Welcome visitor you can log in or create an account

Звонимир Јанкулоски: Да бидеш македонски дипломат без дефинирани национални интереси е повеќе од предизвик, тоа е невозможна мисија

Интервјуто е превземено од МКД.МК

Државата на која ѝ служев беше Република Македонија. Искрено, имам сериозен проблем да се идентификувам со новата држава. Онаа, северна. Со држава на „реформаторски“ политики што нѐ понижија како народ, одговара на прашањето дали повторно би се ангажирал како дипломат проф. д-р Звонимир Јанкуловски во интервју за МКД.мк. „Сѐ потешко ми оди да се потсетам себеси дека треба да бидам претставник на суверена држава, која сѐ помалку е тоа“.

 
 

Јанкуловски, денес ректор на МИТ универзитетот во Скопје, вели дека дипломатијата со години се обидувала да ги оформи приоритетите на нашите национални интереси, но дека е станата биро за вработување во странство. „Како амбасадор многупати сум бил во ситуација да се срамам од македонските политичари што доаѓаа во Советот на Европа, од нивната сервилност, немањето лична самопочит и достоинство во контактите со меѓународните претставници“, вели професорот Јанкуловски.

Каде е проблемот на македонската дипломатија – во Министерството за надворешни работи, во министрите, немањето единствена надворешна политика, која најчесто зависи од тоа кој министер од која партија е, или од буџетот?

- Кај нас политиката и политичарите редовно ја мешаат дипломатијата со надворешната политика, иако поимите не се синоними. Дипломатијата е главниот, но не и единствен инструмент на надворешната политика, што го поставуваат политичките лидери, иако дипломатите (покрај воените и разузнавачките службеници) можат да ги советуваат. Надворешната политика воспоставува цели, пропишува стратегии и поставува широки тактики што треба да се користат за нивно остварување. Дипломатијата треба да ги оствари. За успешна дипломатија се потребни јасни и прецизно дефинирани национални интереси. Колку да потсетам дека терминот „национален интерес“ вообичаено се користи уште од основањето на националните држави за да се опишат аспирациите и целите на суверените субјекти на меѓународната сцена. Македонија не била и не може да биде исклучок. За волја на вистината, нашата меѓународна политика и дипломатија страдаат од широко распространета двосмисленост во врска со значењето на националниот интерес. Реално, никогаш не го дефиниравме прецизно националниот интерес за да обезбедиме плодна и ефикасна надворешна политика и дипломатија.

При флуидни и нејасни национални интереси и ограничени ресурси, дипломатијата со години се обидува да погоди кои национални интереси на државата треба да бидат приоритет во нашето надворешнополитичко претставување. Да бидеш македонски дипломат во вакви услови е повеќе од предизвик. Тоа понекогаш изгледа како невозможна мисија.

Како да се поставите кон „националниот“ интерес. И кој? Како дипломатски да ги балансирате „глупостите“ на политичките лидери? Како да се справите со несогласувањето? Како да се балансира врската со Министерството за надворешни работи? Како да следите инструкции како дипломат кога нив ги нема? Како да се раководи и менаџира дипломатското претставување со крајно лимитиран буџет? Со други зборови, без пари. Посебно кога знаете дека во дипломатијата нема место за импровизации.

Ако така стојат работите уште од самиот старт, тогаш како се снаоѓаат дипломатите со промените, со новите прашања што секојдневно се отвораат на меѓународната сцена?

- Друго е прашањето на немањето организациски и концептуален модел на МНР способен да одговори на новите видови политички чинители, новите видови комуникација, новите меѓународни теми и области на прашања, како и новите начини на меѓународна соработка. Сегашните институционални аранжмани за спроведување на националните надворешни политики се антиквизирани, неефикасни и контрапродуктивни. Бидејќи природата на меѓународните односи е радикално изменета од низа технолошки, пазарни и политички случувања, неопходно е националните институции за надворешна политика соодветно да се приспособат. За тоа одговорноста побарајте ја кај министрите за надворешни работи. Поради притисоците на глобализацијата, сепак, некаков вид организациска реформа беше апсолутно неопходна. А неа ја нема. Со вакви „ентузијасти“ во надворешната политика ќе ја нема и во догледно време.

Како може да го оцените Вашето претставување на Македонија во Ватикан и во Советот на Европа? Со кои проблеми се соочувавте додека бевте дипломат?

- Две сосема различни искуства. Заминав во Советот на Европа како прв македонски амбасадор назначен од тогашниот претседател на државата Борис Трајковски. Верував дека академскиот бекграунд и образование на едни на најпрестижните универзитети во светот е гаранција дека успешно ќе ги претставувам националните интереси на државата.

Но веднаш, уште незаминат, брзо го осознав грдото и подмолно лице на политиката во Македонија. Очигледно моето разбирање на човековите права, демократијата и владеењето на правото не се совпаѓаа со оние на новата власт што дојде во 2002 година. Тогаш сфатив дека одбраната на националните интереси си има цена. Ѝ го видов вистинското лице на македонската дипломатија. Биро за вработување во странство. Она што беше неприфатливо за мене како македонски претставник во една меѓународна институција каква што беше Советот на Европа е немањето чувство за приоритети во надворешнополитичкото претставување на Македонија, ниското ниво на експертиза и дилетантизмот на политиката.

Како амбасадор многупати сум бил во ситуација да се срамам од политичари што доаѓале во Советот на Европа, нивната сервилност, немањето лична самопочит и достоинство во контактите со меѓународните претставници. Можеби најдобар пример за тоа беше ангажирањето на поранешниот генерален секретар на Советот, господинот Швимер, за советник на македонската влада, откако во хистеријата што се крена во Македонија за неговиот интерен допис до службите на организацијата да нѐ ословуваат како „славомакедонци“, цената требаше да ја плати амбасадорот. Денес го сменивме името на државата, но не видов реакција од таков вид. Посебно од оние што беа најгласни во хистеријата за отстрел на амбасадорот. Всушност, најобразованите амбасадори во тоа време беа први на отстрел. Јас, академикот Ефремов и Димитар Димитров.

Од оваа временска дистанца работите стануваат многу појасни. Не дека и тогаш не беа јасни. Само тогаш тоа не се викаше борба против лажни вести. Денес оние новинари што беа креатори на дезинформациите се нејзините првоборци.

Приказната е сосема поинаква со Ватикан. Беше исклучително доживување да се служи како амбасадор во Светата столица и да бидете непосреден сведок на надворешнополитичкото дејствување на една од најмалите, но исклучително влијателни држави во светот. А посебно кога ја имате привилегијата да бидете сведок на ватиканската дипломатија во акција што ја практикуваа извонредните членови на дипломатскиот кор на Светата столица. Како личен пратеник на македонскиот претседател во Ватикан, како амбасадор во Светата столица, имав единствена улога во градењето мост помеѓу политичкиот центар на Македонија и религиозно-духовниот центар на универзалната католичка црква во Рим. Секогаш е добро за еден дипломат што доаѓа од академската фела да се потсети дека неговата работа е да направи разлика. Да го промени јавниот имиџ на дипломатите, кој најчесто се врзува за оној на стереотипната коктелска забава и протоколарноста на неговото однесување. Во одреден период и за одредено време. Денес, по посетата на папата Франциско во Македонија, сум уверен дека тоа во голема мера успеав да го променам. Иако целиот кредит секако оди кај претседателот на државата, кој, како по обичај, заборави на амбасадорот што ја направи посетата можна. Во четирите години поминати во Ватикан се уверив дека тоа е вистинското место каде што старата добра дипломатија живее и никогаш не излегува од мода.

Како ја оценувате најновата наредба за земјите од Западен Балкан на американскиот претседател Бајден во однос на корупцијата и Преспанскиот и Охридскиот договор?

- Белата куќа на 8 јуни ја објави Извршната наредба на претседателот Џозеф Бајден за „блокирање на имотот и суспендирање на влез во Соединетите Држави на одредени лица што придонесуваат за дестабилизирачка состојба на Западен Балкан“. Со наредба, Бајден го прошири опсегот на национална вонредна состојба прогласена во Извршната наредба 13219 од 26 јуни 2001 година (блокирање на имотот на лица што ги загрозуваат меѓународните напори за стабилизација на Западен Балкан), изменет со Извршната наредба 13304 од 28 мај 2003 година (престанок на вонредни состојби во врска со Југославија и измена на извршната наредба 13219 од 26 јуни 2001 година).

Надминувајќи ги едноставните географски промени утврдени во оваа наредба, на ум ми доаѓаат две објаснувања за нејзиното издавање. Првото е да се обезбеди модернизирана правна рамка и соодветни алатки за проширено вклучување, ангажман на САД во Западен Балкан, како што побараа и земјите од регионот и ЕУ. Фокусот на антикорупција во Вашингтон го прави овој документ едноставна кодификација на значајната антикорупциска работа што веќе е во тек и им овозможува на САД да преземат агресивни санкции брзо, како што видовме неодамна во Албанија и Бугарија.

Второто објаснување се однесува на бетонирање на наследството што службениците во Бирото за Европа и Евроазија во Стејт департментот сакаат да го остават зад себе пред да ротираат на нови задачи. Се работи за помошник-секретарот Филип Рикер и заменик помошник-секретарот и специјален пратеник за Балканот Метју Палмер, кои го преживеаја мандатот на претседателот Трамп и се очекува да продолжат понатаму во блиска иднина.

Кај нас политиката овој документ го толкува според своите желби. Како ветар во грб за исправноста на политиките на Владата на надворешнополитички план, или како средство за борба со корупцијата, во која длабоко е загазена оваа влада.

Се согласувате ли со оцената за удар во слободата на изразувањето и своевидна нова цензура со оваа наредба, особено во делот со Преспанскиот договор?

- Не би рекол дека со оваа извршна наредба е нарушено правото на слобода на изразувањето. Така се обидуваат некои безидејни политички аналитичари да побараат алиби за своите ставови околу безусловната поддршка на Преспанскиот договор, создавајќи догма околу неговата непроменливост и можноста да биде предмет на евентуални критики. Тоа не е цел на извршната наредба на претседателот Бајден. Во својата слепа поддршка на промашувањата на Владата во надворешната политика побрзаа да ги стават на црна листа сите оние што не размислуваат како нив за Преспанскиот договор и критикуваат одредени решенија во него. Зарем можат да помислат дека претседателот на САД ќе го загрози првиот амандман на Уставот на државата што ја гарантира слободата на изразувањето со забрана на Конгресот да го ограничува печатот или правата на поединците да зборуваат слободно?

Очигледно за демократијата на САД учеле преку „политички курсеви“, инаку ќе знаеја дека за Американците слободата - особено слободата на говорот, е најценетиот основен принцип на идентитетот на нацијата. Треба да го почувствуваат духот на Универзитетот во Беркли за да ја сфатат вистинската вредност на оваа слобода, а не да кажуваат бајки. Очигледно во Македонија ваквите аналитичари и политичари глупоста не ја доживуваат како личен хендикеп. Тоа не значи дека ние мора да живееме со нивниот хендикеп.

Затоа би им препорачал внимателно да ја прочитаат извршната наредба на претседателот Бајден ако нивниот англиски им го дозволува тоа.

Што мислите зошто во таа наредба не е споменат и Договорот за добрососедство со Бугарија?

- Фактот дека во извршната наредба успеа да биде вклучен Договорот од Преспа укажува на тоа дека помошник-секретарот Рикер длабоко инвестирал во тој проект од 2017 година, и одиграл клучна улога во неговото драфтирање. Соодветно на тоа, Вашингтон сега има алатки за да ги дисциплинира групите, партиите низ Западен Балкан што може да го оспорат договорот што Вашингтон има намера да го брани енергично. Што не може да се каже за договорот за добрососедство со Бугарија, каде што всушност може да се видат вистинските капацитети на нашата дипломатија. Од една страна, договор што друг ни го подготви и договор во кој самите влеговме без сериозна анализа за последиците од неговото потпишување.

Би се вратиле ли пак во дипломатијата?

- Државата на која ѝ служев беше Република Македонија. Искрено, имам сериозен проблем да се идентификувам со новата држава. Онаа северна. Со држава на „реформаторски“ политики што нѐ понижија како народ, контролирани медиуми, проверувачи на фактите (цензорите на слободната мисла), држава каде што е сеприсутно сомневање во капитализмот, сервилност и обновено градење на култ на лидерот, каде што чувството на демократија е заменето со наметнување единствен начин на размислување и авторитаризам.

Искрено, сѐ потешко ми оди да се потсетам себеси дека треба да бидам претставник на суверена држава, која сѐ помалку е тоа, и дека тоа е raison d’être за вашето постоење како дипломат и предуслов за што било друго што би сакале да бидете или да направите на ова поле.

Како универзитетски професор што не влегува во редот на кариерните дипломати (иако ова е доста лизгав концепт кога говориме во контекст на македонската дипломатија) мојата идеја за застапување оди подалеку од онаа на дипломатите од кариера, кои се обични бирократи во служба на државата. Гледам дека пазарот на дипломатијата станува пренатрупан со типови што немаат проблем од соочување со избори, што честопати го спротивставуваа мојот личен морал, знаење и лично достоинство наспроти она што организацијата, поточно политиката го бараше. Дали би сакал повторно да поминувам низ тоа?

Александар Дамовски

Фотографија: Роберт Атанасовски