Welcome visitor you can log in or create an account

Кримиговор

Срѓан Цвијиќ, кој работи за Фондацијата Отворено Општество на Џорџ Сорос во Брисел, подготви подолг извештај за Македонија при крајот на јануари, и низ целиот текст земјата ја нарекува „С****** Македонија“. Кога го посочив ова на Твитер – дека Цвијиќ и организацијата за која работи – почнуваат кампања да го поттикнат или натераат светот Македонија да ја нарекува со некое друго име, тој ми одговори да ми каже дека „никој не бара ништо, освен да се почитуваат одлуките на демократски избраната Влада во Скопје“. Можете да замислите што му напишав како одговор. Но, остануваат следните факти: Сорос, Фондацијата Отворено Општество и други како нив ќе бараат и ќе притискаат – на разни начини – светот да почне да ја нарекува Македонија со некое друго име различно од Македонија (сетете се како летска Деница Јотова, која е Бугарка и работи во Европскиот совет за надворешни работи, порача дека „е важно не само да се смени името туку и луѓето да се согласат да го користат новото име“). Всушност, не би се изненадил ако се случи овие поединци и организации и тие како нив да почнат да се потсмеваат, да ги понижуваат и на разни начини да ги изолираат Македонците кои ќе продолжат земјата да си ја викаат Македонија. Во нивните изопачени умови и писанија се подготвува ново Орвеловско злосторство (кое веројатно масовно ќе се користи од Твитер толпата): кримиговор. Нема да смеете да изговори име, освен името кое ви е дозволено.

Како второ, а поврзано со ова, македонскиот актуелен министер за надворешни работи Никола Димитров почна да дава серија интервјуа за разни медиуми во кои вели дека сите што работат да се сменат македонското име, идентитет и македонската уникатност се „на вистинската страна на историјата“. Димитров навистина спадна ниско со ова тврдење, кога за АФП изјави дека „дефинитивно чувствувам дека сум на вистинската страна на историјата со ова прашање, и мислам дека неколку години подоцна… дури и тие кои сега луто протестираат ќе ни признаат дека сме биле во право“. Ова е максимална арогантност. Димитров сака да каже деак „јас сум во право, вие не сте, така и ви треба, еден ден ќе ми признаете колку глупави сте биле“. (при крајот на јануари, Димитров ја повтори и малку видоизмени својата претходна изјава велејќи дека „дури и најголемите противници на ова историско помиување еден ден ќе се согласат со нашите постапки“).

На почетокот на годината Димитров даде интервју за Македонската информативна агенција во кое, меѓу другото, рече дека, за неколку години, големо мнозинство од Македонците ќе си признаат самите на себеси дека „ова требаше да го направиме многу одамна“ и дека со менувањето на името „конечно се создава можност, по многу години, да почнеме да разговараме за реалните секојдневни проблеми на граѓаните“. Кога Димитров вели дека „конечно се создава можност, по многу години, да почнеме да разговараме за реалните секојдневни проблеми на граѓаните“, тој размислува така бидејќи мисли дека идентитетот не е важен, а себеси се смета за, како прво, „граѓанин на светот“, а како второ за „Европеец“, и двата овие идентитети за него се поважни од тоа што е Македонец, ако воопшто се смета за таков. Веројатно не се смета: неодамна тој објави колумна за Фондацијата Роберт Шуман во која наведува како „на 26 септември 2017 година францускиот претседател Емануел Макрон покрена иницијатива за суверена, обединета и демократска Европа во која постепено ќе се вклучуваат и земјите од Западниот Балкан“. Гледате како Димитров ја гледа Македонија само како мало штрафче во машинеријата на „суверена, обединета и демократска Европа“, супер-држава во рамките на која конечно ќе ја надминеме застарената идеја дека националниот идентитет е важен, и ќе постигнеме нешто повисоко од идентитетот: ќе добиеме глобален хегемон со Брисел како грандиозен главен град, каде одлуките ќе ги носат неизбрани и неодговорни мажи и жени кои самите  веруваат во култот на усовршување на човештвото кое сакаат да го обликуваат според својот лик.

Две поенти за идентитетот. Прво, Димитров не вели, но се подразбира од напишаното, дека идентитетот за него не е „реален проблем“. Ова е надменост. Сите знаеме и сите сме воспитани да разбереме дека постои нешто поважно во животот од што се парите, и знаеме дека повеќето нешта во животот – добрите семејни врски, добрите пријателства, вербата во Господ, да се има здраво соседство и заедница, да се најде значење во сите нешта во животот кои ги правиме надвор од работата – сето ова е многу поважно од голото материјално богатство. Идентитетот, исто така, е дел од тоа што ни дава значење – ни кажува кои сме како членови на нашата нација, племе, култура, семејство. Тие што бегло го отфрлаат идентитетот го прават тоа на своја сопствена штета – тоа барем е јасно од настаните низ Европа и Америка, особено денес.

Понатаму, сметам дека Димитров навистина повеќе верува во тоа малата Македонија да биде дел од големата Европска супер-држава на која слободно (или не баш слободно) ќе и го предаде својот суверенитет – и својот идентитет. Ова се поклопува со ставовите на погоре посочениот Срѓан Цвијиќ и на Фондацијата Отворено Општество на Џорџ Сорос кон Македонија. Цвијиќ пишува дека Преспанскиот договор ќе биде добар за целиот регион, пишувајќи дека „Постапките на Грција и на ЕУ ќе отворат патека за интегрирање на Северна Македонија. Еднакво важно, тие ќе им покажат на другите политички водачи во регионот – вклучително на тие во Србија, Косово и Босна и Херцеговина – дека се исплати да се постигне компромис, и да се жртвуваат вкоренетите сфаќања за националниот идентитет за да се обезбеди заедничка европска иднина“.

Го слушнавте тоа? „…се исплати да се постигне компромис, и да се жртвуваат вкоренетите сфаќања за националниот идентитет“. Ова е истиот проколнат проект: да се направи европска супер-држава со верски центар во Брисел, каде ќе владее класа првосвештеници и првосвештенички, неизбрани, неодговорни и неоптеретени со проблемите на народите во Европа, и од каде ќе се гради нивната верзиај на Рај на Земјата, бидејќи според нив не постои Господ. Сите народи на Европа ќе бидат натерани да го прифатат ова. Мислите дека ова е измислица? Размислете подобро – ова се случувало и порано. Овојпат, елитите се однесуваат само многу по-суптилно.

Дозволете ми да завршам со изјавата на Димитров за иднината, и за тоа како неблагодарните, небањатите и невоспитаните Македонци еден ден ќе се согласат со него и ќе му се заблагодарат. Ваквите изјави се замислени да предизвикаат брз, краткорочен ефект – тие се заштитаната мембрана која треба да ги отфрли сите изрази на несогласување со него. Всушност, тој инсинуира дека „тука имаме одлична зделка, и сите ќе го сфатите тоа за неколку години“. Ваквите изјави се едноставно незасновани на реалноста. Како може човек кој се спротиставува на твоите политики да се бори против сега и тука, кога ти му подметнуваш порака која проектира иднина за која се инсистира дека сама по себе ќе биде несомнено добра? Ова е логичка замка која се користи да се стави крај на дебатата. Веќе пишував за ова тука и тука. Не можеш да докажеш дали неговата изјава е вистинита – или погрешна – бидејќи ние сме тука и сега, а не таму или во некоја далечна точка во иднината. Секако, во далечната иднина, Димитров нема да биде на сегашната работа, туку ќе биде сместен на некоја функциичка во Обединетиет Нации или на некое друго слично место, каде нема да се секира и да биде вознемируван со неговите изјави од пред неколку години.

„Еден ден“, „за повеќе години“, вели Димитров. Ќе биде иронично кога Немезис, божицата од грчката паганска религија, ќе дојде да го посети. Таа е, впрочем, божицата која ја извршува одмаздата врз тие што се оддале на гревот на надменоста.

Колумната е објавена во СВЕСТ.МК