Welcome visitor you can log in or create an account

Партиските патриоти за по дома

Професор Трајче Стојанов 20.11.2020

Долго време избегнувам медиуми. И да настапувам во нив и да ги следам. Погледнувам само одвреме-навреме, да ја видам ингениозноста со која домашната интелектуална и новинарска елита смислува начини за одбрана на политичката елита и нивната - „ден да пројде, друг да дојде“ – политика. И секогаш сум фрапиран колку инвентивен може да биде човек за ситна пара. Неверојатно е каков пресврт може да направи во сопствените искази, изјави и убедувања. Ете, после долг период отворам социјални мрежи, вртам медиуми и што да видам: патриотизмот пак влегол во мода, а!? Мооре, ашколсум си велам, браос! А едвај ли помина година дена откако ние „шовинистите“, „небањатите“ и „националистите“ бевме етикетирани и жигосувани само затоа што сакавме да се викаме, така како што сакаме да се викаме. Ни помалку, ни повеќе, само да се викаме така како што сакаме да се викаме! Па ни порачуваа „уште именцето, и готово, влагаме“, а оваа интелектуално-новинарската елита нè убедуваше „името нека ви ги храни децата“! Та дури нè правеа и недоветни и нè третираа како мајмуни со инфантилни кампањи дека „идентитетот не бил сапун па да се потрошел“!

И пазете! На таква небулоза, сапуни, арчење, неарчење...глупости од епски размери, градеа политика бе! И тоа all-in политика! Играа на сè или ништо! Тоа им беше политиката, нит анализа, нит стратегија, нит национален консензус, нит домашна кохезија (пази, нит лидерска средба!), нит научно втемелени студии, нит меѓународни пријатели, нит геополитички увиди, нит визија, нит алтернативи.. нит ништо! Само all-in, насмевка, рука на груди и добра волја! Море, море, јунаци! Мушки! Браос! И заиграа на Преспа! Онака, all-in, со муда што би се рекло! Нит ум, нит визија да видат дека зад аголот чека Бугарија. Ако ја поминеме неа, Србија, ако ја поминеме неа, Албанија... А од каде ќе видат, нит читале, нит учеле, нит ука фатиле дека четири војни се воделе за ова парче земја, дека уште од прво одделеније децата ги учиме на фразата „јаболко на раздорот“, дека постои „македонско прашање“ и дека в мигов стои последно отворено. И дека конечно се затвора на наша штета! И откако заиграа на таа една и единствена карта и при тоа сите ние што бевме гласно против Преспа, нè жигосуваа за ретроградни и анти-западни елементи, та дури и про-руски, ене ги сега лелекаат и јачат. Отворам социјални мрежи и има што да видам, еден фрапиран вели: „никој нема право, а најмалку еден ултранационалисти, каков што е Каракачанов, од нашата историја да прави ѓубре.“ Не пријателе, Каракачанов има право да прави што му сака...! Оти секоја суверена држава има право да прави што сака. Како што и ние имаме право да правиме што сакаме со сопствената историја, вклучително и со името, со Александар, антиката и Букефал! Но, ние еднаш го предадовме тоа право и сега други прават со нас и нашата и историја што сакаат! Друг пак, често генијално речит, вели: „блокадата на Софија е ковид 20 во белите дробови на Европската унија.“ Бре, бре, бре момак! Домишљато нема што! И? И, ништо толку! За домашна публика, домишљато за лајкови! Ете, на тоа ја сведоа и политиката и сиот јавен дискурс: на домишљата креативност да се спаси што може да се спаси од оваа карикатурална и катастрофална политика која нè води во амбис. И затоа сега одеднаш сите овие патриотски изблици по социјалните мрежи и медиумите. Сега одеднаш нит јазик нит идентитет даваме. Особено не го даваме Гоце, а за Тито, ич муабет не правиме! Ха-ха, не, не заради тоа што сме комунисти у душа, него затоа што потсвесно сите веруваат дека навистина Тито нè направил... „вештачи“ секако, онака, од небо, за дневни потреби! И затоа денес грмат медиумите од патриотизам, затоа сега одеднаш сите преку ноќ патриоти станаа. Да се биде патриот денес, сега, в мигов... е лозунгот на денот! Сега им треба патриотизмот, не заради самиот патриотизам, не заради Македонија...заради нив самите, заради партијата, за да се спасат, да спасат што има да спасат, што може да спасат... Но од партијата, од себе си, од власта, се разбира, не од државата, неа одамна ја раскрчмија! И затоа не верувајте му на ова прогресивно, либерално граѓанство, кога лелека и јачи сега по медиумите со силен патриотски патос. Немојте да помислите дека одеднаш во нив проработеле силни национални чувства. Не, не, не станале тие патриоти преку ноќ. Тие едноставно сега си го зголемуваат маневарскиот простор и се обидуваат да ја намалат штетата. Нивниот патриотизам е ПР. И затоа сега цела интелектуално-новинарска елита на „севернава“ плука против Захариева и Бугарија, а молчи и не бара одговорност од оние кои не убедуваа „уште именцето и готово“! Ајде беее! Зошто? Зошто ви е крива Захариева и Бугарите? Затоа што тие си ги бранат сопствените националните интереси, а нашиве се неспособни да го направат тоа!? Види чудо: бараме да промениме туѓа политика, а не бараме одговорност од својата!!! Што сте се з`гнале по туѓите политки!? Глејте си дворот!

И да знаете нема да ви пројде! Ааа, не! Не, не! Та вие бевте „за влез во ЕУ и НАТО, со прифаќање на Преспанскиот“! И сега наместо со тој анти-ЕУ сентимент (како да заборавате дека Бугарија е во ЕУ), да си ги перете гревовите, треба да си ги сносите последиците. Именцето отиде, ЕУ ја нема, а власта стоо! Како бе така? Кој ќе одговара сега за коцкарската all-in политика!? Затоа, немојте сега со тој евтин дефетизам, немојте со тој провиден очај, не! Сега со истиот тој позерски, идиотски и шарлатански оптимизам од Преспа, да ја решите и Бугарија, наместо да ја обвинувате, затоа што таа прави она што секоја нормална држава го прави - ги брани своите интереси! Кој не гледаше дека ова е логичен след на Преспа, или беше слеп, или наивен или глуп, или, пак само свесно манипулирал со сите граѓани! А, вие интелектуално-новинарско прогресивно граџанство, со ова перфидно префрлање на одговорноста кон Бугарија, наместо кон вашите политичари чија политика ја протежирате, дополнително го омаловажувате вашиот народ! А сметките, сепак треба да се платат! Тој партиско-корпорациски патриотизам не проаѓа!

Трајче Стојанов