неуспехот да го пронајде во Милано, Стефанов отишол во Рим, но по тамошната потрага се вратил во Милано, бидејќи чул дека Чаулев се криел во тој град. Ден по ден седел на масата на едно кафуле близу главниот плоштад, набљудувајќи ги минувачите. Најпосле, едно утро го препознал Чаулев. Станал и го следел во толпата, приближувајќи се на далечина на стотина стапки од него. Рече дека не пукал зашто се плашел оти може да рани или убие некоја невина личност. Близу до Дуомо, Чаулев се качил на трамвај.

Следното утро Стефанов повторно седнал на терасата од кафулето. Видувајќи го повторно Чаулев како минува, станал и го следел, сѐ уште не сакајќи да пука од страв да не повреди некој пешак. Стигнале до плоштадот Верзиере. Тука Чаулев влегол во една кафеана и седнал во еден од ќошевите. Стефанов исто така влегол и си купил кутија цигари. Потоа излегол. Надвор чекал четири-пет минути. Повторно влегувајќи во кафеаната, тргнал кон местото каде седел Чаулев и погледнувајќи го право во очи му рекол, „Петар Чаулев, бидејќи ги натера да го убијат Тодор Александров, подготви се да умреш!“ Го извадил револверот и го испразнил целиот магацин во телото на жртвата.

Стефанов беше ослободен врз основа дека дејствувал под принуда и само како агент или извршител на тајната влада на Македонија, којашто имала, на сопствен начин, право да издава смртни налози исто како формалните влади во Македонија. Судењето траеше четири дена и беше сензација ширум Италија.

„Да живее италијаската правда“, ликуваа Македонците.

„Долу фашистичката правда“, вревеа комунистите.

Шест месеци по убиството во миланското кафуле, Македонците ја почастија Европа со уште еден драматичен спектакл. Овој пат ја одведоа крвната одмазда подлабоко во континентот. На 8 мај 1925 година, Бургтеатарот во Виена ја поставуваше Ибсеновата „Пер Гинт“. Кога тонеше бордот на којшто Пер Гинт се враќаше во својата татковина, една млада Македонка постави интерлудија во една од ложите, вистинска сцена од живата македонска драма. Младата дама извади малечок револвер од рачната торба и го застрела човекот што седеше пред неа. Истрелите се измешаа со сценските звуци кои го придружуваа тонењето на бродот и громогласната музика на оркестарот и на тој начин спречија паника меѓу публиката.

Мургавата, нежна жена беше Мелпомена Карничева, сегашната жена на Иван Михајлов. Жртвата беше Тодор Паница, стар македонски војвода. Смртната пресуда од ВМРО беше висела врз главата на Паница уште од далечната 1907 година, годината во којашто тој ги уби во Софија романтичниот Борис Сарафов и Иван Гавранов, обајцата водачи на ВМРО во тоа време. Фанатичната млада жена, сепак, не ја спроведуваше оваа стара пресуда на ВМРО. Таа го казнуваше како нов грешник. Македонското прашање беше станало залиха на стока за овој стар теротист, кому Турците, по Младотурската револуција во 1908 година (кога младотурците и комитаџиите постапија братски накусо) му беа дале имот близу Драма каде што си приредуваше ориентални оргии и положи заклетва на верност кон Куранот.

За време на балканската војна, сепак, Паница ги напушти своите турски пријатели. Придружувајќи им се на силите на кралот Фердинад, го сврте оружјето кон своите отомански сојузници, прикажувајќи му на населението на Драмската област пример од својот жесток темперамент и предавнички карактер. Во европскиот пожар непосредно по Балканските војни, толку грижливо се грижеше за сопствените лични интереси што беше осуден од владата на Стамбулиски за разбојништво и противправно стекнување со богатство. Но Стамбулиски ја одложи казната кога воениот профитер му ги понуди своите услуги во атнимакедонската кампања. Паница предводеше орди на портокаловата гарда на Стамболиски против комитаџиите во Македонија. Откако беше поразен таму, пребегна во Југославија кадешто со помош на Белград продолжи да организира банди и да дејствува против комитаџиите. Непосредно пред Мелпомена Карничева да стави крај на неговото рекетарство со македонската кауза, го беше зазел местото на Чаулев како прв помошник на Влахов.

Мелпомена е родум од Крушево, градот што уживаше десетдневна автономија за време на Илинденското востание. Нејзините родители беа Ароманци или Власи, таа беше поданичка на Романија и патуваше со романски пасош. Здравјето ѝ беше кревко уште од детството, кога на четиригодишна возраст за време на востанието, била оставена на влага под еден мост со часови.

Карничева е мургава, темнокоса жена со крупни светли очи што зјапаа страшно кога ја турнаа во судницата во инвалидска количка за да ѝ се суди за убиството на Паница. Беше прогласена за виновна од страна на виенскиот суд и осудена на осум години затвор, минимално пропишан од страна на виенскиот закон. Но Вишиот провинцијален суд ја прогласи за неспособна да го отслужи временскиот период и ја одложи казната под услов да биде неодложно протерана од Австрија. Се врати во Македонија и стана сопруга на Иван Михајлов. Оттогаш таа е негов неразделен придружник и советник. Додека му помагаше на сопругот-револуционер во спроведувањето на многубројните активности на Организацијата, таа си помогна и на себеси, зашто надворешниот живот и планинскиот воздух ѝ го обновија здравјето. Сѐ уште изгледаше слаба и туберкулозно болна кога ја видов во 1928 година, но беше среќна и рече дека никогаш не се чувствувала подобро. Сега, додека го пишувам ова, таа се наоѓа со сопругот во Мала Азија.