Welcome visitor you can log in or create an account

Либанизација на Македонија



1


Професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес  23.08.2020

Да не се Германциве да не’ просветлат нема да знаевме во каков политички систем живееме. Сигурно не во оној запишан во Уставот. А, зарем некој во државава се уште сериозно го зема тоа книжуле? И така дознавме од Германците дека наместо Швајцарија на Балканите ние сме станале Либан на Балканите. Имено, спроведената поделба на власта во Македонија била по примерот на Либан, со што почнато е разградување на парламентарниот систем и негово претворање во консензуална демократија во која најважно да ти било етничкото потекло. И сега дознаваме дека во Македонија не секој глас вредел подеднакво и дека не е важно кој што кажува, туку какво етничко потекло има оној што зборува. Очигледно ми се сугерира дека гласот на демократијата во Македонија има етнички призвук. Кое просветлување!

Инаку, консоцијализмот на кој упатуваат Германците го рефлектира „идеалот“ дека различни национални или етнички групи коегзистираат мирно во иста држава во која постои висок степен на еднаквост помеѓу етничките групи како конституенти во општеството. Концептот на консоцијализам претставува точка на пресек за политички решенија кои ја земаат предвид репрезентацијата на колективните идентитети при користење на изборниот систем, формирање на коалиции и на моменти делење на целиот политички систем за да се донесе стабилност и да се избегнат конфликти и граѓанска војна. Со други зборови, овој систем функционира најдобро кога немате мајоризација во општеството, т.е една група не доминира врз друга.

Консоцијализмот започна како практична политика, диктирана е од нужда со устав во согласност со таа потреба, со историско искуство и со култура, и се воспостави во законите на одредени држави пред да стане теоретски модел. Велат дека консоцијализмот најдобро се акомодира во федерални, квази федерални и децентрализирани држави. Што би рекле: различни нации да бидат акомодирани во една држава. Прашањето е: што држава сме ние? Уште се залажуваме дека сме унитарна држава со парламентарна демократија?! Кога тоа очигледно не сме. И требаше Германците да ни го кажат тоа.

За жал Германците нема да ви кажат за неуспехот на консоцијализмот во Либан и Ирак и претворањето на овие држави во „политички феуд“. Крајниот резултат на „корпоративната“ консоцијална поделба на моќта во овие држави е самозасилување на киднапирањето на државата од страна на политичкита етнички секташки елити кои немаат национална одговорност и ја поткопуваат посветеноста на владата кон јавното добро. Она што реално во Македонија се случува со децении наназад. Слично како во Либан. Секташката етничко конфесионална поделба на моќта на елитата кај нас консолидирана е со изборниот систем што им помогна на актуелните кандидати да обезбедат изборни победи оставајќи ги слободно да преговараат со другите секташки елити за поделбата на јавните функции и ресурси.

Велат дека мнозинскиот изборен систем уште подобро ќе го акомодира ваквиот консоцијален систем и ќе значи синтетичка трансформација на репрезентативен модел кој може да ги зачува секташките етнички интереси додека, во исто време, ќе продолжи хибридизацијата на заедниците и индивидуата и ќе ја засили секташката етничка привлечност во корист на етничките политички елити. Очигледно дека мнозинскиот изборен модел кој го вети старо новиот премиер уште повеќе ќе ги поттикне етничките групи да се борат за редистрибуција на корпоризираната државна моќ. Крајниот резултат ќе биде уште подлабоко поделено општество и крајно расцеп на државата. Но, кој да се секира за тоа кога треба да се приграби колачот од последните парламентарни избори. Да се наранат гладните за власт. Со пари и бенефиции.

Понекогаш кога ги препрочитувам анализите за консоцијалната демократија и државите каде е аплицирана, ме поминува блага језа и богами ме фаќа сериозна паника. Се’ се тоа држави со гранична демократија и држави кои се неуспешни или пропаднати. Многу сум „радосен“ кога во литературата за консоцијализмот се анализираат искуствата на политичките системи на Босна и Херцеговина, Бурунди, Фиџи, Либан, Малезија и Северна Ирска. Само уште ние фалиме. На добар пат сме да ги засениме со нашите искуства.

Дали „демократско чудо“ на консоцијализмот го носи семето на своето уништување? Дали демократскиот дизајн на македонскиот политички систем е погоден за такво поделено општество, или тоа е испробан рецепт за нестабилност? Прашања што треба да не загрижат. Кого како. Очигледно нас ништо не не’ загрижува освен губење на власта и привилегиите со неа. Затоа ќе чекаме други да не’ потсетуваат каде се движиме во нашиот демократски развој и каде ќе стигнеме. Очигледно никаде. Како унитарна парламентарна држава. Изгледа длабоко го засадивме семето на своето уништување. Плодовите веќе почнавме да ги уживаме. Исто како што уживаме во едно општество за сите.