Welcome visitor you can log in or create an account

Семето на самоуништување зад демократската фасада

Професор Звонимир Јанкуловски за Нова Македонија 26.01.2024

Од споделување моќ до споделување на државата. Тоа е сликата на Македонија денес. Механизмите за поделба на власта промовирани во почетокот на деведесеттите, развиени со Охридскиот рамковен договор, сепак, имаа ефект на нагласување на бинационалниот, а не на мултинационалниот карактер на Републиката, и ништо повеќе. Меѓуетничките антипатии, социјалните и политичките расцепи, како и етноцентризмите останаа доминантна карактеристика на македонското поделено општество, а колективните права и интереси преовладуваат, и сè уште преовладуваат во голема мера над индивидуалните. Сепак, главната поделба и колективните фрустрации ротираат околу несогласувањето за природата и сопственоста на државата. Дивоградбите во Уставот премолчено го поздравија, експлоатираа, па дури и го претворија во извор на етнички поделби, она што често се смета за негативен исход на консоцијализмот: институционализацијата на етничката припадност и етничката поделеност.
Ако некој мисли дека политиката може да се амнестира од молчешкум споделената согласност за управуван етнички поделен државен систем во кој еднакво е споделена моќта и државата, подобро да се запраша: кој го стори тоа? Кој дозволи македонското општество да остане длабоко поделено по етнички линии, како што е поделен и неговиот политички пејзаж? Со слаба и неконсолидирана демократија, консоцијалните институции и механизми во голема мера се експлоатирани од корумпираната етничка политичка елита. Концептот на „споделена држава“ означува развој на два паралелни, управувани и стабилни, етнички државни системи – чија причина за постоење е самата етничка поделба, а чија институционална инфраструктура е консоцијалниот модел на демократијата. По нашки – демократија по Бадентерово мнозинство. Ова е Македонија пред изборите. Пропадната држава по сите параметри.
Можеби техничката влада изгледа толку нормално во сето лудило и глупост што ја следи македонската политика. А можеби и не. Слушам молк околу правните аспекти на еден ваков небулозен концепт на управување држава пред избори. Молк и за тежината на историскиот обид да се поништи македонската демократија. Техничката влада е нејзиниот епитаф.

На македонската демократија, која се тетерави, ослабена од корупција, монопол на политичките квазиелити, апатија, нееднаквост, политичко насилство, хакстеризам, клиентелизам, сиромаштија, очај ѝ недостигаше уште техничка влада. Таа нема да нѐ спаси од глупоста и очајот на политиката, од дезинформации, трибализација, домашен политички „тероризам“, кршење на човековите права, политичка нетолеранција, владеење со инструирана политичка толпа на социјалните медиуми, етнички генериран национализам, криминална и корумпирана власт, недостоинствен претседател, собраниско „благородништво“, неспособна и партизирана администрација, контролирани медиуми, осакатувачка поларизација, поткопување на изборите и епистемолошки хаос. Ова е единствениот воздух што може да се дише во тоталитаризмот и кај нас. Секако, покрај оној загадениот што го дишеме секојдневно. Што може друго да очекуваш од „марионетска“ политика контролирана однадвор.
Ова ме потсети на една подзаборавена приказна – Свирачот од Хамелин (германски: der Rattenfänger von Hameln, исто така познат како ловецот на стаорци на Хамелин), кој е насловен лик на легенда од градот Хамелин (Хамелн), Долна Саксонија, Германија. Легендата датира од средниот век. Свирачот на флејта е облечен во разнобојна („шарена“) облека, бил ловец на стаорци најмен од градот за да ги намами стаорците со музиката од неговата волшебна флејта. Маѓепсани од неговата музика стаорците го следеле во реката каде што сите се удавиле.

Свирачот на Хамелин стана метафора за личност што привлекува следбеници преку харизма или лажни ветувања. Волшебната свирка на нашите надворешни поддржувачи го има истиот ефект врз нашите политичари. Како што свирачот од Хемелин ги води стаорците во реката каде што се дават, така и нашите политичари следејќи ги советите на странците и надворешните мешетари од секако вид и подвид ја водат државата во пропаст. Жално е што веруваат дека она што никогаш не беше добро за другите е добро за нас.
Така, техничката влада е добра само за нас и е дизајнирана само за нас. Како, впрочем, и Охридскиот договор. Тоа што се крши устав, тоа што уставната практика во светот не познава ваква институција помалку е важно. Важно политиката се согласила со нејзиното постоење. Каков устав, таква држава, таква политика. Секогаш на линија со барањата однадвор. И, по сѐ некој има образ да зборува за владеење на правото кога веќе е посадено семето на самоуништување.
Марионетската политика стана оружјето за масовно самоуништување на македонската демократија – за нејзините норми, за нејзиниот морал, за едноставната човечка пристојност. А сервилноста е врвот на нејзиниот демократски капацитет. Не знам зашто македонската политика едноставно не ја отфрли демократската фасада и не го покаже вистинскиот лик. Оној што го гледаме секојдневно. Сервилен и безличен. И, се прашувате: како да ја смените куклената претстава на демократијата во Македонија? Многу тешко со вакви политичари.