Welcome visitor you can log in or create an account

Фаталното пријателство на политиката и историјата во Македонија

Професор Звонимир Јанкуловски за Нова Македонија 08.10.2021

Водат држава, а не знаат. А да читаа ќе знаеја дека е невозможно да имате група историчари што можат да организираат музејска изложба на вистината. Нормално е да очекувате дека нивната согласност околу историските факти би била рамна на утопија. Што значи дека целосната објективност на историјата е невозможна. Да, мора да се стремиме кон објективност на историјата, но историчарите никогаш не можат да стигнат таму. Она што се бара од историчарот е да се обиде да биде непристрасен и да се обиде и да го разгледа секој историски настан од различни агли на гледање. Најдобрите шанси за добивање на вистината е да се изградат различни перспективи пред да се донесат заклучоци. И покрај сето ова, вие како држава формирате комисија што треба да преговара за историските факти на два спротиставени народа.
Утопија во акција. Колку и да сакаме да ѝ се лутиме на Бугарија што нѐ блокира на нашиот „историски безалтернативен пат“ кон Европската Унија, да не заборавиме дека ни ги отвори очите да видиме колку историчарите и политичарите во Македонија биле и се трајно во фатално пријателство, кое доведе да се запрашаме што е и која е вистинската историја на Македонија. Сега можеме да се увериме колку нашите историчари биле ангажирани во историската реконструкција на дефинирањето или редефинирањето на националниот идентитет.

Спорот со Бугарија ни потврди како односот меѓу историјата и политиката може да се искористи како обид да се олесни националната амнезија преку бришење на колективната меморија, како основата на која го градеше чувството на припадност на македонскиот народ. Очигледно комисијата не е формирана за интерпретација на историските факти во функција на градење на колективната меморија, туку во нејзино заборавање. Затоа денес кога политиката се повикува на историски факти за да ги оправда своите политичките цели, треба да се запрашаме која е вистинската историја на овој народ. Што знаеме за историските факти и како може да се толкуваат?
Малку е лицемерно да се повикувате на тоа дека сте демократска држава како изговор за игнорирање на темните петна на македонската историја. Зарем повторно требаше баш Бугарија да нѐ потсети дека Македонија е една од ретките држави што не расчистила со своето комунистичко минато и не обезбедила рехабилитација на жртвите на комунизмот. Гордиевиот јазол на комунизмот никогаш не беше тема на македонската транзиција кон демократијата. А и кога беше, оние што се обидоа да ја отворат беа сатанизирани. Затоа државата ја изградевме на лаги, негирање и амнезија на поранешните комунисти, кои продолжија да одржуваат влијателни позиции и се противеа на вистинскиот прекин со минатото. Како може да барате од џелатите на комунизмот во Македонија да ги осудат злосторствата на комунистичката идеологија и да ја разберат потребата што ги допира граѓанската и моралната совест на слободниот свет за ова, кога си се распослаа комотно во транзициска Македонија? Велат дека „идеалниот субјект на тоталитарното владеење не е убедениот нацист или убедениот комунист, туку луѓето за кои разликата помеѓу факт и фикција (т.е. реалноста на искуството) и разликата помеѓу вистинското и лажното (т.е. стандардите на размислување) повеќе не постојат“. Тоа е Македонија денес, дозволувајќи Бугарија да ја разголи нашата неспособност да се обединиме во отфрлањето на комунистичкото минато и неговата смртоносна идеологија.

Со прифаќањето да се пазариме со нашата историја и минато влеговме во сопствената замка на манипулирани историски наративи и факти, надевајќи се дека со текот на времето вистината ќе умре, а нејзината алтернативна верзија ќе биде доминантна. Очигледно тоа не се случи и нема да се случи во блиска иднина. Кога вистината и разумот се загрозени видови во Македонија, живо ме интересира како политиката мисли да излезe од историската замка што сама си ја креира во преговорите со Бугарија. Можеби молчењето ќе помогне како што помагаше досега. Видовме како се молчи таму каде што вистината требаше да зборува. Изгледа премногу долго молчевме оставајќи простор да се обнови и ревитализира комунистичката идеологија, која го загрози здравото демократско ткиво на македонската држава. Комунизмот како вирус, туѓо тело среде вистинските европски традиции и непријател на европската вредности, ги контаминира и нашите европски аспирации. Затоа е крајно време да го разоткриеме и да му ја кажеме вистината на светот за нашата темна страна на историјата. Осудата за злосторствата извршени во име на комунистичката идеологија е неопходен чекор што ги бара граѓанската и моралната совест на слободните луѓе. А не Бугарија. Нашата колективна совест треба да извлече поуки од овој процес и конечно да се реши со сета сериозност трагедијата што не смее никогаш веќе да се повтори.
Само така ќе ја сопреме упорноста на комунистичките фалсификати на историјата и спомените, кои се „тога на победата над фашизмот“ и грдата голотија на поранешниот режим чии злосторства беа затскривани зад лажно креираните историски факти.

Доста историјата ни ја пишуваше политиката, време е тоа да го направат историчарите. Оние што ќе разговараат со власта од истите причини поради кои треба да разговараат со јавноста. А не како оние од комисијата, кои преговараат со Бугарија и кои се спремни да ја злоупотребат историјата за да ги оправдаат постапките и желбите на политиката. Нормално, не грижејќи се за последиците по сопствениот народ, неговата историја и колективна меморија. Можеби се надеваат дека ќе испишат нова историја манипулирајќи со историските факти, олеснувајќи ја на тој начин националната амнезија. Таквата историја може да биде многу опасна. Може да создаде погрешни впечатоци. Може да создаде оправдувања. Може да ги натера луѓето да прават работи што всушност се погрешни или многу опасни. Онака како што го правеле тоа досега.