Welcome visitor you can log in or create an account

Очаен политичар за очајна демократија

Професор Звонимир Јанкуловски за Нова Македонија 24.09.2021

Лидерот на „државотворната партија“ станува навистина сѐ поочаен, а тоа значи сѐ поопасен. Кога ќе се профилирате како политичар инфициран од корупција, криминално однесување и неспособност, политиката станува пропусница за финансиска заштита и релевантност. Еднаш кога ќе се вкуси моќта, тешко се живее без неа.
За жал, немаме начин како да ја спасиме демократијата од вакви политичари и тогаш кога многу животи се изгубени и уништени од нивниот очај да се постигне нескротлива моќ и да се остане на власт по секоја цена, жртвувајќи го демократскиот карактер на изборите како мирна практика што треба да се спроведе слободно и праведно во одреденото време. Очигледно дека силната желба за пари, влијание и моќ ги откорна природната совест и емпатија кај нив. Тоа го гледаме со години, но сега како никогаш порано го видовме во дуелот на двајцата лидери на најголемите политички партии во Македонија. Ни се покажа грдото лице на политиката и токсичноста на моќта во очајниот поход на власта по секоја цена. Видовме дека нема ништо поопасно во политиката од очаен политичар што нема што да загуби.
Очаен политичар е како очајна домаќинка. Лажна совест и илузорна претстава за реалноста. Можеби затоа го видовме најниското ниво на лична и колективна политичка дискредитација од лидер што треба да биде пример на политичар. Лидер што требаше да се грижи за народот и државата. Барем во нешто нѐ увери: дека на овие избори дефинитивно одиме во војна.

Велат дека очајни политичари се опасни за демократијата. Дури и ако успешно бидат отстранети од функцијата, штетата што би можеле да ја направат за да го казнат народот поради нивното неприфаќање, искрено е застрашувачкa. Оној очаен повик на премиерот дека не размислува за оставка за да дојде Мицковски на негово место не е некакво реално темно шоу, туку нашиот дегенериран политички систем во немир. Очигледно многуте скандали, посебно пред локалните избори, го извадија лидерот на самонаречената „државотворна партија“ надвор од контрола. Со секој изминат ден, а посебно за време на телевизискиот дуел видовме слаб и ранлив политичар што очајно бара, но не наоѓа начин да ја одржи и да ја прошири својата поддршка во многу расклатената политичка територија. Како што времето одминува и се приближуваат локалните избори, тој станува сѐ позлобен и поопасен за своите политички противници и за електоратот. Неговиот инстинкт за преживување и опстанок во политиката е толку силен што од ден на ден го прави сѐ помалку популарен и посакуван меѓу граѓаните на оваа држава. Освен меѓу неговите слепи поддржувачи. Во овој момент заличува на грогиран боксер што прима удар за удар и кој едвај може да стои на нозе, но е подготвен да гризе и да удира под појасот во последните минути од натпреварот.
Како тргнале работите, ќе одат на полошо. Кога имате некој што повеќе не може да го види патот до победата преку легитимни средства, тогаш демократијата во Македонија се соочува со својот најголем ризик. Се укажува дека следните неколку недели ќе бидат брутални, а способноста на нашата демократија да се зачува ќе биде тестирана, за разлика од кој било друг момент во модерната историја на оваа држава. Лошата вест е дека со намалувањето на шансите на власта да ги добие изборите, се зголемува ризикот од манипулација со истите тие. Ова е парадоксот што го дефинира овој момент: како што се намалуваат шансите за успех на власта, се зголемуваат ризиците по демократијата. А некој ќе каже дека се работи само за локални избори.

Премалку и предоцна е за да се спаси власта од амбисот пред неа. Нема многу сомнежи по телевизиската дебата дека пропадна последниот очаен обид на премиерот да ја спаси својата брзо опаѓачка политичка позиција, по ужасот што се случи во Тетово и бесот кај народот за неговото калкулантско однесување со оставките на одговорните за трагедијата. Тоа е пристап што е политички бесмислен, колку што е и морално грозен. Заев одамна ги „напушти“ Македонија и Македонците, но неговите напори да се спаси себеси се бесконечни. Гледаме човек што изгледа ранет и очаен – и тоа го прави опасен. Многу опасен. Опасен за себе, опасен за државата.
Да, во реалноста сите сме очајни на еден или на друг начин. Но кога дури и во вашиот очај го давате најдоброто од себе за другите вашиот живот може да изгледа многу помалку очаен. Не и неговиот. Овој политичар нема веќе што да даде, откако им зеде сѐ на државата и на народот. Сега кога погледнавме зад параванот на политиката, кога ја видовме вистинската личност на овој политичар, го слушнавме и го слушаме веќе долго неговиот приземен, уличарски, како што го нарекува тој, јазик и забавните (или како што некои го нарекоа, застрашувачки или засрамувачки) театрални истапи, повторно треба да избереме.

Нашето гласање треба да биде нашата можност да влијаеме врз иднината на нашата земја. Така треба, но дали ќе биде така е друго прашање. Во македонската политичка арена обвиткана со театарска претстава, кога ќе ги тргнете партиските предрасуди и ќе ги соголите вашите политичари, како што се случи на телевизискиот дуел, останува безидентитетска аморфна маса. Змии што ја менуваат својата кожа секој изборен циклус. За вакви очајни политичари остануваме топовско месо на политиката, колатерална штета во нивните рутински престрелки и жестока борба за опстанок.
Во хаотичната политичка реалност што ја креира со оваа власт, пандемијата на коронавирусот, економската криза и чувствителната безбедносна ситуација, народот нема веќе време или трпение за вакви очајни и истрошени политичари. Политичкото однесување што се случува пред нашите очи едноставно е одвоено од реалноста.
Вистинското шоу ќе започне по локалните избори. Затоа, време е народот да ѝ стави крај на оваа фарса.