Welcome visitor you can log in or create an account

Епидемија на политичка омраза

 Професор Звонимир Јанкуловски за Нова Македонија 26.04.2024

Изборите и реториката на политичката кампања уште еднаш потврдија дека Македонија е длабоко поделено општество. Политичката поларизација во Македонија никогаш не била по линија на политички прашања, туку се фокусира на нерационална омраза кон членовите на спротивставената партија. Наративот во избориве означи ниска точка во нашиот национален дискурс и е кристализација на трендот што долго се развиваше: омраза кон спротивната страна. Реално, омразата никогаш не била новата валута на политиката кај нас. Особено не на партиите од власта. Но сега сме среде епидемија на омраза што остави повеќето од нас да се чувствуваат безнадежно и исцрпено. Ваквата токсична форма на омраза во политиката фундаментално го промени политичкиот дискурс во Македонија и, секако, начинот на владеење на политичарите. Омраза, потсмев и потценување на политичкиот противник во обид да се доминира со либералните вредности и европската иднина на државата.
Ваквото политичко секташтво – растечката тенденција на една политичка група да ги гледа своите противници како морално одвратни – создава повратна јамка на омраза и ја направи Македонија отворени за манипулации од страна на надворешните фактори, кои сакаат да ги продолжат овие внатрешни несогласувања. Изгледа дека кај нас повеќе се мрази политичкиот противник отколку што се сака сопствената партија. Политичката омраза е трансформирана во форма на идолопоклонство и стана охрабрувачка вера на социјалдемократите и главен извор на нивната политичка егзистенција.
Инаку, секташтвото во политиката е високоморализиран политички идентитет, кој ја гледа другата страна со презир и потценување. Токму моралната компонента е во коренот на политичкото секташтво. Можете да замислите дека сте член на религиозна секта и дека многу силно верувате дека ја поседувате целосната морална вистина за тоа дека другите луѓе нема да одат во рајот или се зли. Токму тоа е тонот на размислувањето на социјалдемократите, кое деновиве го гледаме преку политичкиот јаз што го создадоа во кампањата за изборите.

Три се клучни компоненти на политичкото секташтво: првата е етикетирање на политичките противници како луѓе толку различни од нас што речиси се неразбирливи; втората компонента е одбивноста – тие не само што се различни туку не се ни допадливи; третиот дел е морализација, каде што тие се третираат како морално банкротирани личности. Политичкото секташтво ги искривува верувањата на луѓето за членовите на другата партија, па затоа гледаме исклучивост во поврзувањето со идентитетската матрица на партиите во Македонија и свесно жртвување на демократските норми за партиски цели. Ваквото ниво на омраза – кое политиколозите го нарекуваат „негативна партизација“ – достигна ниво што не само што е лошо за демократијата туку е потенцијално деструктивно. Екстремното партиско непријателство е увертира за демократскиот колапс што ни се случува во Македонија со оваа власт.
Искористувањето на омразата во политиката лошо е за демократијата и за рационалната дебата. Очигледно тоа одамна го знаат социјалдемократите, но веруваа и, за жал, сѐ уште веруваат дека тоа може да биде исклучително ефикасно. Премногу често ја ставаа партијата пред Македонија и иако ваквиот систем не функционираше за повеќето Македонци, функционираше добро за нив, капитализирајќи од нашите поделби за да ја задржат власта.

Овој пат, сепак, се излажаа. Кампањата на омраза не поттикнува веќе емоции како во времето на „шарените“, а самата партија ја промени улогата – од водечка стана аутсајдер на изборите и се најде себеси како поголема цел на потсмев и одбивност кај електоратот. Проблемот на социјалдемократите на овие избори е што нивната сопствена тактика се сврте против нив. Подгревајќи омраза, се испекоа на неа. И тоа сериозно, ако се погледнат резултатите од првиот круг на претседателските избори.
Постојат два можни начина на кои ќе заврши ова. Првиот е оној од кој сите се плашиме – одмотување на нашата демократија, затоа што едната или двете страни се мразат толку многу што се подготвени да поддржат антидемократско и авторитарно лидерство за да ја задржат власта. Другото сценарио е големо престројување и/или колапс на едната од двете големи партии, што би можело да го преориентира македонскиот политички амбиент. Второто сценарио е сѐ поизгледно како што течат избориве.
Сега на овие избори се тестираат самите основи на македонската демократија ослободена од омразата што ја посеа власта. Премногу долго омразата го консумира нашиот политички живот. Затоа верувам дека кога ќе ги снема причината и партијата што ја генерира омразата како политичка алатка можеби работите ќе се променат. Затоа прво треба да се порази омразата во политиката, а гледам на добар пат сме да се случи тоа на овие избори.