Welcome visitor you can log in or create an account

2022 – уште една година на опасно живеење


Професор Звонимир Јанкуловски за Нова Македонија 14.12.2021

Ако се суди по почетокот на новата година, светот продолжува да се соочува со застрашувачка низа предизвици: пандемијата на ковид-19, која повторно се разгорува, климатските промени, борбата меѓу демократијата и авторитаризмот, геополитичкиот неред, хуманитарните кризи, масовните миграции и транснационалниот тероризам. Жив е ризикот од нови меѓудржавни конфликти, влошени со рушење на меѓународниот поредок заснован на меѓународни правила и ширење смртоносно автономно оружје.
Далеку сме од оптимистичката визија за универзален поредок на либерални, капиталистички, демократски држави што живеат во мир и задоволство. Оваа визија денес е заменета со многу поинаков глобален пејзаж во кој геополитичките ризици се поголеми како никогаш досега. Растечкиот геополитички хаос засилен од пандемијата на ковид-19 ги сруши надежите и очекувањата на светот за подобра и просперитетна 2022 година. Соочени сме со свет во кој авторитарните држави за многумина се чини дека се во надмоќ во услови на широкораспространето демократско назадување. Сè на сè, 2022 година ќе биде една од најкомплексните, најнепредвидливите и потенцијално опасна геополитичка година во последните децении. Ќе биде уште една година на опасно живеење.
Заканата од конкуренција на големите сили ќе се спои со влошената климатска криза, за да создаде свет на зголемени национални безбедносни ризици. Како никогаш досега светот е соочен со толку експлозивна геополитичка и домашна политичка несигурност. Во 2022 година светот ќе почне да се врти поинаку. Земјите и компаниите ќе почнат да се менуваат и ќе бидат формирани од новиот глобален геополитички поредок. Оваа транзиција ќе потрае и ќе предизвика значителни нарушувања, бидејќи земјите, блоковите и хемисферите ќе почнат да комуницираат поинаку. Несигурноста на која неволно се приспособивме во последниве години ќе продолжи додека ја напуштаме геополитичката комфорна зона од минатите децении. Хаотичното повлекување на САД од Авганистан го симболизираше нередот во новиот меѓународен поредок, оставајќи го светот, засега, без доминантната глобална сила што во суштина ги постави условите за меѓународната трговија, безбедност и геополитика во последните 70 години. Без американска потпора, слабиот геополитички поредок го зголемува ризикот од пропаднати држави, слабо владеење на меѓународното право и норми и обновени тензии во регионалните центри на нестабилност. Ние сме во раните денови на разбирање како изгледа и како се чувствува свет со намалено глобално присуство на САД. Природата не е научена да функционира во вакуум. Така е и со геополитиката.

Сепак, нема да видиме големи и брзи поместувања во 2022 година во просторот што САД го отстапуваат, туку почеток на репозиционирањето. На некој начин овој нов геополитички поредок ќе биде обликуван од вековните прашања поврзани со обезбедување извори на моќ, ресурси и трговски патишта. Конкретно, земјите со ресурси клучни за „зелен економски раст“ ќе бидат во пораст на нивниот статус, додека оние со фосилни горива се соочуваат со понеизвесна иднина. Ова ќе има длабоки импликации за релативниот статус на одредени држави, трговски правци, валути и бизниси. Несреќна да набљудува како геополитичките стрели летаат над главата меѓу Вашингтон и Пекинг, ЕУ ќе продолжи да се стреми да стане уште посилен и поистакнат меѓународен играч додека ја продолжува својата заложба за „стратегиска автономија“. Но, засега, нејзиниот главен извор на глобална моќ ќе остане нејзината огромна регулаторна моќ“. Иако ЕУ има целосен пакет на надворешни, безбедносни и одбранбени политики, нивната ефикасност е отворена за дебата. Развлечена од внатрешните политички пожари (Унгарија, Полска) и транзицијата на лидерството по Меркел, Европа ќе остане нормативната сила каква што е денес. И толку.
Новото преуредување на светот ќе треба да се приспособи на земјите што ќе претрпат понатамошни длабоки промени на нивниот глобален статус и, во некои случаи, ранливоста што ги одразува демографските, климатските промени, природните ресурси, стратегиската локација и економскиот раст. Овие држави, меѓу кои Русија или Индија, неволно ќе прифатат светски поредок определен од неколку добро етаблирани глобални титани, било да се тие од Запад или од Исток. Иако можеби нивното севкупно влијание ќе биде ограничено, сепак се способни да извезуваат нестабилност поткопувајќи го потенцијалот за меѓународна соработка за клучните геополитички прашања и опортунистички ќе го попречат пристапот до ресурсите. Во отсуство на глобални гаранти на редот можеме да очекуваме вниманието повторно да се фокусира на некои одамна познати геополитички точки: Иран – САД, Тајван – Кина, Пакистан – Индија, Русија – Украина. Во свет каде што сѐ потешко е да се распореди воената моќ, невоените оружја на геополитиката – санкции, сајбер-напади, регулаторни удари ќе стануваат сѐ поагресивни.

Некој можеби ќе праша каде е Македонија во овие процеси. Одговорот е едноставен. Никаде. А ни таму. Можеби за „нобеловците“ од Калиниќ „пијаца“ или харвардовците за по дома светот продолжува да се врти околу Македонија и нејзините проблеми. А ние сме толку безначајни во големата геополитичка шема. Ниту во минатите години, ниту пак во 2022 година, имаме интелектуален и институционален капацитет да го разбереме, управуваме и следиме поактивно геополитичкиот ризик со кој се соочуваме. Ние сме држава вејка на геополитичките ветришта, кои нѐ фрлаат без никаква контрола и без никакво управување. За нас нема место на геополитичката маса, надвор сме од геополитичкото мени. На вечерата на големите ние не сме гости, ние сме храна. Затоа и во 2022-та ќе продолжиме да ја сонуваме „безалтернативната“ Европа, ќе живееме со проблемите со нашите „пријателски“ настроени соседни држави, ќе се занимаваме самите со себе, ќе глумиме политичка и економска независност, додека светот се менува и приспособува на новиот глобален поредок. Ќе продолжиме да живееме со наследството на Заев, не знаејќи кој правец да го фатиме. Прикрпено политичко раководство без легитимитет тешко ќе ги пилотира овие трансформации, а ние ќе продолжиме да одиме наназад во иднината, неспособни навидум да влијаеме на таа иднина, само гледајќи во урнатините од своето минато.