Welcome visitor you can log in or create an account

Кога личната патологија ја креира надворешна политика на Македонија

1


Професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес 20.04.2020

Македонија ќе мора да заборави на „македонско малцинство во Бугарија“ и на „македoнски јазик“ и да користи само „службен јазик на РСМ“, ќе мора брзо да работи со комисијата за историски прашања… ако сака да ги продолжи преговорите со ЕУ. Оваа Изјава на Република Бугарија, стана дел од резимето на заклучокот за проширување на ЕУ и датумот за преговори за Македонија и Албанија. Со ова Бугарија го условува одржувањето на меѓувладината конференција за конечното дефинирање на преговарачкиот пакет за почеток на преговорите на Македонија и Албанија.

Фејсбук министерот Димитров вели дека никогаш нема да прифатиме вметнување на антиевропски билатерални услови што навлегуваат во македонскиот идентитет и во преговарачката рамка за пристапување кон европското семејство. Македонскиот јазик е клучен и нераскинлив елемент на нашиот национален идентитет, вели шефот на македонската дипломатија. Една од многуте негови срцепарателни твитер и фејсбук изјави. Од кои гледам се потресоа во Бугарија. А богами и пошироко

И? Се прашувам: каде е јасната поддршка од Бугарија за нашето членство во ЕУ, за која зборуваше Заев? Каде сме сега како држава која пред неговото доаѓање била на прагот на граѓанска војна (а ние да не знаеме), а денес блеска гордо, чекорејќи со демократскиот свет?  Држава за која сите зборуват и зад која се сите земји членки на ЕУ. Очигледно јас имам проблем. Никако да ја видам таа држава.

Но,затоа гледам држава со киднапирана, коруптирана и деградирана надворешна политика, политика на „пенкало“, ослободена од националните интереси и достоинството на нацијата. Гледам инфериорна анти историска држава која не може да ја согледа надворешната реалност.

Само човек заслепен од неговата нерастворлива неспособност за точно процесирање на надворешната реалност, без јасен дизајн за реализирање на своите најфантастични ветувања во надворешната политика, можеше да ги жртвува националните интереси без да ги сфати долгорочните последици од тоа врз Македонија. Во неговите визии за добрососедство и пријателство со државите во нашето опкружување ја проектира својата фантазија за величина и важност, на штета на македонската држава. Кога давате се што можеше да биде дадено тоа не е стратегија во надворешната политика. Тоа е концепт на слаба, ранлива и понижена држава. И „Северна“ како што ја прекрсти.

Неизбежно, желбата на Заев и неговиот министер на надворешни работи за внимание и неможност да ги надминат сопствените деструктивни импулси доведоа до вербална инконтиненција, интелектуална непостојаност и контрадикторни дејства во надворешната политика. Субјективното и постојано менување на чувството за реалност и зависноста од моментално самозадоволство потхранувано од надвор ги прави овие ликови крајно неспособни да размислуваат стратешки за прашањата од надворешно политички интерес. А и зашто да размислуваат кога беа октроирани да испорачуваат. Други мислат што е добро за нас.

Преку туркање под тепих на предаторските политики на нашите соседи (ништо ново) Заев го поткопа, поточно го закопа македонското влијание на односите во регионот. Тоа е кога опсесијата со дипломатијата ја доживувате како вежба за нарцизам.

Според умот на Заев, тој ја заслужува Нобеловата награда за мир; во реалноста, тој го направи регионот многу поопасно место за Македонија, а државата ја сведе на средство за потсмев. Но, битно сме во НАТО и можеби ќе ги почнеме и преговорите за членство во Унијата. Некој ден.

И сега, како ќе одговориме на дипломатската реторика на закани и ултиматум на нашиот источен сосед? Изјавата на Бугарија се коси со „европските вредности“. И, толку? Многу вакви изјави и претходно се косеа со европските вредности и што направи македонската дипломатија. Храбро и понизно ги одмолча. Не верувам дека и овој пат ќе биде различно. Веќе неколку години се прашувам колку понижување може да поднесе оваа власт. И секогаш ме изненадува нејзината апсорпциона моќ.

Не гледам дека позитивната динамика доминира во нашата билатерална соработка со нашите пријатели Грција  и Бугарија. И покрај потпишаните договори за промена на името и  добрососедство. Исто така, не гледам дека овие договори дополнително ги зајакнаа нашите заемно корисни односи и ги допреа сите прашања од интерес за обете страни. Да, ги  допреа само од една страна. Нас нема кој да не праша. А и зашто би прашувале. Кога ние се прифаќаме.

Ова се случува кога се преувеличуваат достигнувањата во надворешната политика и кога „дипломатските таленти“; се преокупирани со фантазии за успех, моќ, брилијантност, а реалноста ги приземјува. Сега, по изјавата на Бугарија гледаме колку блескаме. Ја гледаме вистинската слика за нашите надворешно политички достигнувања.  Креирани од неодговорното и крајно несериозно однесување на нашите политички лидери.

Оддамна како држава престанавме да ги контролираме настаните во нашето меѓународно опкружување. Ако и воопшто некогаш сме го правеле тоа. Она што очајно се обидуваме да го направиме е негативен обид да ја редуцираме нашата ранливост како држава, кон акцијата на другите држави. Посебно нашите соседи.  Ниту успеавме во тоа,  ниту дадовме личен печат на односите во  регионот. Останавме обични лузери што никој не ги есапи.

Но, фала богу. Гледам оваа влада ги „затвори“ горливите прашања со нашите соседи. Поточно ги „замрзна“. И, ме фаќа паника. Зашто моделот низ кој ги затвори  е единствен досега применет во светски рамки. Непознат за суверена држава. А и како да биде кога е понижувачки и деградирачки. Ама затоа пријателството на државите во регионот цвета. Со  вакво пријателство и ние како држава процветавме. Се отворивме како пупка.

Што би рекол фејсбук министерот за надвор „ќе не биде“. Да го парафразирам неговиот шеф: „мало сутра“. А богами и „прекосутра“.