Welcome visitor you can log in or create an account

Европската Унија – опсесивно-компулсивно нарушување на политиката

 

На сите им е преку глава од бугарската позиција за Македонија. Таа е несфатлива, неодбранлива и го дестабилизира Западен Балкан. Бугарија губи пријатели со голема брзина. Ќе изјават нашите „белосветски“ поддржувачи. И што фајде од ова. Што имаме ние од разочараноста што земјите-членки на ЕУ не успеаја да ја усвојат преговарачката рамка за Македонија, што ЕУ не го испочитува принципот „вие испорачувате, ние испорачуваме“, кога повторно сме заглавени во чекалницата на ЕУ.

Само што овој пат власта испорача нешто што не беше за испорачување: името на државата и идентитетот. И повторно останавме свирци. Арно ама не можеле толку да нѐ блокираат колку што ние можеме да истрпиме на патот кон ЕУ. Да го парафразирам министерот за надворешни работи: не може толку да нѐ понижат колку што оваа власт е подготвена да консумира. И, секако, времето работи за нас. Она во иднина. Кога-тогаш некоја генерација на она што ќе остане од идентитетски обезличените Македонци можеби ќе го види светлото во тунелот наречен Европска Унија. Дотогаш ќе се обидуваме, ќе тропаме, молиме, ќе принесуваме жртви на олтарот на Унијата, ќе ја продаваме душата на овој народ, ќе го менуваме Уставот и ќе се понижуваме. Со оваа власт секогаш можеме и повеќе и подобро.

Очигледно дека не можеме да избегаме од разочарувањето, посебно не власта што одбиваше да ја перципира реалноста на овој процес и неговата лицемерност. Не дека не ѝ беше кажано. Тоа се случува кога одбиваш да го видиш она што е очигледно. Кај нас веќе не станува збор за информираност, туку за опсесија со ЕУ, која суптилно почнува да ги уништува нашите животи. Ние сме заложници во политичкиот театар што ни го приредува власта. За жал, самите се лажеме дека сме дел од најважното време во историјата на овој народ и изопачено почнуваме да веруваме дека нашите животи зависат од тоа да се биде или не членка на ЕУ. Наместо да зависат од успешната економија, здравство, образование. Премногу политички бензин врз веќе запалениот политички оган нѐ прави бесчувствителни и апатични кон политичките измами што власта вешто ги менаџира во меѓувреме. Опсесивната европска агенда го замагли секојдневното ограбување на државата, нејзиното политичко и идентитетско демонтирање, корупцијата, смртта што нѐ демне на секој чекор во пандемијава и медиумските измами во име на нивните олигархиски сопственици. Станавме топовско месо на политиката чекајќи ја ЕУ.

Премногу лаги со години нѐ држат во заблуда дека државата и политичарите се грижат за нас. Дека се посветени на ЕУ и на НАТО-процесите. Дека Европа само што не нѐ запишала, а вакцините против ковидот само што не пристигнале. Дека животот само што не процветал во нивната утописка држава, додека околу нас заминуваат млади и умираат луѓе што биле доведени во заблуда дека политичарите работат за нивно добро и благосостојба. Да, тешко е да се признае дека политиката и политичарите ве измамиле. Посебно оние на кои сте им верувале. Кога ќе го пречекорите прагот на болницата и мртовечницата, останува само лажното чувство на надеж дека тие се тука за вас. Ниту биле ниту ќе бидат. Ниту сериозно ги заболе за ЕУ и за НАТО. Тоа е соочувањето со самите себе и со нашите заблуди. Тешко е да се признае, но тоа е вистината. Политиката е името на играта во која единствено победуваат политичарите. Ние другите сме обични губитници.

Гледам почнува да се загрева изборната сезона. Многумина ќе се прешалтаат и ќе станат опседнати со своите политички верувања како осамени грешници чие страдање го принесуваат на олтарот на нивната партија и лидер, како влог за својата иднина. Не онаа во ЕУ. Онаа локалната. Чувствуваат дека е време да го облечат својот политички дрес крајно несреќни од себе, од своите животи, од политиката, продолжувајќи да ја живеат илузијата дека „нивните“ ќе се погрижат за нив.

Нормално, по изборите ако победат. Патетично и тажно. Сѐ повеќе расте политичкиот апетити на политичкиот пазар манипулиран од политичарите и медиумите. Да зборувам за некое активно локално граѓанство: вклучување во заедницата и работа со другите за да се направат позитивни промени, ми личи наивно пред локални избори. Кога знаете дека се работи за едно од најголемите бироа за вработување. Повторно ќе се ветува Европската Унија во една нова временски обландирана рамка. И повторно ќе дозволиме да бидеме излажани, лажејќи се самите себеси.

А дотогаш? Дотогаш ќе чекаме во редови во Београд, Ниш, Врање за вакцинација, додека министерот за здравство ќе вози мотор и ќе нѐ убедува дека масовната вакцинација кај нас тече непречено, молејќи бога да не завршите како пациент во „неговиот“ здравствен систем; ќе му веруваме на премиерот дека богатство се заработува од лубеници и чушки и дека учењето е луксуз за успех во животот; на министерот за образование дека дигитализацијата ќе го крене на европско и светско ниво нашето образование, а тоа не ни е ни селско; или на заменик-претседателот на Владата за европски прашања, кој ќе се бори за нашиот европски идентитет откако го продаде македонскиот и ќе нѐ засмева дека без оглед на сѐ сме граделе европска демократија во Македонија.

Време е да се разбудиме пред да биде предоцна. Да видиме дека животот денес ниту е подобар ниту побогат од порано, напротив стана евтин и предвидлив. Дека Европа може да нѐ држи надвор онолку долго колку што е потребно да нѐ истошти за да заборавиме зошто сме посакале да бидеме дел од неа, а политичарите и политиката и понатаму да бидат потентна стресна бомба што гарантирано кумулативно ќе го скрати вашиот животен век. Што веќе го прави.