Welcome visitor you can log in or create an account

СЕВЕРНА УДБА ВО ЈУЖНО КРИЛО НА НАТО

 

Арсим Зеколи 10.08.2020 фејсбук статус

Досега најконкретниот увид во динамиката на преговори СДСМ-ДУИ е епизодата од минатиот петок со првичното (попладневно) објавување на заедничкото Коминике на двете партии (по средбата Николовски – Груби), проследено со (вечерно-утринското) демантирање / релативизирање на веќе објавеното. Наместо навлегување во дневно-политичко анализирање на мотивите позади таквиот расчекор од страна на СДСМ, поупатно е да се каже дека таа епизода некако потсетува на периодот од преговорите со Грција околу спорот со името, сомнежите за дипломатски солирања и потребите за итно делегирање на Специјални Емисари во “подршка и зајакнување” на министри, некогашните Специални Емисари за “подршка и зајакнување” на нашата Мисија при ЕУ. Чудни се патиштата господови, велат, но тоа е ништо во споредба со многу почудните промени на улогите во политиката.

Првичното согледување на причините околу таквите дипломатски или партијски солирања ќе упатат на заклучок дека станува збор за внатрешни битки за престиж и предимство во земјата или партијата. Но сличноста на поведенијата сепак укажува дека станува збор за подлабоки динамики и мотиви. Кои се не толку индиректно поврзани со самиот процес на преговори и акт на потпишување на Преспанскиот Договор. Процес и акт низ кој се дефинира диференцијацијата помеѓу тактичко персонализирираното, локал-политичко утилитаристичко поимање на Преспанскиот како свршен чин (од една страна) и контекстуалното, стратешко, регионално и сојузничко третирање на Договорот како процес во тек. Таквата суштинска, длабочинска поделба ја диктира површната, вербалистичка поделба помеѓу Филозофи и Имплементатори. Таа поделба не е партијски оградена туку се прелева согласно личните или клановсите интереси (кај Филозофите) и превземените оврски определени од стратешките интереси на надворешните центри на моќ (Имплементатори). Во јавниот дискурс, непишаното правио е дека Имплементаторите се послушници додека Филозофите се бунтовници. Но во реалноста, Имплементаторите се само следбеници на класичната логиката на политиката како “уметнст на можното” додека пак Филозофите се само локални клановски итромани желни да интригата ја воздигнат на ниво на Филозофија.

Пост-изборните процеси јасно и несомнено укажуваат дека во новосоздадените околкност веќе нема ни простор, ни интерес, ни желба за бавење со Филозофи во смисла на внатре-државни и надворешно-политички односи. Процесите кои претходеа на изборите ја дефинираа трулежната суштина на Филозофиите на “едно општество” според моно-етничка визура и Филозофиите на “демо-христијанство” конципирано од атеистки и наследници на ердоганизмот на Иванов. Нивната споделена усилба за превземање на елементи на заевизмот (од страна на Мицкоски) и копирање на клеро-национализмот (од страна на Заев) дополнително ја разголуваше шупливоста на Филозофиите и ја цементираше убеденоста на меѓународната заедница во давање предимство и подршка на Имплементаторите кои ионака не претендираат да ја спорат клучната, диференцијалната, стратешка порака од западните партнери дека пред нас е период на спроведување на зацртаното, не филозофирање за можното. Непријатноста во таквата формулација е што токму Филозофите се креатори и формулатори на зацртаното. Но не и фактори на кои озбилно се смета во спроведувањето. Дали е тоа поради нивното затрчување и рипање во сопствени усти или поради диспропоцијата помеѓу Филозофијата на Моралот и Етиката на Криминалот, тоа е прашање за историчари.

Шупливоста на Филозофите во наметнување наративи е ионака сведена на дување ветер во ушите на граѓаните и странците. За разлика од депресивноста на првите, вторите не пропуштаат да таквата шупливост ја препознаат како загроза на стратешките им приоритети во однос на нас како дел од регионалниот мозаик. Загроза перцепирана од нескладот помеѓу вербалните заложби и конретните чекори, поради што во нивните пресметики е вклучена и можноста да токму оние кои се гордееја со љубење пенкала можат час утре да прераснат во жолчни опоненти на од нив потпишаните Договори. И обратно, да оние кои денес блујат огин кон Договорите час утре бидат знаменосци на спроведувањето на истите. Мотивот за странската рамнодушност е од нив генериран во констатацијата за двете спротиставени страни како опортунистички вдахновени групации на кланови во кои идеологијата е титуларно наследена, но духовно незародена дистинкција.

Разјаснувањето за мотивите на сомнежот во кредибилноста на Филозофите не потекнува од поведенијата на партијските дневно-политички фигуринки туку од мизансценските контрадикторности на државните инсталации. Затоа, поведенијата на Мицкоски или Заев или Ахмети се полегитимни по природа на партијски првенци, отколку поведенијата на Пендаровски како државен службеник кој со секој обид да се претстави како татко на нацијата само го разоткрива сопственото педигре на институционално култивиран етно-националист и клановска марионета.

Таква е неговата улога во разгорувањето на меѓу-етничката недоверба преку организирање на моно-етнички средби на највисоко државно ниво и смислено игнорирање и дискриминација на не-македонските, поточно албанските политички партии. Врз неговиот пристап кон службено форсирање на моно-етничката исклучивост и дискриминација како raison d’etre од највисока државна и политичка инстанца се градеше понатамошниот обид за нормализација на шовинизмот на партиите преку исклучување на албанскиот кандидат за премиер. Во таа поделба на улогите, Пендаровски е навидум идејниот креатор додека пак Заев и Мицкоски се спроведувачите на замисленото. Но тоа е лажна претстава во однос кон Пендаровски, кој самиот е сепак ништо повеќе од марионета во служба на круговите кои го имаат изнедрено, култивирано, медиумски профилирано и наметнато како “современ, про-западен” политичар и државник. Следејќи ја неговата биографија, неминовно ќе се увиди неговата генеза на заевист пред појавата на Заев, опортунист спремен да според интересот на часот биде сатрап на Ѓурев, симпатија на Доста, надеж на Фрчковски, пропагатор на Ердоганизмот и келнер во Мала Речица. Диктираната амнезија за неговото минато и пројектираната селективна-критичност кон неговата денешница е само манифестна илустрација за неговата природа на матине-актер, во служба на некои други режисери. Па затоа, малку повеќе внимание кон режисерите и сценаристите.

Во овој час, ликовите на тие режисери се најблиску дефинирани низ имињата на Зоран Верушевски и Сашо Мијалков, како пропоненти на две различни струи на мизансценско делување согласно времињата и адетите. Пендаровски е типичен прототип на школата Ѓурев – Верушевски и нивниот модус операнди наследен од едноумието. Курикулумот на таа школа базирана врз албанофобија, бугарофобија, србофилство, исламо-експлоатација и професионално македонство е озбилно нагрозено од промената на гео-стратешките реалности. Но уште повеќе од излитеноста на методите на школата Ѓурев – Верушевски базирана врз старите цајканско, џандарски менталитети на насилство и уцена согласно колонијалната поставеност на македонскиот систем во однос на империјалната логика на Белградските дворови. Како спроведувачи на наредбите, таа школа на пендрек-и-тастер нема во себе никаква идеолошка или национална содржина, туку само форма на манифестација. Гледано во временски контекст, и самиот процес на “Вистината за Македонија” е само последната, финална епизода на таа стара школа и нејизните методи на уцена преку шпиунирање и прислушкување, во духот на старата традиција на Балканскиот Шпијун. При што Верушевски е во улогата на последниот Мохиканец на пост-комунистичките служби, додека пак Пендаровски и Заев се неговите последни доушници.

Другиот лик е секако Сашо Мијалков. Како прототип на ново-времски полицаец кој разбира дека за разлика од комунистичките методи на Верушевски, новите фактори на моќ се банкарството, адвокатурата и информатичките технологии. Мијалков знае дека ликот на озноен, дебел, насилен џандар кој си лади отечената од тепање рака пред вентилатор и коцка мраз е passe, стереотип од минатото. Методот на Мијалков е пософистициран, оној на разузнавач- претприемач со една нога во чајџилница на Џељо и со друга во фоајето на МНТ. Животните искуства и семејните премрежија се доволно едукативни за да низ галамата и маглата на патриотизмот ја препознае помамата за пари и моќ. Па затоа Мијалков навреме се дистанцира од ликовите од Среќна Нова 1949 и се престрои според новиот, капиталистички верзиран, модел на Јовица Станишиќ како спона меѓу пара-полицијата, пара-политиката, пара-банкарството, пара-медиумите и пара-менталитетот.

Тоа се ликовите. Взаемно толку различни, неспоиви, со диаметрално диференцијално поимање на улогата на службите. Но сепак, со една единствена допирна точка на истоветност и идентичност, диктирана од менталниот склоп и блискоста да информациите за промените на курсот на ветриштата во светот на политиката. Таа допирна точка ја разјаснува и длабочината на промените кои се оодвиваат така што се ќе биде поинаку, но сепак сосема исто како и досега. Да не должам – Верушевски и Мијалков се илустративни примероци за промената во која нивниот Белград е прашање на минатото, додека пак новиот Белград е сместен во Атина. Додека Белград беше споната на Македонија кон светот до пред неколку години, новата спона и контролен центар на Македонија е Атина. Согласно новата реалност на бивање земја членка на НАТО, но и реалноста создадена во самата земја преку стратешките директни инвестиции на Грција со посредство и помош на – ах – најпатриотските структури на двете најдржавотворни и најголеми политички партии кај нас. Атина е новиот Белград, новата Мека за поклонување на домашните патриоти и родољуби, портал кон Европа и Америка и нивните банки.

Но, како што било во времето на Белград, така ќе биде и во времето на Атина. Како што секогаш бива во природата на односот помеѓу колонијата и империјата, на домашните изведувачи на работите секогаш им се кажува единствено она и онолку колку што треба да знаат за да одработат. За останатото, ќе си дознаваат со време, на рати и кредити.