Welcome visitor you can log in or create an account

Кога (социјал)демократската фасада не ви личи


Професор Звонимир Јанкуловски за Нова Македонија 07.05.2021

Очигледно демократијата во Македонија не функционира. Гледаме како ја претворија во ужасен систем, вовед во тиранија на луѓе со моќ, себични и опасни демагози. Демократијата во Македонија се чини дека произведува изобилство на неспособни и нечесни политички лидери што ги искористуваат верноста и предрасудите на луѓето и напредуваат на дискурсот управуван од емоции и лажни вести. Дали политиката кај нас е хаос на многу начини? Апсолутно да. Дали минуваме поприличен дел од животот жалејќи се на тоа? Да. Дали политичарите ја цицаат државата? Генерално, да. Дали големиот број на луѓе во Македонија чувствуваат одвратност кон политичарите, а политиката ја доживуваат како бесмислена и бесцелна? Да. Се разбира, освен за лично богатење и како биро за вработување? Дали политичките лидери си тераат работа без грижа што мисли електоратот? Секако. Зарем некој виде дека политичарите се потресени од тоа. Демократијата во Македонија со вакво политичко лидерство се проголта самата себе. Стана тест, полигон за неспособно и некомпетентно политичко лидерство.
Имаме преоптоварен неуспех на политиката во Македонија. Предолга е листата на политички промашувања. Особено на оваа социјалдемократска власт. Од идентитетските прашања до економијата. Политиката во моментов е презаситена од нејзината колосална неспособност и корупција. И секојдневни скандали. И некој се засрами поради тоа? Мало сутра, што би рекол „вашиот“ премиер. Да се зборува за некоја нормалност во политиката станува беспредметно, за некакво граѓанско движење е повеќе од цинизам, за некаква македонска пролет е наивност. Особено кога знаете дека ние од зима веднаш влегуваме во лето.

Некој кажал дека сите политички кариери завршуваат неуспешно. Ова од денешна перспектива во Македонија ми изгледа преоптимистички: гледаме како повеќето едноставно продолжуваат, се рециклираат. Вообичаено, успехот на една држава е да избере политички лидери што поседуваат најголема мудрост за да ги согледаат проблемите во општеството и доблести да ги следат заедничките добра за општеството, како и да продолжат да ја чуваат јавната доверба. Ние го избравме најлошото. А што можеше друго да се очекува од мутираната либерална демократија кај нас. Избравме лидери што тврдат дека дејствуваат според волјата на народот, но тоа го прават само за да ја оправдаат нивната концентрација на моќ и ескалацијата на повредите на политичките права и граѓанските слободи.
Сѐ повеќе се наметнува прашањето: дали оваа власт знае каде оди? Дали социјалдемократите се загубија на „правиот пат“ кон Европа. Едно од повеќе е сигурно: мутираната социјалдемократија во Македонија сѐ повеќе ги загрозува нормите и институциите на македонската демократија. Идејата дека социјалдемократите се на демократски колосек е погрешна и опасна претпоставка. Зашто СДСМ веќе одамна не е сојузник со либералните традиции на кои е положена. Всушност, за волја на вистината, никогаш и не била, но денес го допре дното. Претседателот Заев е и симптомот на оваа мутација и забрзувач на промените во партијата. Промени што ја трансформираа СДСМ од самопрогласена „државотворна“ партија, во партија што ги напушти и испогани сите атрибути на државотворноста на Македонија. Партија што под негово раководство ја преобликува македонската држава и сериозно ги поткопа нејзините асномски темели, народноослободителната борба, историја, доведувајќи ја во терминална фаза социјалдемократската идеја кај нас.

 

Сѐ повеќе се наметнува прашањето: дали може нешто корисно да се спаси од социјалдемократската традиција на оваа држава, која сега лежи во крајна срамота? Ако има што да се спасува. Уште колку социјалдемократите ќе останат конкурентни во политичката арена? Зашто сѐ помалку оваа власт може да ги убеди своите поранешни приврзаници дека сепак вреди за нивните гласови. Како и да ја одржи нивната верба дека оваа денешна социјалдемократија припаѓа на традицијата на ограничена држава заснована врз политички права и граѓански и социјални слободи, дека е без симпатии за командно планирање и командна политика и е една од најотпорните кон диктатурата и, секако, најинвентивна во барањето државата да биде мотор за напредокот, а Владата одговорна, компетентна и транспарентна.
Чудно, мислев дека социјалдемократија се спротивставува и на екстремната нееднаквост, но не се залага за апсолутна еднаквост. Па затоа се прашувам: како тука се акомодира концептот едно општество за сите? Всушност, посоодветно е прашањето: со каков „мутант“ од социјалдемократија се соочуваме денес? Ова е некоја чудна Франкенштајнова политичка комбинација што не може да го најде своето потекло во демократијата. Во комунизмот, можеби. Сега гледаме дека СДСМ не е ништо друго до политички „мутант“, „адаптер“ и актер „сличен на камелеон чија вистинската корисност е во услови кога автократските карактеристики на политичкиот режим ја вратија својата целосна сила“. Стана очигледно под водството на Заев дека на СДСМ демократската фасада не ѝ личи. Всушност никогаш не ѝ личела.

СДСМ прерасна во сурогат за државата во својот нов политички контекст на дејствување, продолжувајќи да се шлепува на својот лажен интелектуализам и елитизам. Па ако сакате и ароганција. Сегашниот рурален е всушност вистинскиот лик на социјалдемократите во Македонија. Оној од кој се срамеа „авангардните“ социјалдемократи во деведесеттите, а за кој денес молчат.
Деновиве сѐ погласно се шпекулира за некоја нова „социјалдемократска иднина“. Иднина што треба да се одвои од минатото на социјалдемократијата во Македонија. Од она срамното и руралното што „иднината“ го создаде и со кое манипулираше и на кое се потсмеваше сиве години на независна држава. Се прашувам кој се смее сега. Дали иднината на социјалдемократијата во Македонија ќе биде проголтана од нејзиното минато? Зависи од расадот. Особено од некалемените социјалдемократски рози.