Welcome visitor you can log in or create an account

Во ред е да бидеш среќен – дури и во ваква несреќна Македонија

Професор Звонимир Јанкуловски за Нова Македонија 29.12.2023

Не знам зошто и оваа година како и минатата пред новогодишните празници сум во потрага по среќата. Можеби зашто сѐ помалку гледам среќни луѓе околу мене. Како да бидеш вистински среќен кога живееш мизерен живот во режија на пропадната држава и забегана власт. Одамна живееме под нашиот потенцијал, се откажавме од нормален живот, не посегнувајќи по ништо подобро. Власта нѐ научи да се задоволуваме со малку, да не бараме повеќе и подобро. Затоа во оваа држава премногу често почнавме да забораваме да бидеме среќни. Гледам сѐ повеќе луѓе што се откажуваат од прекумерното барање среќа. Како никој не ги подучил дека целта на животот е среќата. Изгледа ваквата филозофија не функционира кај нас. Во ваква држава на изместени и первертирани вредности оние што бараат среќа можеби поставуваат високи стандарди за нивното ниво на среќа. Погрешни и изместени стандарди водат кон високи разочарувања и фрустрации, што го попречуваат доживувањето на среќата. Од друга страна, работите што ги прави Владата сериозно влијаат и на среќата. Не постои еден едноставен клуч за среќа, но кај нас Владата ја заклучи можноста и ја уништи надежта да бидете среќни. Оваа власт испорачува само несреќи.
Некои луѓе сметаат дека среќата е индивидуална работа и зависи од нас самите, бидејќи власта не може да ве направи среќни. Среќата не е одговорност на Владата. На оваа никако. Но зошто среќата да е поинаква од образованието, или економијата или здравјето? До одреден степен, Владата мора да го направи својот дел, иако и поединците мора да преземат акција. А владините политики дефинитивно можат да влијаат на среќата. Додека сè повеќе држави почнуваат да ја проценуваат благосостојбата на граѓаните преку мерење на задоволството од животот и смислата на животот, кај нас среќата ја мериме низ призмата на имање лекови, достоинствена плата, храна за месецот, платени сметки, избегнување извршители. Нас не мора никој да ни каже кој во едно општество страда, а кој живее задоволен живот и кои фактори создаваат услови наспроти штета по среќата. Никогаш не создадовме мерки за среќата и не ја тестиравме нивната валидност. Сѐ повеќе се прашуваме дали среќата е возможна во Македонија? Барем среќата кај нас не бара и не познава етничка рамка, квота систем, ниту Бадинтерово мнозинство. Балансерот не може да испорача среќа во проценти. Среќата е иста за сите. Во сите култури, луѓето сакаат нивните животи да бидат задоволувачки и вредни. Во сите култури, луѓето повеќе би сакале да чувствуваат задоволство или радост отколку лутина или депресија. Така, на ова ниво, сите сме многу слични и исти.

Мислам дека нема потреба никого да убедувам дека среќата е единствената работа што е важна за да го убедам дека е важна. Не треба да бидете хедонист, за да се грижите за ова. Сите мислат дека среќата е важна до одреден степен и дека среќата не трае. Тоа е така зашто во оваа држава не изградивме живот што може да го контролирате и цели што може да ги постигнете, а кои ве прават среќни и исполнети. Во Македонија среќата доаѓа и си оди. Побрзо си оди отколку што доаѓа. Среќата кај нас е нуспроизвод на акцијата на власта. Кога системот ќе ве сомеле и ќе ви го убие духот и ќе ја поткопа надежта заборавате како е да се биде среќен. Особено во овој дел од годината. Не гледате среќа во ништо. Тешко е да се остане оптимист за иднината во ваква држава. А уште потешко да трагате по среќата. Сега, повеќе од кога било досега, време е за поинаков тип новогодишна желба. Треба да размислите за поедноставување на она што го сакате и да се фокусирате на обидот да бидете среќни. Треба да бидете внимателни во потрагата по среќа во новата година. Нереални очекувања носат тешки разочарувања.

Затоа полека. Сечија верзија на среќа е различна. Тоа не е една големина што им одговара на сите. Паметен пристап е да ја гледате среќата како органско нешто што доаѓа со правење на она што го сакате, да бидете со луѓе за кои се грижите, да се стремите да ве третираат со почит и достоинство и да избегнувате да се споредувате со другите. Среќата ќе ви помогне да останете силни во најлошите времиња, бидејќи нуди начин на размислување за наоѓање смисла, дури и во најтемните часови. Верувајте, ќе ви треба среќа во годината што доаѓа.

Затоа бидете среќни во новата година. Тоа е нешто што власта не може да ви го земе, откако ни зеде сѐ. Среќна Нова година.