Welcome visitor you can log in or create an account

Кога злото ви се смее в лице


1


Професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес  10.08.2020

Погледнете ја Македонија. Само во држава на духовна и морална беда лустрацијата може да биде насмеана. И да лаже дека Стразбур и’ го амнестира злото што го направи. Во Македонија продуцираниот човечки шкарт и неговите наследници ги живеат своите ѕвездени мигови, чекајќи да бидат обештетени за својата злоба, подлост и алчност. И навиваат за новата власт. Оние што газеа по човечки судбини и беа гробари на се’ што е напредно и слободномислечко го играат постсмртното. Маршираа за правда и повикуваат на помирување. А, не престанаа да се хранат од злото и од болката и страдањата на другите за лично задоволство и за да се допаднат на своите господари.

Кодошите, овој дехуманизиран човечки отпад, никогаш не излегоа од мода. Обучувани да ги намирисаат „непријателите“ на државата и идеологијата која слепо ја следеа, продолжија да служат добивајќи ги коските од гозбите на нивните политички ментори и заштитници. Скриени во темните полициските архиви и под заштита на политиката на перфиден и циничен начин ги отстрануваа сите оние што им пречеа и ги прогласуваа како опасни за режимот, или како непријатели на државата. Средствата што ги користеа се недостојни за цивилизирано општество, а методите гнасни за да се искомпромитира личноста, нејзината чесност, да се уништи и убие докрај човекот во неа.

Овој тип луѓе, слободно наречете ги кодоши, тастери, фабриканти, или како сакате, се најрасипливиот човечки материјал кој егзистира во земјава. Тие се онаа безлична човечка маса, која се моделира по потреба. Тие се злото во безброј ликови. Тие се подземјето на умот кој се храни со човечка несреќа. Премногу солзи и болка оставија позади себе. Уништени човечки судбини, закопани соништа и иднина. Оставија гробови што проколнуваат. И бараат правда и одмазда. Кога ги нема и клетвите се доволни. А, беа страшни, од оние кои беа нивните жртви. Клетвите на луѓето со чии животи и судбини си поиграа ќе ги прогонуваат и ќе ги потсетуваат нивните наследници за злото што направија и злото што ги затру нивните души.

За нив нема да има место во царството небесно. Колку и да викаат попови да им пеат, за нив нема простување и заборавање. А, најмалку помирување. За нив мора секогаш да остане презирот и срамот. За да се сеќаваат тие и нивните поколенија од каква човечка депонија потекнуваат. Зашто нивното зло е безвременско. Ако не го казниме злото што го претставуваат свесно прифаќаме да го поддржиме и рашириме. Гледам дека некој сака и да го наградиме.

Се надеваа дека ќе успеат да изградат општество без меморија, без минато, без своја автентична историја, дека низ социјалниот инженеринг што го применуваа полудиктатурите и дефектната демократија во Македонија ќе ги заборавиме. Дека ќе влијаат на процесите на градење и контрола на вистините за минатото во државава. Затоа се потребни овие зборови: да ја реконструираат микроисторијата на злото во Македонија и  репресијата врз оние што размилувале поинаку и делувале поинаку за да не паднат во заборав. Единствено што е потребно за триумф на злото е да не направиме ништо. Толку посакувано од ваквиот човечки отпад.

Дома ме учеа дека ниедна душа не е лоша и дека светот е полн со страдања што треба да го надминеме со добрина. Луѓе што страдаа и чиј живот им беше украден од злото и зависта на денинцијантите веруваа во луѓето и добрината во нив. Јас верувам во прочистувањето на  општеството од злото на човечкиот шкарт продуциран во минатиот режим, одржуван и култивиран во сегашниот. Затоа застанав зад процесите на декомунизација во Македонија за луѓето да го видат лицето на злото што продуцира несреќа и страдање. Велат дека најтемните души не се оние кои избираат да живеат во пеколот на бездната, туку оние што избираат да се ослободат од бездната и да се движат тивко меѓу нас. А, тие веќе предолго се меѓу нас и со нас. Ѕверови што се хранат со зло се сеуште живи и се меѓу нас.

А, тие другите си заминуваат. Тивко како што живееја. Верувајќи во правда и добрина. Можеби ќе ја најдат таму каде доброто го победува злото. Кога не можеа да ја најдат во Македонија за своите животи. Дотогаш нивните џелати ќе ни се смеат в лице. Додека проклетството на клетвите на жртвите не ги стигнат. Нив или нивните поколенија.