Welcome visitor you can log in or create an account

Слободата, жртва во борбата со коронавирусот?

1


Професор Звонимир Јанкуловски за НетПрес 12.04.2020

„Еминентен“ македонски епидемилог смета дека рестриктивните мерки на владата во справувањето со пандемијата на коронавирусот треба да бидат на ниво на оние средновековните, што се користиле со чумата во Европа, и се нужно зло. При што го изедначува она што го доживува цела планета со она што го доживувале жителите на Земјата за време на пандемијата на чумата („црна смрт“) во XIV век, и за време на пандемијата на „шпанската грозница“.

И се’ би било во ред доколку не го живееме 21-от век. Кога нашите животни очекувања се сигурно поголеми и поразлични од оние на луѓето од 14-от век. Притоа, да не заборавиме дека црната смрт во Европа ја разгоре ксенофобијата и расната нетрпеливост. Кога градовите во Европа во 14-от век се затворија за надворешните лица, напаѓани, протерувани и убивани беа „непожелните“ членови на заедницата и религиозните малцинства. Во тоа време најчесто Евреите.

Дали инспирирани од времето на 14-от век некои општини во Македонија (на пр.: Дојран, Охрид) бараат да се забрани престој во општината за жители од други градови, како начин на изолирање пред коронавирусот. Што ќе биде следно ако го следиме средновековниот модел на справување со пандемијата? Нишање со живи кокошки околу заболените со коронавирусот, или пиење напивки со жива, арсен и мелен рог од митскиот еднорог.

Стравот дека кризите од ваков вид можат да ги испратат општествата во потемни патеки обврзува на внимателност. Нашиот здравствен систем на крајот ќе се опорави од пандемија на коронавирус. И нашата економија ќе се опорави. Но, дали ќе се обноват нашите граѓански слободи? Дали сме сигурни дека сите прекршувања на човековите права во тековната криза се привремени и ќе останат привремени?

Зашто, велат дека кризите се адитив што ја зајакнуваат моќта на владите. Стравот за опстанок, нè прави ранливи на импулсот да му ја предадеме контролата на некој друг. На кого, ако не на владата. Политичарите го разбираат овој елемент на човековата природа подобро од секој друг. И ќе направат се да го свртат во своја корист.

Коронавирусот инфицира многу повеќе, отколку само луѓето и нивните тела. Кризата од ваков вид обично произведува, не само привремено поголема, туку и трајно поголема и помоќна влада.

Сведоци сме како низ целиот свет, политичарите на власт ја искористуваат пандемијата за да го зголемат својот авторитет и моќ. Не само во авторитарните земји, туку и во либералните демократии како Израел, каде владата нарача деноноќен полициски час и имплементираше анти-терористичка технологија за пронаоѓање на лица осомничени за кршење на ограничувањата на коронавирусот. Или, како Норвешка, каде секој фатен како ги крши правилата за изолација може да биде казнет со 2.000 американски долари, или затвор од 15 дена. Или, како Велика Британија, каде што градоначалникот на Лондон Садик Кан ненадејно објавува дека „слободите и човековите права треба да се менуваат, ограничат и кршат“.

Луѓето во демократските општества се мобилни, енергични, со жестока приврзаност кон личната слобода. Веруваат дека го прават она што го сакаат, без да се добие дозвола. Вообичаено не сакаме да ни биде кажано што можеме и што не можеме да сториме. Во слободно и демократско општество ова се здрави ставови.

Подготвеноста на само ограничување на човековите права може да изгледа незамисливо во ваква демократска култура. Но, во време на паника, луѓето одат заедно со мерките за кои веруваат, правилно или погрешно, дека ќе ги спасат. Дури и тогаш, кога тоа значи губење на слободата. Ваквите мерки биле популарни во минатото, зашто да не бидат популарни и сега.

Се плашам дека придобивките што ги даваат мерките на изолација и контрола ја надминуваат цената што би требало да ја платиме во однос на граѓанските слободи. Имам право да се плашам дека лековите понекогаш стануваат полоши од болеста и дека некои мерки со кои се ограничува слободата стануваат долгорочни. Како надзорот на граѓаните.

Затоа, не смее да се дозволи коронавирусот да доведе до ерозија на граѓанските слободи. А тоа се случува. Особено застрашувачки е кога самопрогласени левичари и либерали ги фалат драконските реакции на државата, како одговор на пандемијата.

Свесен сум дека постојат моменти во историјата кога не важат нормалните правила во заштитата на човековите права, а околностите сугерираат дека сега живееме во такво време. Кога ограничувањето на индивидуалната слобода е во голема мерка соодветно за околностите.

Да, не е спорно дека Владата има моќ да преземе вонредни мерки за запирање на пандемијата, но моќта не е без граници. Мојот секојдневен живот е засегнат толку драматично, ништо добро не се случува, а сите молчат пред дилемите што ги поставува ваквата моќ на Владата. Само за пример: се очекува наредбата за ставање во карантин на областа на Сан Франциско да биде оспорена на суд и судиите ќе треба да ги балансираат индивидуалните граѓански слободи и уставните права наспроти потребата за заштита на јавното здравство.

Така функционира правната држава. Кај нас? За Владата стана нормално човековите права да не се дел од нејзиниот вокабулар. Но, каде е судот, МАНУ, или како и да се вика овој застарен реликт на комунизмот во „Северна Македонија“? Каде е невладиниот сектор? Очигледно никој не се меша во  својата работа. Поточно, сите капитулираа пред извршнат власт веќе оддамна. А јас се уште се надевам дека ќе добијам одговори на дилемите што ги споделувам со многумина околу мерките на Владата за справување со коронавирусот  .

Криза е. На толку советници и експерти, никој да не ја посоветува Владата дека треба да се повика на членот 15 на Европската конвенција за човекови права за да ја акомодира вонредната состојба и карантинот, како нужни мерки за справување со коронавирусот. Не за друго, тоа е нејзина обврска кога ги дерогира одредбите на Конвенцијата, заради  вонредни околности.

Стварно, го информиравме Советот на Европа за причините за дерогација на членот 15 на Конвенцијата? За обемот на мерките што ги преземавме за таа цел. И, дали тие се во обем кој што стриктно го наложува ситуацијата и не се во спротивност со другите обврски кои што произлегуваат од меѓународното право. Искрено не верувам. Барем не видов дека сме во листата на држави што тоа го направиле. Затоа имам право да се сомневам и плашам дека вонредните мерки за итни случаи  можат да се користат за узурпирање, наместо за заштита на уставот.

Многумина веруваат дека пандемијата е шанса да се промени општеството и да се изгради подобра иднина. Други стравуваат дека тоа може само да ги влоши постојните неправди. За де не се случи второво, Владата мора да има одговор за дилемите на граѓаните околу вонредните мерки што ги презема за да се справи со коронавирусот. Ако не сака да не врати во 14-от век.