Welcome visitor you can log in or create an account

Реквием за една свената роза


Професор Звонимир Јанкуловски за Нова Македонија 19.01.2024

Кога како политичка партија не размислувате за својата политичка стратегија и слепо верувате дека некој друг (надворешен фактор) ќе ве одржува политички релевантен, не треба да ве изненадува како одеднаш станувате овената роза во политичкиот спектрум во Македонија. Кога ја продавате и обезличувате државата, оставајќи ги луѓето зад себе, и кога ги земате премногу здраво за готово своите поддржувачи, не може да барате да ви веруваат повеќе и да ве гласаат на следните избори. Доста му е на народот од вас и вашиот лажен полтронски елитизам и шуплива селска ароганција. Доста му е на народот од новата лажна реалност во која се обидоа и го натераа да живее сиве години под нивна власт, како и од потценувањето на здравиот разум на обичниот човек за неговата „европска“ иднина.
Веќе станува очигледно дека нема излез од спиралата на политичкото пропаѓање на социјалдемократите и партијата во моментов заличува на очајник што е во однапред изгубена трка со времето, кое истекува. Наивно е ако сѐ уште веруваат дека се на вистинската страна на историјата. Токму историјата ќе ги закопа. Не онаа лажната што ја пишуваа во минатото и во која веќе сѐ помалку веруваме. Затоа, како да ја изгубија способноста да ги читаат податоците од анкетите. Бројките кажуваат многу поинаква приказна од онаа што ја раскажува раководството на „држалотворната“ партија.
Ваквото селективно читање на податоците од анкетата не почнува со тоа што сакаат да разберат од каде навистина доаѓаат гласачите и што навистина мислат – тоа повеќе е како, еве, за што ние како социјалдемократи и мислиме дека е вистинска работа за која треба да се залагаме и да видиме дали има некој таму што би можел да го поддржи она што сакаме да го направиме. Видовме што направија, затоа веќе нема кој да ги поддржи. Тоа е обратниот пат по кој одат во политиката веќе подолго време. Или ќор-сокак кон кој се движат и мислат дека и другите треба да ги следат.
Не би сакал да бидам погрешно разбран во контекст на реавтократизацијата на Македонија дека грешката е во социјалдемократите и нивниот недостиг од демократски капацитет во раководењето со државата. Тие не се грешка, тие се причината зашто Македонија не доживеа демократска транзиција, туку континуирано слабеење на државата преку зачувување и обновување на некогашната комунистичка елита и истиот тип формални и неформални институции што го карактеризираа македонскиот политички систем во минатото. Со социјалдемократите поранешниот комунистички систем се ревитализира во новото време, обидувајќи се преку промена на надворешниот изглед да им се допадне на гласачите: стариот комунистички волк во нова облека.

Владејачките групи и институции од времето на социјалистичка Македонија главно опстанаа на врвот на политиката, реинкарнирани во демократска Македонија од социјалдемократите. Исклучок беше – или требаше да биде – пазарната економија, но дури и таму старите елити ги зазедоа за себе најпрофитабилните средства и позиции. Реавтократизација на Македонија беше само прашање на време. Затоа не треба да нѐ изненадува зашто денес се соочуваме со државен колапс и анархија. Со социјалдемократите, старата елита самата се репродуцира, го задуши растот на државата како демократска, дестабилизирајќи го новиот режим. Можеби со нив реформите главно беа козметички, но растурањето на државата реално.
Социјалдемократскиот сојуз на Македонија никогаш не бил политичка партија во реална смисла на зборот. СДСМ беше наследена структура на државна власт, главниот механизам на административниот команден систем на комунизмот. Затоа и розата не им личи. Во демократска Македонија стана непроѕирна, монополизирана структура на некогашната комунистичка номенклатура, која требаше да го заштити и се грижи за зачувување на статус квото на системот на привилегии од некогашниот режим во изменети околности. Затоа во владеењето со Македонија оваа партија преземаше недемократска, покровителска улога во однос на јавноста во целина, самопрогласувајќи се за „државотворна“. Тоа е таа потреба од минатото, партијата да се идентификува со државата. Тоа е вистинскиот лажен лик на социјалдемократите.

А имаше и сѐ уште има некои што наивно веруваат дека ја напуштивме таквата држава. Силното присуство на „номенклатурата“ на секое ниво во државата гарантираше дека во новата Македонија сè уште ќе доминираат многу стари комунистички кадри и практики, како формални така и неформални. Клиентелизмот, употреба на лични мрежи и контакти за да се добие одредена привилегирана позиција во општеството, „закон на телефони“ (обичај извршните функционери да вршат заднински притисок врз судовите и правниот систем); заткулисното управување со државата и корупцијата беа преземената политичка култура на минатиот режим во Македонија. „Држалотворните“ никогаш немаа волја ниту вештини да доведат до демократски промени во државата. Нивната неспособност ја акцелерира нивната сервилност, која сега го промени правецот: наместо кон Белград, кон Брисел. Номенклатурата на минатото, грижејќи се за нашата иднина, ни ја остави во трајно наследство, кое никој не го бараше и сакаше – „Северна Македонија“, како диво месо што го задушува нашиот национален идентитет. Се надевам дека изборите во мај се крајот на една ера на „лажната елита“ на комунизмот, која предолго ја држеше заробена државата во минатото, реквием за една свената роза и едно време што конечно ќе замине во историјата. И, дека доаѓа времето кога ќе си ја вратиме Македонија, ако веќе не е доцна. Сакам да верувам дека не е помината точката од која нема враќање. Којзнае?