Welcome visitor you can log in or create an account

ШТО НАПИШАЛ СОВРЕМЕНИКОТ НА ИЛИНДЕНСКОТО ВОСТАНИЕ АНГЛИЧАНЕЦОТ БРАЈЛСФОРД

 2 август 2018 година

„Тоа е македонското прашање, господине. Агонијата на еден измачен народ што сѐ уште не е подготвен да умре.“ – Константин Станишев

Сун Цу рекол, доколку го познаваш непријателот и доколку се познаваш себе си тогаш не треба да стравуваш за исходот на битката. Затоа непријателите на македонскиот народ упорно работат да не збунат за тоа кои се тие, уште повеќе за тоа кои сме ние. Во нашите долгогодишни дејствувања, ние се трудиме на македонската јавност да ѝ го покажеме и разобличиме непријателот на Македонците: репресивниот орган на белградско-атинскиот окупатор, УДБа. Меѓутоа, и ние, како израснати и образувани во југословенскиот систем до неодамна бевме еднакво збунети и напросто незапознаени со нашето вистинско минато. Во изминативе година-две дојдовме до одредени книги кои што биле сокривани од македонската јавност кои се нафативме да ги преведеме и да ги објавиме на сајтот на Македонскиот информативен центар. Првата книга која ќе ја објавуваме е „Црна рука врз Европа“ од французинот Анри Пози од 1935 година, која била забранета во Југославија, Грција, Турција, Романија и Чехословачка.

Втората книга на која сѐ уште работиме е „Македонија, нејзините народи и нивната иднина“ од англичанецот Х.Н. Брајлфорд. Во оваа илинденска пригода, го издвојуваме неговиот совеременички запис за Илинденско-прерожденското востание од 1903 година. Неколку работи се интересни да се забележат: Востанието не траело десет дена, туку до почетокот на ноември; Брајлсфорд не споменува никаков манифест, ниту Крушевска Република; востанието немало социјалистички карактер; цел на востанието не било да се ослободи Македонија туку да се предизвика меѓународна интервенција; Битолскиот округ и поединечните месности во кои се отпочнале вооружените дејства биле стратешки избрани како локација на востанието, со цел да се минимализира бројот на жртви.

 

11. Генералното востание во Монастир во 1903 година

Часот за кој бугарското население се подготвуваше цели десет години пристигна на фестивалот на Пророкот Илија—вечерта на недела, 2 август 1903 година. Турците па дури и Европејците во Македонија беа фатени на изненадување. На никого не му се веруваше дека селанство; на изглед толку здробено и малтретирано, е навистина способно да спроведе воена демонстација на ниво што го заслужува звањето генерално востание. Точно е дека имаше гласини за што претсои. Селаните, кога човек со нив разговараше, ги вртеа главите и мудро велеа, „Ќе видите по жетвата.“ Но Македонија е толку свикната на закани и гласини што никој не беше сериозно алармиран. Дотолку повеќе, релативниот мир што завладеа за време на јуни и јули месец ги залажа Турците, како што беше наменет да ги заведе. Тие сѐуште имаа некави думи да објават војна на Бугарија, и беа повеќе загрижени од можноста за ново албанско движење, и производот беше тоа што поголемиот дел од сериозната војска беше групиран во северните области. Во Монастир Турците држеа не повеќе од петнаесет илјади души, а овие беа распрскани долж железничката пруга и низ внатрешноста. Дотолку повеќе, врховната команда припаѓаше на Омер Паша, постра и старомоден војник, чиишто колебливост и неспособност уште повеќе ги надразнија последниците на изненадувањето коешто Комитетот го беше приредило.

Сигналот беше даден со спалувањето на неколку купови сено близу Монастир. Востанието беше обзнането, а бајраците благословени во селските цркви, и пред да заврши кратката летна ноќ светилниците го кренаа на нога сите горјани од Охрида на запад, Дибра на север, и Касторија и Клисура на југ. Планот на кампањата беше внимателно обмислен однапред. Години наназад целата земја беше поделена на воени зони, секоја од нив со постојан кадар на искусни ветерани, и секоја чета со изберен војвода. Кога сигналот беше даден младежите од селата коишто ги оформуваа резервните едници на селанската армија си ги ископаа закопаните пушки, си ги опашаа патронските појаси, ги нагрнаа своите наметки и со своите провизии се упатија кон претходно назначените собирни места. Задачите им беа прости. Насекаде тие ги пресекоа телеграфските жици—мерка којашто самата ја парализираше бирократската машинерија, и ги претвори турските службеници, навикнати како што беа да се сметаат како раце и очи на некој далечен началник на другата страна на жицата, беа прости вознемнирени единици. Следни на списокот беше динамитирањето на мостовите и тунелите долж главните патишта—лесна задача во земја кадешто сѐ е во состојба на распаѓање. Во истовреме изолираните анови коишто служат како воени пунктови по магистралните патишта беа безмилосно опожарени. Железничката пруга помеѓу Монастир и Салоника исто така беше пресечена, но не онолку целосно и на чести интервали колку што беше потребно. Првите турски засилувања, точно е, мораа да маршираат преку планините од Ускуб до Монастир но за само неколку дни железницата повторно беше во целосна употреба. Конечно, секоја чета се вработи во привлечната задача да ги опожарува бараките и кулите на албанските бегови—тврдини изградени со присилен труд, и гнезда на пљачка и ропство—и понекогаш, мора да се додаде, во убивањето на нивните сопственици. Неколку изолирани турски пунктови исто така беа јуришани и уништени, а неколку конвои заробени на патиштата. Во сите овие деструктивни активности четите коишто побрзаа да се групираат околу македонското знаме беа оставени речиси нечепнати и непопречени.

Сѐ на сѐ, активните полкови на востаничката армија во Монастирскиот вилает собраа според моите најдобри проценки околу пет илјади души. Несомнено тоа беше мала воена сила во споредба со огромната армија од околу осумдесет илјади души којашто Турците набргу успејаа да ја зберат. Востаничката војска немаше коњаница ниту артилерија—со ислкучок на две или три примитивни издабени трупови од черешово дрво, согласно со традиционалниот план на балканските востанија. Се сомневам дека повеќе од еден во секои четворица од востаниците имал бојно искуство, или дека тренирал со пушка, иако повеќето од нив веројатно добиле некава обука. Ги знаеја планинските патеки, и може да маршираат ноќе како и дење—нешто што ниту еден турски полк нема никогаш да стори. Помеѓу нивните офицери имаше поголем број на навистина способни герилски војводи. Генералштабот беше први во големото село Смилево, на половина ден патување од Монастир—една од просперитетните заедници на миграторски ѕидари и столари коишто беа ’рбетот на востанието. Тука беше собрана врховната команда—Дамјан Груев, Лозанчев, и Борис Сарафов. Сарафов стана Де Ует на кампањата, движејќи се лесно наоколу, во придружба на изберена чета, кревајќи го духот на местните регрути, сега во Флорина сега во Охрида, навистина ислкучителен подвиг. Лозанчев успеа по неков несреќен склоп на околности да се дискредитира себе си во очите на неговите приврзаници. Груев остана командант на целото движење, и остана во контакт со Монастир кадешто конзулите редовно беа снабдувани со билтени и извештаи, уредно размножени и напишани на мошне поднослив француски. Следна по престиж, мислам дека беше јужната чета којашто делуваше во Костурско-клисурската област под командата на Чакаларов од Смрдеш, свиреп но харизматичен човек, чиешто привлечно присуство и прочуена среќа ги инспирираше неговите следбеници со целосна доверба. Ресенскиот контингент беше под командата на способниот војвода со име Арсов, а северните чети околу Крушево беа под Влавот со име Питу Гуле, којшто загина за време на втората недела на востанието. Охридскиот, Кичевскиот и Леринскиот контингент делуваа по правило во помали чети и немаа видни генерали.[1] Населението на селата коишто се дадоа себе си без резервно на движењето брои околу шеесет илјади, но дојдоа и засилувања од други села. Околу еден во шестмина мажи беа под пушка, што е секако значителна бројка. Комитетот би можел, несомнено, да изнесе повеќе резервисти на бојното поле доколку имаше поголем дотур на добри карабини. Омиленото оружје беше пушката „Грас,“ евтина, тешка, непрецизна, и целосно инфериорна пушка, без магацин; но голем број на чети ја прерпочитаа „Мартинката,“ а неколкумина имаа и пушки со магацини. Четите беа секако подвижни во споредба со турските колони, но нивните дејствија беа ограничени на нивните области, освен, впрочем, доколку не беа истиснати од еден регион во друг—судбина којашто конечно ги западна и Груев и Чакаларов. Сѐ на сѐ, кога ќе се земе во оглед колку всушност беше мала зафатената површина, ова беше извесно примитивен план. Од крајните западни предели (Охрида) на востанието до крајните источни области (Сороец) не е подолго одошто добар коњаник, со добар коњ, може да изјава во текот на два летни денови. Од Касторија на југ до Крушево на север не е подалеку. Но несомнено имапе причини за прифаќањето на план за изолирана и локална дејност. Доколку целата востаничка сила се прибереше на едно место со цел да оформи голема војска тие би биле приморани да ги напуштат своите огништа и своите семејства на незузданата фурија на баши-бузуците. Дотолку повеќе, релјефот, иако расројанијата не се големи, е крајно планинест, така што рапидното марширање е доаѓа во предвид.

За време на првите три недели востанието беше период на речиси необуздан триумф. Турците делуваа неспособни да обмислат план за кампања, и, со исклучок на трите градови Монастир, Охрида, и Касторија, востаниците речиси секаде беа супериорни. Ги освоија трите рурални градови Крушево, Клисура, и Невеска—сите влашки центри качени на најнедостапни позиции во планините. Турските гарнизони или избегаа или се предадоа след едвај демонстрација на отпор. Демонстрации беа изведени исто така и против градовите Ресна и Кичево, но тука нападот не беше притиснат докрај. Во трите освоени местности беа поставени привремени влади, востаниците танцуваа со девојките на градските плоштади, а од црквите камбаните (коишто Христијаните ретко се осмелуваат да ги чукаат) ги свикаа жителите да ги чујат блескавите говори за должноста за востание и славната перспектива на слобода. Овие три седмици несомнено беа најсреќниот интервал којшто Македонија го познава од доаѓањето на Турците. Мажите ги џитнаа фезовите—беџеви на сервилност—и чекореа исправено без страв од ќотек или бастинадо. За обележување е тоа што, наместо да уживаат во нивниот краткотраен триумф на сметка на нивните грчки ривали, тие се држеа толерантно и се воздржуваа од насилство—со исклучок на прибирањето на парични придонеси од освоените градови. Востаниците навистина делуваа во духот на прокламацијата којашто го обзнани избувнувањето на востанието—документ којшто покажува дека хумани интервали можат да се пробијат дури и на Балканот, без разлика колку тешко локалните услови го прават придржувањето до нив:

„Се креваме на востание против тиранијата и варваризмот: делуваме во име на слободата и хуманоста; нашата дејност е над сите предрасуди на националност или народност. Затоа треба да ги сметаме за браќа сите оние коишто страдаат во мрачната Империја на Султанот. Денес сите христијански населенија се мизерни, ниту смееме да ги иззмеме дури и турските селани. Ние ја сметаме турската Влада како наш единствен непријател, и сите оние коишто се декларираат себе си како наши противници дали како отворени непријатели или како шпиони, и сите оние коишто напаѓаат старици и старци, и беспомошни деца наместо да не напаѓаат нас. Против нив ги усмеруваме нашите удари и против нив ќе ја спроведеме нашата одмазада.“

Беше направен разумен обид да се обезбеди неутралноста на мохамеданските села, и повремено со успех, како што потврдува следниот симпатичен документ адресиран од големците на турските села до востаничкиот штаб во Крушево:

„Разбравме од тонот на вашето писмо дека вие не сте зли луѓе, дека не сте  ги напуштиле вашите огништа со цел да напаѓате мирно население (како нашето), и дека вие сте спротивставени само на тираните и Владата којашто ги штити. Но оние коишто вие ги барате не се помеѓу нас. Тие избегаа во градовите. Што се однесува до нас, ние ветуваме дека ќе останеме тивки. Доколку вашата намера е да ги убивате невините тогаш можете да дојдете тука. Господ нека им е на помош на оние чија што заложба е правдата! Го препративме вашето писмо до соседните села, коишто го делат нашето мислење.“ 

За еден краток период сѐ ветуваше хармонија[2] и успех. Впрочем, востаниците на изглед триумфираа толку лесно што се предадоа себе си на славењето и ја занемарија приликата да ја притиснат нивната предност преку обединување на своите сили против турските гарнизони во центрите како Ресна, Охрида, Кичево, Касторија, и Сороец. Охрида и Касторија беа достапни само со голема цена, но другите места во никој случај не беа непробојни. Би било погрешно овој привремен труимф да се смета за воен успех, но беше и е од извонредно морално значење. Тоа беше краток час на радост во долгата зима на мизеријата, а сеќавањето од него сѐуште е стимул, барем за младежите.

Првиот знак на живот што Турците го покажаа беше распоредувањето на војска од околу три илјади души под водството на Бактијар Паша да го поврати Крушево. Со нив носеа осумнаесет топови, и ги надбројуваа востаниците десет на еден. После неколку престрелки на 12 август, десет дена по ослободувањето на градот, Бугарите направија некаква спогодба со Турците, веројатно со исплата на откуп на Пашата, и во возврат бугарскиот кварт на градот беше поштеден. Аскерот и баши-бузуците си го спечалија својот надомест безмилосно нафрлајќи се на влашкиот кварт, каде што постоеше богата заедница на гркомани. Во рамките на четири дена беа опожарени 366 куќи и 203 дуќани, барем 44 мажи и жени, сите небојци, беа убиени на улиците (од коишто само тројца беа Бугари); неколку жени беа обесчестени. Пљачката, како на дуќаните така и на домовите беше систематска и комплетна, а стотици граѓани беа претепувани и малтретирани. Бугарите не покажаа храброст во оваа пригода, а нивното поведение кога го оставија влашкиот кварт на грабежот беше срамно несмело. Поведението на Турците беше својствено. Тие беа свесни дека не треба да стравуваат оти ваковиот масакар негативно ќе повлијае на протурската политика на Грците. Невеска и Клисура беа евакуирани од Буагрите без борба—да се надеваме дека побудата била желбата да се избегне изложување на местното население на одмазда слична на онаа што го снајде Крушево.

Околу 25 август Насир Паша, којшто ја беше превзел командата од рацете на беспомошниот Омар Рушди Паша, отпочна да спроведува систематски планирана кампања. Тој е полу-цивилизиран човек којшто зборува германски, и бил вработуван од страна на Султанот во специјално дипломатско својство по разните европски престолнини. Милуваше да објаснува како ги моделирал своите „варварски методи“ според оние коишто ние ги ползувавме во Трансваал. Негова замисла беше да ги спали сите села на кренатите Бугари, и постепено да ги притисне во ќош. Тој секако имаше доволно војска да ја спроведе оваа шема, а областа во којашто делуваше не беше пространа, иако теренот беше мачен. Но секогаш се појавуваше понекоја празнина во неговите кордони, некаков пропуст во распоредот на соработката, или пак одредите коишто требаше да се во потера по востаниците наоѓаа повеќе за сходно и од поголем интерес да ги пљачкаат беспомошните села и да војуваат со жените и децата. Турците имаа успех во извесни зони до таму што ги примораа востаниците да се сконцентрираат, но тие секогаш успеваа да се пробијат до некој полесно окупиран регион. Од 25 август па натаму востаниците делуваа ислучиво одбрамбено. Успејаа да се држат мошне цврсто до средината на септември, постојано влегувајќи во престрелки, марширајќи и контра-марширајќи, претежно успешно избегнувајќи ги Турците, а од време на време впуштајќи се во генерален судир. По септември борењето беше мошне илузорно, и на 2 ноември востанието беше официјално прогласено за окончано. Сѐ на сѐ, Комитетот тврди дека биле водени околу 150 престрелки, и во нив тие ангажирале по помеѓу 20 и 600 души. Обично четите делувале во групи од по 80 до 200 борци. Вкупниот број на настрадани борци како ранети и загинати Комитетот го проценува на 746 души, што се сведува на околу 15 отсто од вкупниот број на борци—процент што укажува на одлучна но не и очајна борба. Во повеќето од овие судири востаниците несомнено биле надбројани најмалку десет спрема еден, а доколку Турците биле стрелци за друи и ронка почит бројката на загинати востаници би била значително повисока. Борбите гради в гради биле ретки, ако и воопшто се случиле. Целата кампања била игра на криенка кадешто мали чети скриени зад карпи и ровови разменувале огин со големи баталјони на отворено. Четите коишто го држеа бојното поле отворено до крајот на октомври го постигнаа сиот успех којшто тие разумно можеа да се надеваат да го остварат. Климата не би дозволила понатамошно одржување на отпорничките активности. Своевидно примирје им дозволи на четите да се распуштат, и не повеќе од една третина од вооружените борци беше принудена да ги предаде своите пушки. Само многу мали чети, сочинети од најочајните илегалци, останаа под оружје преку зимата, воздржувајќи се од агресија, задоволни само да го одбегнат заробувањето и да ја одржат во живот структурата на организацијата.

12. Генералното востание во Тракија од 1903 година 

За да се оконча овој краток опис[3] на воените аспекти на востанието, потребно е да се забележат солидарните револти коишто се случија другаде. Немаше ништо што може да се означи како генерално востание во Скопскиот и Солунскиот вилает, но имаше активно герилско движење, особено во долината на реката Струма, коешто ја оствари својата цел во одвлекувањето на вниманието на Турците и нивното попречување во фрлање на силата на целата армија во Монастирскиот вилает. Имаше исто така неколку обиди на железничките пруги вон монастирската покраина, но овие не беа доволно чести и сериозни за да се сметаат за значителни. Главниот напор вон Монастир беше направен во Адријанополскиот вилает. Адирианопол (Тракија) е еден од најмалку познатите области на Турција. Поголемиот дел од регионот е богата рамнина населена со Бугари и Турци, со грчки населби бо градовите и на крајбрежјето. Но Бугарите од рамнината се во големи размери Муслимани (Помаци). Оваа поголемо присуство на мохамеданскиот елемент е она што во политичка смисла ја разликува Тракија со својата голема рамнина, своите богати розови градини и тутунски полиња од Макеоднија—а Тракија отпочнува практично од Драма. Христијанските Словени од Тракија ги уживаат, верувам,[4] условите на жителите на рамнините во Македонија, коишт се сиромави и целосно здробени под доминацијата на нивните мохамедански соседи поради што не се во можност да ја одржат воинствената мажественост потребна за отворен револт во област кадешто нема планини за засолнување. Меѓутоа, постои планински регион во североисточните предели, оформувајќи триаголен клин помеѓу границата со слободна Бугарија и крајбрежјето на Црното Море, и тука селанството е претежно христијанско, и е било во можност да ја сочува својата мажественост. Во оваа област околу малите градови Малко-Трново и Кирк-килисѐ Комитетот подолго време е сила. Регионот настрада еднакво тешко како и Македонија за време на прогоните од 1903; ситуацијата стана до толку неподнослива, воглавно благодарение на репресиите од страна на баши-бузуците, што не помалку од 20.000 селани—мажи, жени и деца—ги напуштија своите жаришта и своите реколти за време на месеците мај и јуни, на прагот на жетварската сезона, наоѓајќи прибежиште во слободна Бугарија. Во Тракија, впрочем, човек го наоѓа турскиот систем на управување со сета своја карактеристична примитивност. Дури и во Адрианопол конзулите се реткост, а благодарение на некаков неверојатен повод на политичка себичност Русија и Австрија отсекогаш одбиваа да дозволат протегање на македонските реформи во овој запоставен и заборавен регион. Помеѓу овие бегалци Комитетот природно најде кандидати за своите чети, и две недели по објавата на востанитето во Монастир, знамето извезено со лозунгот „Слобода или смрт“ беше развеано и во Адријанополскиот вилает (18 август). Востанието го следеше претежно истиот крус само во помал размер. Патишта, мостови, и телеграфски линии беа уништувани, изолираните гарнизони беа совладани, баши-бузуците принудени на бегство или на предавање, и низ текот на две или три недели целата оваа планинска област беше во рацете на востаниците. Меѓутоа, тие покажаа мала спретност и не беше направен обид да се завземе градчето Малко-Трново. Грците од крајбрежјето беа обвиени во паника, сметајќи дека Бугарите имаат намера да ги масакрираат. Востаниците биле, колку што можев да разберам, околу 1.200 на број, а загинале или биле ранети само 46-мина. Релативно огромна турска војска конечно била донесена во Вилаетот (се зборува за 40.000 души), повеќе со цел да се заплаши Бугарија одошто да се загуши толку незначително востание. Оваа распоредување немаше воен интерес, но за момент се чинеше дека постои вистинска прилика за возбудливи компликации. На 3 август рускиот конзул во Монастир, г-дин Ростковски, способен но насилен човек, којшто никако не беше способен да запамети дека албанскиот Муслиман има пожестоко чувство на чест одошто рускиот селанин, зашамара жандарм којшто испушти да го поздрави, и беше убиен на место. Ова беше вториот смртен случај во рок од четири месеци којшто го снајде рускиот конзуларен персонал во Македонија (првиот беше атентатот на г-дин Стребина во Митровица), и очигледно не можеше да се превиди лесно. На никого не му текна да бара казна за злосторниците коишто беа одговорни за масакрите во Смрдеш и Монастир [веројатно Брајлсфорд мисли на Могила, заб. Д.П.), но, како што еден Македонец еднаш ми забележа, „Европејската крв е скапоцена.“ Русија побара да се разреши Валијата, да се обеси убиецот, и да се казнат неколкумина други жртвени јарци. За да даде поголема тежина на своите барања, Црноморската флота беше ставена во движење и се појави во Инадскиот залив при Тракијското крајбрежје токму во мигот кога востанието беше во својот зенит. Бунтовниците беа доволно наивни да поверуваат дека оваа коинциденција била некако поврзана со нивните страдања и надежи, и некако успејаа да не ја разберат величествената ментална одвоеност на Царот којшто беше подоготвен во овој врховен час во историјата на неговите сонародници, Јужните Словени, да ја прати својата флота на нивниот брег со никоја друга цел одошто да го обележи своето незадоволство со смртта на еден од неговите конзули во приватна и мошне погана кавга. Но така беше.[5] Флотата седеше засидрена, гледајќи го пламенот на спалените села и сигналните пожари непотресена, а кога проколнатиот жандарм беше обесен спокојно си отплови дома. Бргу по нејзиното заминување отпочна фазата на масакар и опустошување, но овој развој на настаните не беше интересен за господарите на светските морнарици.


[1] Бројноста на овие неколку чети беше, грубо, како што следи: Смилево и Ѓавата околу 650 души; Крушево 400; Демир-Хисар 420; Ресна 450; Пресба 300; Флорина 450; Касторија 700; Охрида 880; Кичево 350; Монастирската рамнина 250. Сѐ на сѐ околу 4.800 души. Но ги давам овие бројки со резерва. Немам видено официјални списоци.

[2] Исправно е за непристрасен наратив да ги документира инстанците во коишто востаниците не беа верни на својот идеал. (1) На првиот ден на востанието чета под раководството на Чакаларов пресретнала група невооружени Муслимани од селото Ѓавени на патот за Касторија, и ладнокрвно масакрирала дваесет-и-четири мажи и четири момчиња; четири момчиња биле поштедени. Подоцна селото било опколено и опожарено. (2) Кога Чакаларов бил истиснат од Клисура извршил упад со шестотини души во Колонската област, којашто е чисто албанска. Опожарил шест селца—триесет куќи на сѐ. (3) Три турски села биле опожарени во име на одмазда во Преспанскиот регион. (4) Семејствата на турските службеници во Крушево биле добро згрижени и хранети од страна на востаниците додека градот бил во нивни раце, но за време на нападот две Турчинки биле убиени—можеби случајно. Ова беше изолиран инцидент, и верувам едниствена пригода во којашто востаниците беа виновни за грев против жените. Сѐ на сѐ забележително е што толку малку варваризам беше практикуван од страна на Христијаните. Поведението на Комитетот беше многу подобро за време на востанието одошто пред и потоа. Кога беше во позиција да спроведе неизмерно зло покажа самоконтрола и умереност.

[3] Љубопитниот читател може да се обрати на Меморандумот на Внатрешната организација којшто веќе го спомнав. Дури и како авантури отчетите коишто ги имам слушнато од востаничките офицери ретко беа интересни, претворајќи се во ништо повеќе од постојани потери и бегства.

[4] Подалеку на исток од Дојран исклучиво имам патувано со воз, така што политичките услови во Тракија можам да пишувам само од второрачни описи.

[5] „Првиот Секретар на Руската амбасада ме извести утринава дека руската флора ќе се упати кон Иниада, но дека нејзиното навлегување во турски води е наменето само да ја нагласи тежината со којашто Владата гледа на убиството на рускиот конзул, и не е инаку поврзано со ситуацијата на збиднувањата во Македонија“ (Сина книга, Цд. 1875, стр. 273).