Welcome visitor you can log in or create an account

Хомо параситус во македонската политика

 Професор Звонимир Јанкуловски за Нова Македонија 31.05.2024

Паразитите се огромна сила во природниот свет. Во најголем дел тие едноставно се хранат со своите домаќини. Но постојат голем број случаи во кои тие вршат подмолно влијание: тие всушност го менуваат однесувањето на нивните домаќини, на начини што им користат, но ги оштетуваат и можеби на крајот ги убиваат своите жртви. Во политиката не е различно.
Замислете ја македонската политика како организам, домаќин на паразити што се хранат од несовршеноста и корумпираноста на политичкиот систем во државава и кои напредуваат од јајце во ларва управуваjќи со многу од метаболичките функции на Република Македонија. Очигледно растот е управуван, бидејќи паразитите со паметно размислување сакаат да го одржат својот домаќин зомби доволно долго жив за да се развијат во следната фаза, да ги снесат своите јајца и да го започнат процесот одново. Најдобар пример за ова ви е претходната власт. Таа потврди како политичките паразити стануваат способни поединци што живеат од вредностите, производите, услугите, донациите и жртвите што произлегуваат од трудот на другите. Овие поединци беа како свештеничка класа, остануваа во нивните комфорни зони, воздржувајќи се од каква било значајна работа, сметајќи го паразитскиот начин на живот за нормален и природен. Телото на политиката го гледаа како свој домаќин од кого цицаат, нудејќи малку и речиси никаков придонес во неговиот опстанок. Нивната способност да напредуваат без значаен придонес создава циклус на зависност и самозадоволство. Овие поединци често го рационализираа својот животен стил, гледајќи го како прифатлива норма наместо да го препознаваат како социјално штетен. Постојаната потреба да се поддржи некој што придонесува малку, за возврат најчесто раѓа незадоволство и затегнати односи во општеството. Со текот на времето, оваа динамика на политичкиот паразитизам го нарушува квалитетот на животот на оние што се продуктивни и одговорни, бидејќи тие се принудени да одвојуваат ресурси и енергија за да ги одржат и нахранат паразитите. Последиците од растот на политичките паразити се далекосежни, како за поединците така и за политиката и за општеството во целина. Македонија седум години ја плаќа цената на политичките натрапници и несакани гости во политичкиот организам – политичките паразити.
За жал, политичките паразити никогаш не се поразени. Политичкиот паразитизам се обновува со секои нови избори. Последниве не се исклучок. Гледам многу политички паразити што се обидуваат да го колонизираат гастроинтестиналниот тракт на победничката партија со надеж дека таа на крајот ќе ги депонира на некоја од посакуваните функции. Верни на својата паразитска природа, тие како вистински паразити никогаш не го поддржуваат домаќинот, наместо тоа го хранат со него својот политички опстанок. Нивниот животен циклус не е ни приближно ужасен како животните циклуси на црвот гвинеја и паразитоидната оса, но тие се впечатливи во природата на македонската политика. Гледајќи ги со идеолошки микроскоп, очигледно е дека ниту еден од нив нема многу афинитети за победничката партија. Нивната цел и нивната генијалност беа и се да преземат што е можно повеќе контрола врз истата таа и да ги подигнат нивните аутсајдерски кандидатури за некоја функција. Соодветно камуфлирани, не се забележуваат од просечниот гласач. Или, како што може да каже паразитолог, победничката партија на изборите во Македонија не смее да заборави да ја преврива водата пред да дозволи да пијат од победничкиот пехар.
Опстанокот на новата власт зависи од отпорноста на политичкиот паразитизам. Премногу се размножија во државава последниве години за да бидеме комотни за иднината. Власта мора да сфати дека сите типови паразити зависат од својот домаќин, од неговата виталност, и не смее да дозволи паразитите да се намножат во неговото тело контролирајќи го и ослабнувајќи го својот домаќин до неговата политичка смрт. И, секако, новата власт мора да знае дека политичките паразити се хранат од човечка дисфункционалност, девијантно однесување, беззаконие и корупција. Политичките паразити се тука да ги покријат и валидираат. Затоа власта мора да биде подготвено повеќе од кога било порано да ги ограничи можностите политичките паразити да се населат во телото на политиката што го консумираат. Ова ќе го направи само со понуда на политики што ќе ја избават државата од бездната на пропаѓање со претходната власт, ограничувајќи го политичкиот простор за раст и намножување на политичките паразити. Зашто исходот од оваа нерамноправна врска може да биде мала загуба на енергија за домаќинот, но во други случаи тоа ќе биде неговата смрт.