Welcome visitor you can log in or create an account

ЗОРАН ТОДОРОВСКИ-ИНТЕРВЈУ ЗА ДНЕВНИК-МИСИРКОВ И ПРИПАЃА НА МАКЕДОНСКАТА ИСТОРИЈА

Бранко Ѓорѓевски 30 Јануари 2007


Интервју на, деновиве, нај-извиканиот човек! Покрај сите работи што се изнаслушавме ред е да се слушне и мислењето на прозваниот Зоран Тодоровски, директор на архивот на Македонија.
Мисирков и' припаѓа на македонската историја


Македонските револуционери и културни дејци биле свртени кон ослободување и создавање посебна македонска држава, иако се изјаснувале и се потпишувале како граѓани на државата во која живееле, вели Тодоровски

Директорот на Архивот на Македонија, Зоран Тодоровски, воопшто немал дилема дали треба да се објави новооткриениот дневник на основоположникот на македонскиот литературен јазик Крсте Петков Мисирков. Сега, по сите реакции и толкувања во јавноста на неговата изјава дека „Мисирков се потпишувал и како Бугарин“, се чувствува како жртва на „новинарска непрофесионалност и на исполитизирани етикетирања“. Тодоровски вели дека е подготвен на стручно соочување во кое најважно мора да биде целосно и објективно расветлување на историските настани и личности.

* Како се случи да Ве обвинат дека Крсте Мисирков сте го прогласиле за Бугарин?

- Од еден мошне инсконструиран, непрофесионално и некоректно пренесен разговор со новинарите на телевизиите „Сител“ и „А1“ во кој наводно сум рекол, односно сум тврдел, дека Крсте Мисирков е Бугарин. Всушност, тоа е нивна конструкција и непромислена констатација, што влијаеше на сета подоцнежна исполитизирана еуфорија што настана во јавноста. Ако новинарите се доблесни целосно да ја пуштат лентата со мојот глас, ќе се документира дека такво нешто не сум рекол, туку само покажав каде во ракописот Крсте Мисирков се потпишува како „македонски граѓанин“ (ова, за жал, нивната режија не го покажа), а каде како „македонски Бугарин“. Мојот демант „Сител“ го објави, „А1“ воопшто не. За жал, тоа е македонското „професионално“ новинарство.

ШОКАНТНИ ФАКТИ

* Дали бевте свесни дека, кога луѓето од бугарскиот Архив го донеле новооткриениот Дневник, ќе се отвори расправа за националната припадност на Мисирков, со оглед дека таму има негов потпис „македонски Бугарин“?

- Постапив и реагирав како секој вистински македонски научник и историчар кога ќе дознае дека е откриен значаен ракопис за најистакнатата личност на македонската културна историја. Кога слушнав за пронаоѓањето на ракописот, при еден мој научноистражувачки престој пред 4-5 месеци во Централниот државен архив во Софија, уште кога не бев именуван за директор, предложив ракописот, и покрај тоа што се' уште не беше откупен, да биде објавен и во Македонија. Крсте Мисирков со целото свое дело и мисла и' припаѓа на македонската културна и национална историја. Кај мене немаше никаква дилема овој редок и значаен ракопис да и' биде изворно приопштен и на македонската научна и поширока јавност. Соработката со бугарските колеги интензивно се остварува од 1991 година, кога е потпишан Договорот за заедничка соработка, еден од првите договори потпишани на македонски и на бугарски јазик, и од која соработка досега во македонскиот Државен архив имаме донесено повеќе од 200.000 документи за историјата на Македонија.

* Ве обвинуваат дека сте поборник на „пробугарската струја“ во македонската историографија, дека ги рехабилитирате Тодор Александров, Ванчо Михајлов...?

- Единствено признавам факти и документи, а не приказни и етикети со кои тие се служат, бидејќи мојата поблиска специјалност е историјата на македонското револуционерно движење. Ним им пречеше зборникот на автентични документи, мемоари, меморандуми, декларации, резолуции и окружни писма на ЦК на ВМРО, потпишани од Тодор Александров, како и неговата лична кореспонденција, плашејќи се дека нивните еднострани и идеологизирани ставови и интерпретации за оваа личност ќе паднат во вода. Што се однесува за личноста на Иван Михајлов, јас во моите трудови воопшто не го рехабилитирам, туку научно, објективно, документирано и критички го презентирам. Мојата монографија, поточно докторска дисертација „ВМРО 1924-1934“, беше оценета за „најдобра студија за ВМРО“, а моите „опоненти“ дури и ја цитираат. Од друга страна, во Бугарија за истата дисертација излегоа две негативни рецензии. А кај нас некои добија и партиска задача подробно да ја анализираат монографијата. Проф. Атанас Вангелов дури по десетина наменски колумни, токму во Вашиот весник „Дневник“, на крај заклучи дека нема ништо спорно со пишувањето за дејноста на ВМРО во наведениот период и за третирањето на личноста на Иван Михајлов.

* Сметате ли дека во нашата историографија се градела еднострана слика за определени луѓе и настани, па затоа сега новите сознанија дејствуваат шокантно?

- Македонската историографија е карактеристична, меѓу другото, и по презентацијата и валоризацијата на определени личности, да не говорам за нивното димензионирање, глорифицирање или минимизирање, па и нивна сатанизација. Тоа се базираше на идеолошката припадност на авторот што ги проучува, издигнувајќи ги нивните омилени личности во недопирливи митови, притоа прикривајќи им ги темните страни од животниот и револуционерен пат, посебно кога се однесува на нивното национално изјаснување и определеност. И кога таквите прикриени или премолчани работи ќе излезат на видело, тогаш доаѓа до своевидни шокови или галиматијас во главите кај недоволно упатените во македонските историски процеси. Такви примери има безброј, ние историчарите добро ги знаеме тие појави, но сите немаме доблест и храброст јавно и отворено да укажеме на таквите недоследности, се' уште плашејќи се од некои стекнати авторитети во историската наука, не водејќи притоа сметка за својот личен авторитет и кредибилитет, а да не говориме за историската вистина.

ТИТОВИ ИСТОРИЧАРИ

* Стручната јавност има забелешки за предлогот 23 октомври да биде прогласен за државен празник. Се тврди дека тоа ќе биде партиски празник на ВМРО-ДПМНЕ. Немаше ли посоодветен датум за празник на ВМРО?

- Таа јавност, според мене, не е стручна, туку се недобронамерни опозициски структури кои немаат изградено чувство за македонските национални вредности, да не говорам за патриотска и национална свест. На 23 октомври не треба да се гледа како на партиски ден на ВМРО-ДПМНЕ, туку како на ден на македонската револуционерна борба, односно ден кога е основана Македонската револуционерна организација и ден што претставува почетокот на организираното македонско револуционерно движење за ослободување на Македонија и за создавање на самостојна и независна македонска држава, ден кога започнал да се остварува сонот и вековниот копнеж на македонскиот народ за своја слобода и државност. Затоа 23 октомври не е само ден на македонската револуционерно-ослободителна борба, туку и предвесник на македонските востанија: Илинден и 11 Октомври, и основоположник на македонскиот државотворен идеал - АСНОМ и 8 септември 1991 година.

Не треба да се заборави дека Македонската револуционерна организација беше самостојна, независна, народна, ослободителна и револуционерна организација, која беше широкоприфатена од сите слоеви на македонскиот народ и која со своето револуционерно дејствување единствено влеваше надеж кај поробениот македонски народ за ослободување на својата татковина.

* Зошто, на пример, не го зедовте денот кога е кренато Кресненското востание, кое е изворно македонско, во кое нема никакви дилеми околу македонската платформа и национални чувства?

- Не знам зошто токму мене ми го упатувате ова прашање, јас бев само член на владината Комисија за донесување на законот за изменување и дополнување на Законот за празниците. Се разбира, и ова востание, како и други настани и датуми од историјата на македонскиот народ се мошне значајни. Се одлучивме за овој, од причините што ги наведов. Не треба да се заборави дека Кресненското востание беше стихиен настан, набрзина организирано, со кратко дејствување, а Македонската револуционерна организација со долготрајно, вооружено, легално, институционално, политичко-дипломатско и културно-образовно дејствување.

* Што мислите за инцидентот при чествувањето за Мара Бунева. Што мислите за Бунева, воопшто?

- Случајот со Мара Бунева е уште една карактеристика на македонската историографија. Мошне тешко се преиспитуваат некои оценки пишувани во комунистичкиот систем на поранешна СФР Југославија. Па и помладите колеги слепо ги прифаќаат и ги пренесуваат наследените ставови и оценки, без критички да размислуваат и толкуваат и да ги објаснуваат од македонски национални позиции. Затоа и европските и балканските историчари и теоретичари што се занимаваат и ја познаваат македонската историографија имаат мошне критички и негативен став кон нашата историографија, нарекувајќи ги, притоа, нашите се' уште актуелни авторитети за „Титови историчари“.

Што се однесува до инцидентот, сметам дека секој таков недостоен и хулигански чин, дали тој се случува во Скопје, пред плочата на Мара Бунева, или во Мелник, пред гробот на Јане Сандански, треба најенергично да се осуди и да се преземат мерки такви слични инциденти во иднина да нема. Се разбира, сето тоа влијае и на добрососедските односи меѓу Македонија и Бугарија. За личноста на Мара Бунева јас неколкупати сум изјавувал дека на нејзиниот подвиг треба да се гледа како на патриотски чин, без разлика од каде е инструирана и испратена, бидејќи се работи за убиство на висок полициски чиновник на окупаторска власт во Македонија.

* Колку, според Вас, лустрацијата може да има ефект по 15-годишното задоцнување?

- Во Државниот архив на Македонија се чуваат околу 14.500 политички и околу 22.000 затворски досиеја од Идризово. Сите тие се сведоштва на еден тоталитарен систем што владееше во Македонија, со поголем или помал интензитет, до 1991 година. Да не заборавиме дека политички досиеја се водеа и до 1998 година од страна на владејачката партија СДСМ. Овие досиеја ќе бидат и еден вид докази и ќе бидат ставени во функција на законот за лустрација. Според мене, под посебен третман треба да бидат наредбодавците, кои не само што можат да ги злоупотребат информациите и досиејата на соработниците на службите за државна безбедност туку и да се елиминираат некои се' уште присутни „мрежи“ и „центри“ на моќта.

Револуционерите се потпишуваа за Македонија

* Како го толкувате потписот на Мисирков како „македонски Бугарин“, но и на други македонски револуционери што во определени периоди се изјаснувале како „Бугари“ - како израз на национални чувства или како последица на нешто друго?

- Прашањето бара широка елаборација. Според мене, тоа е македонската национална транзиција, таква била судбината на македонските револуционери и културни дејци, кои биле принудени да емигрираат од својата поробена татковина и да дејствуваат од други земји, кои имале свои државни аспирации и пропаганди. Но и покрај тоа што тие се изјаснувале и се потпишувале како граѓани на државата во која живееле, нивните залагања, мечти и борба биле свртени кон татковината, кон нејзиното ослободување и создавање посебна македонска држава, давајќи притоа на знаење дека потекнуваат од Македонија, дека се нешто посебно. За ваквите неразјаснети, а според мене и прикривани моменти, виновни се историчарите, што не ги објаснуваат, туку едноставно ги одминуваат, премолчуваат и ги селектира

Има безброј вакви примери во македонската, а се разбира и во бугарската историографија. Истото се однесува и на Крсте Мисирков. И тој минувал низ разни премрежиња, но неговото огромно дело не треба да се оспорува или минимизира, како и објавувањето на неговите новооткриени мемоари. Неговите погледи и пишувања одамна им се познати на историчарите, но не и на пошироката јавност. На научниот собир „Делото на Крсте Мисирков“, одржан пред две години во МАНУ, рефератот на д-р Растислав Терзиоски предизвика жестоки дискусии, и покрај тоа што беше констатирано дека Мисирков „не е икона, не е беспрекорен“. Тоа само ќе придонесе за дорасветлување и објективизирање на неговите погледи, ставови и опсервации за македонските и други прашања и никој не треба да се вознемирува и да се плаши од политизација.

Импутации дека сум „пробугарски“ историчар

Јас веќе отрпнав на импутациите, како и на многубројните исполитизирани и навредливи етикети од поранешните и актуелните политичари и новинари. Никој од нив во своите тенденциозни изјави на моја сметка не цитира тоа што сум го напишал или изјавил. Имаше ампутирање, измислување, додавање во моите изјави, дискредитирање без да прочитале некој од моите трудови, одбивање покани да се соочиме, како и недоаѓање на судските процеси. Меѓу нив имаше и мои познајници, со кои соработував и кои добро ги познаваа моите ставови. Но, тајните „центри“ беа посилни од нашето познанство.

Во прилог ќе дадам коментар на Блаже Ристевски во кој тој вели дека за дневникотзнаел од пре 40 години:


АКАДЕМИК БЛАЖЕ РИСТОВСКИ ПРЕДУПРЕДУВА

Мисирков не треба да се злоупотребува за политички цели

Објавувањето на дневникот на Крсте Петков Мисирков не смее да биде „злоупотребено за политички потреби“, предупредува академик Блаже Ристовски. Тој бара делото, кое заеднички ќе го објават државните архиви на Македонија и на Бугарија, да биде во рамките на научната методологија, односно да се укаже на околностите во периодот кога основоположникот на македонскиот литературен јазик искажувал одредени ставови.

- Мене ми е познато дека Мисирков го пишувал овој дневник во периодот од 5 јули до 28 август 1913 година непосредно пред Букурешкиот договор. Запознат сум и со содржината, бидејќи имам многу од писмата и меморандумите што тој ги испраќал до европските дипломати и словенофили, во кои ја искажувал грижата за Македонија. Голем дел од нив се објавени. Во тој период негова главна преокупација и заложба била да се зачувува целовитоста на Македонија. Затоа, тој се залага дури и за припојување на цела Македонија кон Бугарија за нејзината територија да не биде распарчена, изјаснувајќи се дури и како „македонски Бугарин“ - објаснува академик Ристовски.

Според него, нашата историографија не ги криела ваквите документи и ставови.

- Уште пред 40 години сум објавил такви негови документи, па и два други негови дневника - вели тој.

Зоран Тодоровски, директор на Архивот на Република Македонија, вчера изјави дека дневникот на Крсте Мисирков ќе биде објавен со соодветен предговор, кој ќе содржи објаснувања за делото.

- Никој не треба да стравува од тоа што е содржано во дневникот. Академик Блаже Ристовски не треба да биде нервозен поради објавувањето на делото, туку да се радува. Нашата заложба е на јавноста да и' ги претставиме сите дела што ги напишале нашите значајни историски личности. Не можеме да ги прикриваме сите нивни дела, како што беше порано. Нивната оставина треба да биде целосно позната, односно, треба да се знае какви ставови имале во различни периоди - истакнува Тодоровски.

Тој вели дека и македонската и бугарската историографија досега, поради свои потреби, многу често ги третирале историските личности и настаните исклучиво од аспектите што им одговарале.

- Бугарската историографија, на пример, имаше мошне негативен однос кон Мисирков. Нашата историографија премолчувала одредени ставови. Затоа, најдобро е да се презентираат сите факти, па тогаш јавноста нека суди за нивните дела - нагласува директорот на Архивот на Македонија.
Промакедонски ставови
- Според мои сознанија, во новооткриениот дневник Мисирков има многу повеќе ставови во прилог на македонскиот идентитет, самобитност и целовитост отколку што има ставови што, на некој начин, би можеле да се толкуваат во прилог на бугарските интереси - вели Зоран Тодоровски.
Бранко Горгевски