Welcome visitor you can log in or create an account

Достоинството – новата граница на сувереноста на државата

Професор Звонимир Јанкуловски за Нова Македонија 23.05.2024

Со години заборавивме како е да се размислува како држава. Време е да престанеме да ја мериме нашата вредност според неспособноста на некој друг. Мора да научиме дека достоинството е новата граница на сувереноста на државата. Никогаш не сум го делел чувството на инфериорност и безвредност, кое ни го наметна претходната власт, сведувајќи ја државата на послушен и сервилен вазал на другите. Чувствувам дека минатите искуства не смеат повеќе да влијаат врз самодовербата или самопочитта на државата, особено на оние што ги носат одлуките на надворешнополитички план. Досегашната надворешна политика беше преоптоварена со неуспех, заситена од сервилност и полтронство, без срам од тоа. На изборите овој маестрален неуспех во надворешната политика е пробиен како училиштен тест, кој открива ужасно незнаење или основно неразбирање на меѓународниот систем и начинот на кој се менаџираат односите во него. И, доста ми е од оние што упорно нѐ убедуваат дека сме мала и безначајна држава, која треба да биде консумент на надворешната политика, наместо да биде проактивен актер во обезбедувањето на нејзините национални интереси на надворешен план, не дозволувајќи другите да ги пишуваат приоритетите на таквата политика.

Понекогаш се прашувам како нашата надворешна политика успеа да не ги препознае вредноста и улогата на мултилатералната дипломатија во зајакнувањето на нашиот ангажман и засилување на нашиот глас како мала држава во меѓународните форуми. А како да го стори тоа кога со години дежурните „безрбетни експерти“ нѐ потсетуваа на многуте сложени структури и процеси на мултилатералната дипломатија, кои ги оптоваруваат ресурсите на државата, особено оние потребни за собирање поддршка за нејзините позиции, не гледајќи ја вредноста на мултилатералниот пристап во израмнување на полето за играње со големите. Нормално дека заборавија, ако воопшто некогаш знаеле, дека и покрај ограничените ресурси, овој првичен недостаток често може да се заобиколи, да се намали и да се претвори во стратегиска предност, ако се потпрете на колективната солидарност и владеење на правото, со строг фокус на ограничени цели и усвојување креативни решенија. Додека сите држави ја делат целосната дефиниција за суверенитет и автономија, претходната власт ги игнорираше ваквите атрибути на државата и како тие влијаат на нејзиното функционирање како мала држава во мултилатералните тела. Наместо повторно да го запалиме вестфалскиот принцип за еднаквост на државите во 21 век, без оглед на големината и другите расположливи атрибути на државите, станавме обезличена држава, која не припаѓа никаде. Нашата мултилатерална дипломатија успеа да го стопи гласот на државата во оној на големите, а со тоа и да го претопи националниот интерес на Македонија во интересот на овие држави. Кога ќе се сетам, такви беа инструкциите на државата при гласањето во меѓународните организации: да се следат политиките на големите и политиките на ЕУ. И толку од нашата мултилатерална дипломатија. Мултилатералната дипломатија стана тивкиот глас на нашата надворешна политика.

Македонската дипломатија руинирана од политиките, неспособноста и полтронството на претходната власт, во иднина мора да работи напорно за да ја зголеми свеста за нашата земја во мултилатералните форуми,. И секако: важно е како држава да остане релевантна и доследна на своите принципи, а не како досега да ги растегнува и приспособува по потреба на другите. Истовремено мора да се менува свеста дека да се биде сакан и почитуван не е иста работа во надворешната политика и „малото не е слабо“, поговорка што секогаш треба да ја имаме на ум како држава во надворешната политика. Но, најважно за обновената дипломатија на Македонија со новата власт е потребата од нејзина кохезија, која помага во создавање заедничка цел и конзистентност во надворешната политика и дипломатијата. Тоа може да ги намали компликациите во управувањето што произлегуваат од конкурентните или конфликтните интереси и перспективи на едно сложено и разновидно општество какво што е нашето. И време е да почнеме да размислуваме и да се однесуваме како суверена држава.