Welcome visitor you can log in or create an account

Митот за државотворност како алиби за распродажба на државата

Професор Звонимир Јанкуловски за Нова Македонија 17.05.2024

Зарем остана уште некој да им верува на социјалдемократите дека се државотворна партија, лага што ја мантраат сите години на независна Македонија. Државотворноста на СДС е само една од многуте лаги поврзани со оваа партија. Ниту во минатото, ниту во сегашноста или во иднината не било нешто реално, веројатно што се однесува до државотворноста на оваа партија. Освен свесно граден мит на политичка партија од комунизмот, која целото свое постоење го заснова на промовирање на една ваква голема лага во политиката. Зарем може да биде државотворна партија онаа што не веруваше во македонска држава, која до последен момент се колнеше во Тито и сонуваше за некоја нова Југославија, која го ограби сопствениот народ, ја смени демографската структура на државата во деведесеттите, ги славеше Охридскиот договор и бришењето на Македонците од преамбулата на Уставот, направи етнички територијален инженеринг на штета на македонските општини, се откажа од АСНОМ и Националноослободителната борба на македонскиот народ и го промени името на државата, а со тоа и нејзиниот идентитет, откажувајќи се од историјата, нејзината култура и јазик. И поразени до „балчак“ социјалдемократите не се откажуваат од својата мантра за државотворноста и денес. Патетични зборови од партија на одумирање, која сиве години не успеа да изгради препознатлив политички легитимитет, нудејќи ја државотворноста како лажен политички мит наместо рационална политика, која требаше да ги решава вистинските прашања на општеството што се менуваше. Премногу долго бевме заложници на една политика на лажна државотворност, која ја претворија во средство за тргување на оваа партија на нашиот меѓународен статус на пазарот за признавање на нашата посебност како држава на македонскиот народ.

Митот за државотворноста на социјалдемократите е обична инструментална манипулација, без мотивациско образложена променливост на организациската структура на државата. Велат дека големите партии преживуваат периодични порази на избори, но не можат да го преживеат разочарувањето. А токму тоа се случува во последниве седум години, кога мантрата за државотворноста на социјалдемократите се претвори во негирање и распродавање на сѐ што е македонско. Искрено не верувам дека СДС ќе го преживее поразот по неодамнешните избори и полека се движи кон свое политичко маргинализирање, следено со колапсот на своите неуспешни политички елити. Кога митот за државотворноста е лажен, не ме изненадува што постојниот партиски систем на социјалдемократите се распаѓа пред нашите очи. Се прашувам: со кој образ, по сѐ, оваа партија тврди дека е државотворна продолжувајќи го лажниот наратив за еден мит како референтен дискурс и начин за убедување на електоратот од страна на рециклирана комунистичка структура за нивната посветеност во градење на државата? Митот полека се гаси како што се дезинтегрира и се гаси оваа партија. Искрено, нема да ми биде жал доколку ја снема од политичката сцена, зашто тоа е последното нешто што сиве години на независна Македонија остана да живее од комунизмот и поранешниот режим. Реликт на едно минато на кое не сакам да се сеќавам и кое донесе повеќе зло од добро. Зло, кое продолжи да живее во демократска Македонија со оваа партија.

Можеби сум премногу субјективен и личен во ваквата констатација. Но нека се запрашаат социјалдемократите дали се толку влијателни како порано – во смисла на нивната способност да регрутираат и задржуваат членови, да ги натераат нивните гласачи да излезат на избори и да ја одржуваат лојалноста на гласачите од избори до избори? Последните избори покажаа дека оваа партија доживеа драстично намалено влијание на политиката во Македонија, како во однос на опаѓањето на членството, одзивот на гласачите и стабилноста на партискиот систем, со импликации за демократска одговорност, институционализација на политичката конкуренција и квалитет на самата демократија. Сѐ што направи беше арогантно потценување на народот од кого го црпи легитимитетот. Не може да го лажете народот со вашата државотворност кога со акциите што ги преземате полека ја умирате македонската држава, распродавајќи го идентитетот на нејзиниот народ. Последните избори го деконструираа митот за нивната државотворност и спречија секаква понатамошна негова злоупотреба во политиката. Премногу долго чекавме една голема политичка лага да умре, лага што со оваа партија го одржуваше комунизмот жив сиве години на независна Македонија. Социјалдемократскиот сојуз заедно со митот за неговата државотворност нема да ја преживее иднината. Заедно се на патот на историската маргинализација и исчезнување. А толку ја посакуваа историјата. Само за себе.