Welcome visitor you can log in or create an account

Големото празно


Професор Звонимир Јанкуловски за Нова Македонија 09.06.2022

Го слушам премиерот на „неговата“ држава како беседи за нивните постигнувања во политиката, менаџирањето на кризата, нашите надворешнополитички приоритети и ме обзема тивка „језа“, како кога гледате хорор-филм во кој со секоја следна сцена се приближувате до неминовниот ужасен крај. Или кога влегувате во самопослуга и ги гледате цените на производите. Ужас. И знаете дека „неговата“ држава, а мојата Македонија се упатува кон својата најголема политичка, уставна и егзистенцијална криза од независноста, која навестува распаѓање на државата и поделба на земјата. Македонскиот политички систем (ако таков воопшто постои во моментов) влегува во криза за која Уставот не нуди лек. Тој и така никогаш не нудел, сега најмалку. Уништувањето на демократијата можеби нема да дојде до 2024 година, но критичните чекори во таа насока се случуваат сега. Тоа е резултат кога политичкиот и интелектуален естаблишмент во Македонија го потцени преземањето на власта на руралното крило на СДСМ предводена од несудениот нобеловец од „Калиниќ пијаца“, како и неговата способност за манипулации и лаги, за потоа да го потцени до каде е подготвен да оди за да ја задржи власта. Слабото владеење на оваа власт стана двигател на ризикот од катастрофи и е поврзан со многу други ризици, како што се сиромаштијата и нееднаквоста, лошо планираниот економски развој и надворешнополитичко (ре)позиционирање на државата. Ако некој сѐ уште има дилема од ризикот дека сме на чекор од бездната нека продолжи да молчи, негира, релативизира и да ѝ дава легитимитет на оваа власт, утре – утре нема да биде подобро ниту за него ниту за нас. Со тоа што ќе биде соучесник во процесот на разградување на државата и нејзиното уништување.
Влијателниот британски филозоф од 17 век, Џон Лок, напишал дека умот е табула раса додека искуството во форма на сензација и рефлексија не ги обезбеди основните материјали – едноставни идеи – од кои е изграден најголемиот дел од нашето посложено знаење. Оваа влада е едно големо празно, без идеи и знаење. Бел лист хартија што е очајно празен. Како и биографиите на нејзините експоненти во власта. Власта е слика без содржина. Демагогија, недоследност и променливост.

Основните компоненти на власта што нема фиксна агенда е целосно стил без суштина – табула раса. Можеби затоа колку повеќе работите се менуваат, како што тврди власта, толку повеќе остануваат исти. И, искрено, од кого да очекувате промена? Од разнесувачи на пици!? Од средношколци, владини советници во поодминати години!? Од професори кодоши без референци!? Од новинари експерти за сѐ!? Од табула раса политичари!? Затоа и надежта за политички промени е само дел од циклусот на шизофрена експлоатација на кратки сеќавања на гласачите и политичка партизација? Може ли ваква влада некогаш да донесе подобра иднина? Мало сутра. А и тогаш не верувам.
Затоа потребни се избори. И тоа итно. Не држи тезата на претседателот Пендаровски дека „предвремени избори може да направиме и утре, но што би решиле тие во однос на кризите со кои се соочуваме“, сомневајќи се „оти со предвремените избори би имало деблокада на евроинтеграциите или промени во делот на цените на енергија и храна“. Притоа заборави да каже дека изборите сами по себе се промена. А промените секогаш се водени од луѓето и произлегуваат од нив. Изборите се шанса да се обнови политиката на оптимизам, начин да се победи политика на потценување на гласачите. Изборите се разликата помеѓу граѓанин и субјект. Која очигледно не ја разбрал претседателот на „нашата“ држава. Како ни тоа дека изборите како начин на промени се неопходни за да се врати моќта кај народот. Онаа моќ со која си поигрува власта сиве години. Во држава каде што власта е неспособна, алчна, корумпирана и ја злоупотребува својата моќ, или ги игнорира потребите на граѓаните, изборите се начин за промена и повикување на одговорност. Затоа предвремените избори би решиле многу за иднината на државата и менаџирањето на кризите. И во краен случај би значеле легитимитет на власта, која и да е, изгубена во шарениот свет на квазипромените во 2016 година. 

Се обидувам да ја разберам власта зошто бега од избори. Зашто се плаши од избори како ѓавол од крст. Тие би да останат уште малку, надевајќи се дека пак некое чудо ќе ги спаси од историски заборав. А богами и осуда. Нашиве табула раса политичари од власта никако да слушнат дека народот бара избори. Да, опозицијата повикува на предвремени избори, но тоа е само ехо на гласот на народот. Не ќе да е до опозицијата, до народот е. Или за власта тоа е исто. Спречувањето на иднината стана голема причина за политиката на опстанок на оваа власт. Бегајќи од изборите не само што ја носат партијата во пропаст туку ја носат и државата. Со нив тонеме и ние. Затоа и понатаму нека се прашува Претседателот што ќе сменат изборите. Ако не може да види што ќе променат нека го праша народот. Оној кој дава и зема во политиката.