ЗА ПРЕДАВСТВО НА МАКЕДОНИЈА ОД 2001 ГОДИНА
Владимир Костовски 12.08.2011
Македонија во 2001 година беше жртва на едно големо предавство. Една од бандите, левата, во обид да дојде предвреме на власт, учествуваше во организација и поддршка на фингирана војна во Македонија, изведена од радикални албански структури на Косово, подоцна и од Македонија, а кои беа, колку тоа парадоксално да звучи, спроведувачи на српски државни интереси и на интересите на другите наши „мили“ соседи. Секако, тука се вкрстија и интересите на некои од големите сили, но никако пресудно. Големото предавство од 2001 придонесе за поинаква Македонија, а наместо да се извлечат поуките и грешките да не се продлабочат, се случува токму спротивното
Оружените судири или т.н. војна во Македонија од 2001 и ден денешен, десет години подоцна, се уште е тема за која нема единствено видување во научната и публицистичката јавност, уште помалку меѓу онаа голема група луѓе што незаслужено се нарекуваат политичари, а кои де факто, се членови на организации што делуваат на бандитски принцип, а се нарекуваат политички партии. Иако, тие најдобро знаат што точно се случи тогаш!
Десет години подоцна се уште нема одговор на прашањата дали во Македонија имаше војна или имаше внатрешен конфликт, дали имаше агресија или имаше бунт и кои беа целите на едната завојувана страна или да бидеме попрецизни, на едната страна во конфликтот.
Нашето скромно мислење е дека Македонија во 2001 година се соочи со добро организирана и однапред планирана агресија од радикални албански структури уфрелни од Косово. Целите беа повеќe, во зависност од партиципентите во планот и неговот спроведување: поттикннување поширок бунт на албанското население, прогласат големи територии од Македонија под контрола на Алабнците, предизвикување пад на актуелната постоечка влада и доаѓање на левата банда под команда на Црвенковски на власт на нелегитимен и нелегален начин, предвреме и надвор од изборен циклус, извршување влијание за смена на Уставот на Македонија, обезбедување на мафијашките интереси на ослободената територија, остварување на српските интереси на тој начин што Албанците ќе се окарактезиираат како нестабилно малцинство во регионот воопшто, а воедно да се покаже дека КФОР не може да го одржува мирот и стабилноста и дека е потребна ревизија на Kумановскиот договор и враќање на српската власт на Косово...
Се разбира имаше тука и споредни интереси - пред се на Албанија и на Грција, но и на Бугарија, кои, секоја од своја страна, видоа свои интереси во врска со Косово и Македонија, па во подготовките и во изведувањето на операцијата ровареа на свој начин на македонско тло, очекувајќи поразената Македонија да ја месат како тесто и да си ги извлечат сопствените награди.
Првата и основната причина зошто го велиме ова, е фактот дека вистинска причина за војната не постоеше!
Ако денес се тврди дека тоа биле остварувања на колективните права на Албанците во Македонија, тогаш треба да се потсети дека во периодот од 1998, кога на власт дојде ВМРО ДПМНЕ, па до 2001, заедно со нивниот коалиционен партнер ДПА веќе во многу, и законски и практично, ги имаа покренато на повисоко ниво правата на Албанците во Македонија. Во сите погледи, во однос на периодот 1991-1998 г. Сите други причини наведени погоре, беа во игра, а фактите зборуваат и покажуваат дека тоа е така.
Сосотојбите од победата на ВМРО ДПМНЕ во 1998
Прво да потсетиме на периодот од 1998-2001г. На власт е десната банда предводена од Љ. Георгиевски со своите најважни коалициски партнери ДА на В. Тупурковски и ДПА на Арбен Џафери и Мендух Тачи. Владата, иако со бројни корупциски афери - пред се тука се истакнуваа кадрите на ДА, но овие од ВМРО ДПМНЕ воопшто не заостануваа - водеше таква економска политика што придонесе за континуиран пораст на економијата. Во право се оние кои велат дека за тоа придонело и бројното присуство на НАТО во Македонија поради војната притив СРЈ во 1999, но како и да е, ефектот беше поволен. Самите бизнисмени од тоа време знаеа често да изјавуваат дека „Љубчо краде, ама бизнисот се врти, па има за сите“. Ова важи за поголемиот дел од средниот и ситниот бизнис во Македонија. Крупниот, исто така си ја туркаше работата, со тоа што еден по еден, олигарсите се вртеа од левата банда, го напуштаа Црвенковски и преоѓаа, барем формално, кон десната на Георгиевски.
Оној дел од организираниот криминал што најмногу им носеше профит на македонските ограноци на светските мафии и на нивните водства, функционираше и натаму беспрекорно, но, сега со прераспределба по партиска-бандитска-географска основа, принцип што важи и ден денешен.
Се што се однесуваше западно од Групчин во однос на криминални активности, особено во однос на нелегалната трговија со луѓе и проституција, беше препуштено на партнерите од власта, на луѓе блиски или во ДПА. За ова имаме бројни сведоштва од тогашни лица во безбедносните структури и во политиката. Цигарите, дрогата и оружјето, исто така, врвеа без проблем, со тоа што, ќе повториме, географски беа поделени. Истото важи и со другите акцизни стоки, како алкохолот на пример.
Оваа паралелна структура на власт, мафијашката, беше воспоставена многу бргу по освојувањето на власта од страна на ВМРО ДПМНЕ и ДА во 1998 година. Уште по само неколку месеци се виде дека немаат намера да исполнат ниту едно свое ветување од аспект на борбата против криминалот и корупцијата и дека со мафијата имаат склучено пакт, кој се базира на лична и партиска материјална полза. Единствена разлика од пред 1998, беше тоа што сега од тој пакт се исфрлени мафијашите од ПДП, другата албанска партија, која својот политички пат го заврши со 2001 година, како и оние од левата банда олицетворена во СДСМ и предводена од Црвенковски. Впрочем, за ваквата неповолна состојба за левата банда сведочеа и некои тогашни предизборни или друг тип соочувања меѓу Георгиевски и Црвенковски, кога Георгивески, смеејќи му се в лице на Црвенковски, му кажа дека не прават ништо друго освен што го применуваат рецептот на СДСМ - и во однос на олигарсите (кои Бранко тогаш ги нарече „сончогледи“), и во однос на другиот „бизнис“, пред се со цигарите.
Да се обидеме да сумираме. Од 1998-2001 година, во Македонија имаме:
- континуиран економски раст
-стабилни меѓуетнички односи (што се должи и на згрижувањето на околу 300.000 Албанци од Косово во 1999)
-перспектива за натамошно приближување кон ЕУ и НАТО
-омекнување на односите со Албанија и Бугарија
-неформална оценка на меѓународната заедница дека со Македонија владее десна влада, посветена на слобода на пазарот, која постигнува економски резултати
А, сега да видиме кои се најголемите загубари од ваката фактичка состојба:
- СДСМ и нивните сателитски банди
- Србија и другите „мили“ соседи на Македонија и радикалните и безбедносните структури кај нив, кои секогаш ја претпочитале и ја хушкале состојбата на цврста рака кон Македонија
- кормупирани политичири од западните демократии (од типот на Х.Солана) и некои нивни безбедносни структури, кои со стабилизарањето на Македонија и нормализирањето на меѓуетничките односи видоа опасност за натамошно дисциплинирање на Србија и „одработување“ на добиените валкани пари од албанската мафија
- старото разузнавачко милје во Македонија, кое цело време мисли на српските интереси и кое на некој начин се најде загрозено од Георгиевски, особено по бркањето на ДА од владата
Подготовки за „омекнување“ на Македонија
Без никакво сомнение, Македонија влезе во фингирната војна во 2001 целосно неподготвена, со некоординиран и ослабен систем за безбедност, со неподготвени оружени сили, пред се АРМ и со многу конфузија, создадена од неспособност, но и намерно ширена.
Во повеќето публикации кои се однесуваат на настаните од 2001 ќе сретнете податоци за случувањата непосредно пред настаните во Танушевци, но ние би се осврнале порано, со теза дека „омекнувањето“ на Македонија, т.е на нејзините капацитети за одбрана и справување со кризни ситуации започна уште во 1999 година.
Првиот чекор со кој се стори тоа, е планот на ДА, т.е. на „големиот македонски син“ Васил Тупурковски, владата да го признае Тајван и на тој начин да издејствува прекин на односите со Кина, постојана членка на СБ на ООН, а со тоа и отстранување на УНПРФОР, набљудувачката мисија на ООН од нашата северна граница кон Косово. Тука никако не смеат да се заборават и лицата како што се Павле Трајанов и Бојан Бојановски. Едниот министер за внатрешни работи кој е сменет пред крајот на првата година од владеењето на владата на Георгиевски, а вториот, директор на СДБ, на тајната полиција, со што таа, слободно може да се каже, остана под целосно влијание на српските разузнавачки структури.
Тука нека не ве буни тоа што П.Т. е сменет. Тоа не значи дека човеков не работел за неговите некогашни формални наредбодавачи. Тоа само значи дека премногу добро работел, а со своите радикални, лично-човечки сфаќања за потребата од „цврстата рака“ кон Албанците, сепак се нашол, парадоксално, како пречка за изведување на планот за „омекнување“ на Македонија. Се разбира, тука немаме простор посебно да објаснуваме за улогата на ДА, која со своите 13 пратеници во тогашниот состав на Собранието и со претседателското место(Саво Климовски) имаше специјална улога на разузнавачките структури за следење, управување и ставање на целосна контрола на ВМРО ДПМНЕ. (Само еден мал пример кој говори за тоа, покрај Бојан Бојановски, е и „љубовната врска“ на министерот за економија од ДА, Жанко Чадо, со српската сива еминенција и човек на сите режими од Милошевиќ па до сега, Милан Беко и нивните апашки операции низ македонското стопанство).
На крајот на 1999 година, со термините за претседателските избори, започнаа поделбите во ВМРО ДПМНЕ, а до крајот на 2000, доаѓа до првиот обид за соборување на Владата на Георгиевски, преку создавање на новото парламентарно мнозинство, во кое требаше да учествуваат ДА со своите 13 пратеници, СДСМ, ПДП, ЛП и други, пред се пратеници од ВМРО ДПМНЕ, кои требаше да ги преземе Боривоје Стојменов, но тоа со помош на лојалните тајни полицајци на Георгиевски беше откриено и обидот беше осуетен. Во оваа операција учествува и Змејковски, Богоевски, Павле Трајанов и други знајни и незнајни, а се уште треба да се расветлува улогата на покојната Димовска.
Како и да е, операцијата на соборување на владата не успеа, ДА е исфрлена од власта, а за нецела година остана без ниту еден пратеник. Македонија доби нова влада и нов претседател на Собранието - Стојан Андов!
Подготовките за „омекнување“ на Македонија продолжија со несмален интензитет и со уште пожестоко спроведување. Непријателите полека се регрупираат. Собранието е во „сигурни“ раце - Стојан Андов. Полицијата е исто така, од порано е во сигурни раце, Доста Димовска. И клучниот дел од полицијата исто така доаѓа во сигурни раце - Горан Митевски, соработник на Силјан Аврамовски и препорачан, според Јанко Бачев, од Мане Јаковлевски, една проминентна „вмровска“ фигура, која преку својот брат Гојко и преку Драган Богдановски, знаеше многу пикантни детали за формирањето на ВМРО ДПМНЕод оние „историски“ состаноци во Германија, во Берлин и Минхен. Директор на Јавна безбедност, т.е на униформираната полиција е покојниот Пане Велев, познат штипски „вмровец“ од времињата на владата на Кљусев и тогашниот министер на МВР Јордан Мијалков, кој воедно е еден од луѓето кои решавале дали од Белград да се донесе Киро Глигоров за прв претседател на Македонија, откако не успеа планот со устоличување на таа функција на Архиепископот, г.г. Михаил. За директор на Агенцијата за разузнавање во таа 2000 година е назначен Драги Гроздановски, многу близок до Димовска, кој ќе остане до крајот на конфликтот во 2001, а ќе биде заменет токму од Димовска во 2002 година. И на крај, во последната безбедносно - разузнавачка структура, онаа на АРМ, ќе се појави името на Сашо Мијалков, актуелниот директор на УБК. Тој во периодот од 1998-2000 година е помошник министер за одбрана и безбедносно разузнавање, од 2000-2001 е Советник на министерот за одбрана, а од 2001 до 2003 е државен советник за безбедносни прашања во владата.
Значи ова се лицата на клучните безбедносни институции во Македонија во годината непосредно пред конфликтот. Кутриот министер за одбрана од тоа време Љубен Пауновски го заборавивме, иако, од денешен аспект се гледа дека воопшто не бил „конфузен и паничен“, како што го оцени јавно „сестра“ Доста, туку бил голема наивна патриотска жртва на семејни и политички стапици.
Во таа 2000 година, во насока на „омекнување“ на Македонија ќе се случат и следниве безбедносно интересни настани.
Во МВР, Димовска формира група за реформа на полицијата и на ДБК (во која, замислете, ќе се најде и „големиот експерт“ за безбедност Сашо Орданоски, веројатно како претставник на група Форум на Фрчко и на Ѓунер), потоа ќе следуваат од многу страни лиферувани информации дека досијеата на голем дел Албанци кои биле на спротивната страна, значи на Албанци соработници, му биле дадени на Мендух Тачи (според тврдењето на Бачев тие во истовреме биле прогласени за неинтересни за обработка, а меѓу таквите биле и Фазли Велиу и Муса Џафери) и конечно, во Агенцијата за разузнавање се врши смена и префрлање на 48 оперативци надвор од Агенцијата кон МВР, додека во самата Агенција се фаворизираат дунстерски и карикатурални фигури каков што е, на пример, Александар Коцарев, син на стариот приучен адвокат Саво, кој замислете едно време ја водеше и аналитиката во Агенцијата.
Што се работело во Военото разузнавање не ни е познато, освен дека тогаш имаше некаква афера и со лицата внатре, а претходно и со некоја скапа опрема за прислушкување, која, иако пристигнала во Македонија, исчезнала на извесно време (повеќе недели), пред да си го најде местото во одбраната.
Во текот на целата 2000 година полека, полека, имаме „загревање“ на нестабилна безбедносна ситуација со подметнати бомби, инциденти на меѓуетнички план и кон крајот на годината, со повеќе извештаи за забележани униформирани лица по македонските планини Шара и Скопска Црна Гора. При секој ваков извештај следуваа смирувачки тонови од Димовска (МВР), од Тачи (ДПА и коалиционен партнер) и од Георгиевски, премиер.
Големото уво - „кукавичје јајце“ на Црвенковски
Но, дефинитивно, најголемото „омекнување“, а воедно и најголемиот трик од планерите на фингираниот конфликт, беше изведен во јануари 2001, со аферата „Големото уво“, пласирана од најтесното раководство на СДСМ и од Црвенковски лично.
Оваа афера Црвенковски ја понуди на јавноста на 18.01.2001. Во истиот ден, кога врз полициска станица во Осломеј, Кичевско е извршен ракетен напад, за што одговорност преземаа терористите на ОНА, во месец непосредно после аферата со неуспешното соборување на владата на Георгиевски и во месец кога се изготвуваа завршните подготовки на ОНА за почеток на агресијата, која имаше за цел да предизвика поголем бунт и прекројување на Уставот, откако увидоа дека територии нема да добијат, пред се, поради меѓународната заедница.
Аферата што ја отвори Црвенковски, сосема сигурно и тогаш и денес може да се оцени како „кукавичје јајце“ подметнато на Македонија, со цел да се сврти вниманието од безбедносната ситуација и да се поткопа дополнително довербата на јавноста во владата на Георгиевски. Аферата беше до толку безобразно пласирана, што за прислушкувањето на политичари, новинари, бизнисмени, тој ја обвини Димовска и МВР, иако добро знаеше дека податоците се од друг прислушен центар, во чија организација, според повеќе вкрстени извори, еден од главните прислушкувачи бил Зоран Верушевски.
За ова добро може да посведочи и тогашниот началник на Петата управа во СДБ(онаа за специјални технички мерки меѓу што е и прислушкувањето), Александар Цветков, кој три дена брутално и нечовечки бил испрашуван(тепан) во просториите на МВР, со цел да се утврди дали тој е поврзан со прислушкувањето. Во истото тоа време, за да се потврди тезата на Црвенковски дека власта прислушкува, со изјави дека само МВР има такви софитицирани средства се изнаредија ликови како Трајанов, Богоевски, Владо Поповски и други.
Како и да е, лидерите на бандите во Македонија и сите други одговорни, наместо за безбедноста, за воени дејства кои беа на повидок и кои можеа да ги видат сите, „дробеа“ за прислушкувањето и за тоа кој кого слушал. Ова не престана подолго време, иако само неколку дена потоа, на 22.01.2001 беше извршен нов ракетен и пешадиски напад врз полициската станица во Теарце, при што загина полицаец, а други двајца беа ранети, за што одговорноста, исто така, ја презеде ОНА. Со ова свое дејство, несомнено, Црвенковски директно влијаеше на онеспособување на вкупните фактори кои и стоеа на Македонија на располагање за подготовка за нејзина одбрана, иако, мораме да нагласиме, главната вина си ја носи и ќе ја носи Георгиевски, зашто власта беше во негови раце. Тука, за него нема оправдување во смисла дали знаел или не знаел дека левата банда и старите разузнавачки структури се зафркаваат со него како ќе си посакаат.
Танушевци и А1
Дека станува збор за поширок заговор против Македонија, нам ни служи и примерот со откривањето на терористичката група во Танушевци на 16.02.2001 година од страна на тв екипа на А1 предводена од Жане Лупевска.
На Котле е веќе објавено тврдење како Лупевска решила да замине за селото на самата граница со Косово и да прави репортажа за условите за живот на населението. Накратко, нашето тврдење и натаму е исто, т.е. дека Лупевска тогаш е жртва на „џандарска“ игра со цел подгревање на тензијата и започнување на оружениот конфликт со строго зацртани крајни цели на планерите.
Дека тоа е така, потврда ни е и фактот што одговорните лица во Полицијата и Армијата морале да знаат за тоа што се случува во Танушевци, бидејќи во тоа време во непосредна близина на селото функционира погранична база со редовни патроли, а соодветно, морале тие информации да ги споделуваат и со политичкото водство - претседател на влада (и министрите за одбрана и за внатрешни), претседател на држава и претседател на паралмент. Тоа што Георгиевски денес тврди дека никој не го информирал за ништо во тој поглед, е факт кој што мора да се провери, иако ние мислиме дека делумно лаже!
Но, бидејќи немаше никаква реакција од страна на одговорните политичари, планерите решаваат да ги забрзаат работите со тоа што ќе ја запознаат јавноста дека Македонија е веќе во војна, затоа што веќе не контролира дел од својата територија. Така и бидна. Војната формално започна со довлекување на покрупни армиски и полициски сили околу Танушевци и со нападите со цел заземање на селото.
Се друго што се одвиваше натаму, особено од 1-ви март 2001, кога започнаа нападите врз тетовско и Тетово од страна на ОНА, па до потпишувањето на Рамковниот договор во Охрид во август 2001 година, е само потврда на претходно реченото, односно на нашето главно тврдење, дека Македонија во таа година (и пред тоа и после), е жртва на заговор и предавство извршено од многу фигури во политиката, полицијата и армијата, како и кај дел од нејзиното население кое кренало оружје кон сопствената држава.
Ова особено ќе стане појасно по остварување на преодната цел, формирањето на влада на широка коалиција во мај 2001, во која СДСМ на нелегитимен начин повторно се добра до власт, иако изборите беа на ред дури година и половина подоцна.
Факти што индицираат на предавство
Нашето тврдење за големото предавство го темелиме на повеќе факти поврзани со политичката, економската, безбедносно - воената и меѓународната ситуација, кои ги гледаме како целина од 1999 до крајот на 2001.
Политичката и економската веќе ја објаснивме и главните мотиви на домашните предавници поврзани со политички и економски мотиви нам ни се јасни, а веруваме и вам. Што се однесува до воено-безбедносната состојба пред, а особено за време на војната, предавството го гледаме во следниве факти, кои ќе се обидеме да ги сублимираме во неколку поглавни точки:
- пред да започне војната се правени дупки во безбедносниот систем, кои никако не можат да бидат правени од незнаење или од грешка
- пред да започне војната, дополнително со афери од типот на Големото уво и пренагласување на корупциски случаи, се поткопуваше вербата на граѓаните дека имаат влада и институции кои можат да се справат со одбрана на територијалниот интегритет на земјата
-во самиот почеток на војната и на првиот состанок на Советот за безбедност, советодавно тело на претседателот на државата, началникот на Генералшатабот на АРМ Ј. Андреевски изнесува смирувачка оценка дека состојбата не била алармантна, дека станувало збор за групички, итн, итн, со што во заблуда се доведуваат факторите кои можеле да преземат порешителни чекори за сузбивање на оружените групи и затворање на конфликтот на почетокот, на самата граница
-една од главните грешки во текот на оружените дејства, а која никако не е случајна, е пропаста на мобилизацискиот систем на АРМ. Немушто, невешто, незиградено, поткопувано намерно. Како и да е, резултатите се шокирачки. Според релевантни армиски податоци, за време на целото изведување на воените дејства, АРМ успеала да направи пополнетост на мобилизарните резервни единици со едвај 50 отсто, со тоа што, некои единици биле пополнети само со 20 отсто, а бројни се случаите и кога мобилизираните единици биле без оружје и опрема или, дури, и кога биле расформирани зашто одбиле да одат на фронт (случајот со беровскиот баталјон)
-најголемото предавство е сторено со одбивањето на СДСМ и нивните сателити да се прогласи воена состојба. Ова во март и април упорно го бараше ВМРО ДПМНЕ, а на крај дефетистички крена раце и се согласи наместо за воена состојба Собранието да расправа за Владата за широката коалиција. Левата банда упорно во тоа време ширеше дефетизам во јавноста, пуштајќи гласини дека „воената состојба ќе му овозможела на Георгиевски да владее без избори до бескрај“ или дека со тоа „Македонија ќе си ја поткопала својата шанса за во ЕУ и НАТО, зашто тоа ќе значело вовед во граѓанска војна“. Но ова не е случајно според нас, зашто прогласување на воена состојба ќе овозможеше потрајна мобилизација и на луѓе и на ресурси во цел на одбрана на татковината. Вака, без тоа, според законот, мобилизираните единици можеа да се држат под униформа максимум 30 дена, а потоа да се демобилизираат. На тој начин, ниту во жива сила, ниту во логистика, не дојде до израз реалната надмоќ на Македонија да се справи со околу 4000 во почетокот, до 8000 терористи на крајот од т.н. војна. Покрај тоа, со непрогласувањето воена состојба, се создаваше дополнителна збунка и кај населението и кај учесниците во одбраната, околу тоа против кого и против што и за што се борат
- во текот на поголемите воени операции јасно се гледаат два фактора на неуспех, кои можат да се подведат под предавство: непреземање решителни одговори со воени средства или кога ќе се преземеа и ќе дадеа некој резултат, акциите со наредби од ГШ или од политичарите се запираа, а освоеното подрачје од страна на македонските одбранбени сили се напушташе. Примерите се бројни: Тетовско Кале и сите освоени села во Шар Планина, Ваксинце и Слупчане, Арачиново, патниот правец Тетово - Јажинце и др. Во еден дел од овие случаи се препознава неукост и неспособност на генералите во АРМ (впрочем за нецели 9 месеца беа сменети тројца началници на ГШ), во друг дел се гледа погрешно и неуко мешање на претседателот на државата и на владата во воени операции, а во трет дел се гледа намерно поткопување на воените успеси со намера да се оствари крајната цел на планерите и учесниците во фингираната војна.
-намерните поткопувања на воените операции според досегашни достапни неофицијални податоци со кои располагаме и ние, но и јавноста од различни извори (публицистички, новинарски, разузнавачки), можат да се групираат во две групи-саботажи и советувања за погрешни наредби на оние што ги издаваат. Во саботажи, местенки и класични предавства можат да се сметаат Вејце, Карпалак, Љуботенски бачила...За сите овие случаи има информации дека станува збор за намерни местенки за да се реализира крајниот план. За намерно советувани погрешни одлуки кои влијаат врз состојбата на фронтовите можат да се сметаат акциите на освојување на Тетовското Кале и подшарпланинските села и повторно оставање на територијата на ОНА после акцијата, акциите во Ваксинце, Слупчане и Матејче, повлекување на единиците од десната страна на патот Тетово - Јажинце, Арачиново и Радуша.
- соло тајни контакти со непријателот оддржувани и во Гостивар и во Шипковица, со цел некакво преговарање, а притоа не се информирани ниту премиерот, ниту претседателот. Тука повторно извира нашиот смешен и трагичен лик Бучко, како и неговите лица од доверба во тој период Марјан Ѓуровски и Драган Стојмановски-Млекце
Меѓународна ситуација и замешателства
Две работи треба да се истакнат на почетокот. Првата е дека главен планер на фингирната војна во Македонија беше Србија, а дека другите отпосле се приклучија, барајќи си ги своите интереси. Втората е, дека меѓународната заедница цело време беше на страната на Македонија, дури, иако, тоа така не ни се чинело при крајот на војната и при потпишувањето на Рамковниот.
Не треба посебно да се објаснува дека главниот мотив за натамошна турбуленција преку албанскиот фактор во регионот го имаше токму Србија, незадоволна од сопствените порази под водство на Милошевиќ и загубата и на Косово по НАТО бомбардирањето во 1999. Србија во 2000 се соочуваше со предизвици во Јужна Србија каде дејствуваше огранок на УЧК, како и со можност, додека е уште свежо, да го ревидира Кумановскиот договор и да ја спроведе резолуцијата на ООН која предвидува(ше), враќање на српски безбедносни сили на косовските граници. За да го спроведе ова полесно и за да го олабави притисокот во јужна Србија, на Белград му одговара прикажување на Албанците како нестабилно племе со огромни територијални претензии кои би завршиле со Голема Албанија. Македонија беше одлично тло да се вежба овој план.
Досијеата за дел од водството на ОНА, за Али, за Фазли, за М. Џафери, за Гзим Острени...а, кои брзо беа затворени од само една причина, зашто се точни, го поткрепуваат нашето тврдење. Има уште еден факт кој оди во прилог. Имено, две-три години по почетокот на војната, Георгиевски за прв пат призна дека неколку недели пред Танушевци, од највисокиот српски врв бил информиран дека Македонија ќе биде нападната од структури на УЧК, т.е. ОНА. Овој потег на Србите, доколку не станува за „недоразбирање“ меѓу нивните разузнавачки структури кои го спремале планот и нивните политичари кои добронамерно го кажале на Македонија, всушност е одлично алиби за Белград. - Па ние ви кажавме, како можете нас да не сомничите за двојна игра, нели? Тоа би бил логичниот одговор на секое такво, во тоа време официјално обвинување.
И конечно, не треба да се потцени фактот што добар дел од ОНА беше облечена во униформи на „Јумко“ од Врање, а во нивниот арсенал, покрај полуавтоматски и автоматски пушки и муниција од Крагуевац, можеше да се најде и по некоја „Црна стрела“, една од најмоќните снајперски пушки на светот со голем калибар, а е од српско производство.
Што се однесува до дилемите дека војната ни ја сместиле „клетите“ Американци и „курвата“ Европа, тука не треба ни да се зборува со неинформираните. Доволно ќе биде само да се погледнат сите официјални и неофицијални изјави на американскиот политички и воен врв(Буш и Пауел), како и на повеќето земји членки на ЕУ (особено на Британците и на нивниот тогашен челник на НАТО, Робертсон), па да се види кој на чија страна бил. Целата меѓународна заедница, генерално и даваше целосна поддршка на Македонија и на нејзините политичари и институции да се справат со терористите. Она што веројатно ги изненадило, е тоа што виделе дека тука на клучни позиици има еден куп предавници и неспособни, кои немаат чувство и однос кон зборовите патриотизам, држава, татковина, народ.
Така што, вадењето примери за двојната игра на меѓународните фактори не држат вода, а примерите со платениците во Арачиново или со шпионското и неријателското однесување на дел од припадниците на ОБСЕ или Меѓународниот Црвен Крст, не се показател за мејнстрим политиката на Америка и на ЕУ кон Македонија од тоа време.
За Трајковски, Георгиевски, советниците и генералите
Врховниот командант беше покојниот Борис Трајковски, кој беше советуван од четири клучни лица: Владо Поповски, Љубомир Фрчковски, Стево Пендаровски, како и од Доста Димовска. Наброениве, собено првите двајца, се заслужни „воени стратези“ кои честопати го наведувале Трајковски да носи погрешни одлуки во врска со командувањето со единиците, а особено нивно дело е Арачиново и срамниот пораз што го претрпе АРМ и полицијата таму, иако и бројно и со воена техника, армијата беше надмоќна
Премиер беше Георгиевски, кој имаше какво таква ефективна функција до формирањето на владата на широката коалиција во мај. По тој период, пред се поради МВР, предовдено од Љубе Бошковски и АРМ, во која замешателство имаше СДСМ преку Владо Бучковски и „нивните“ генерали, Владата дејствуваше како збир на партии со различни ставови и интереси околу настаните во 2001.
Љубе, интересно, со помош на српските „Црвени беретки“ и на Улемек -Легија, формираше покрупна воено-полициска единица на ранг на бригада, „Лавови“ и при крајот на конфликтот преземаше соло акции. Бучковски пак, се истакна со неспроведување на наредба на Трајковски за заземање на патниот правец Тетово- Јажинце и враќање на вештачкиот прекин на огнот од почетокот на јули, т.е. препуштање на левата страна на патот под целосна контрола на ОНА. Но, особено се истакна во битката кај Радуша, кога и тој и ГШ се оглушува два дена на повиците на полициските единици да добијат засилување, бидејќи се соочуваат со офанзива од Косово на бројна единица на ОНА!!!
Како интересни ликови кои на овој или оној начин придонеле за поразот на Македонците ќе ги наведеме и генералите Андревски и Петровски, и двајцата началници на ГШ на АРМ. Првиот, со нечинење во почетниот период во војната, вториот, особено со битката за Арачиново, каде, како тенкист по род, наместо да ги употреби тенковите за фронтален напад на селото, тој ги вкопа во депласмани и ги користеше како артилериско орудие, а пешадискиот напад го препушти на полицијата, која не беше ништо друго, туку „топовско месо“. Незнаење? Во секој случај не!
Во оваа група секако нема да го заборавиме ниту генерал Сокол Митревски, денешниот градоначалник на општина Ѓорче Петров, кој во таа 2001 година беше назначен за командант на Скопската област. Упатени велат дека тој имал една од клучните улоги во „грешката“ со необезбедуваниот конвој од Прилеп за Тетово, при што кај месноста Карпалак настрадаа во заседа десет резервисти на АРМ.
Рамковниот е пораз, премаскиран како договор за иднината
Откако целите на фингираната војна од страна на планерите и изведувачите беа постигнати, а во истовреме САД и ЕУ видоа дека во оваа земја Македонија, на челни позиции во власт и во опозиција седат кретени кои се подготвени за власт и за пари да ја загубат војната и уво да не ги боли ако за тоа крварат и граѓаните на Македонија, па решија да се замешаат да ги санираат последиците, следуваше потпишувањето на Рамковниот договор од Охрид. Договорот од Охрид не е ништо друго, туку озаконување на фактички пораз претрпен на терен, преточен во договор кој е замаскиран како договор за иднината на Македонија. Во тој договор нема ништо што не можеше или не беше на пат да се постигне со мирни средства, со политички преговори и разговори. Но, со тој договор е сменет Уставот, темелно, при што Македонија веќе не е држава на Македонците и на другите, туку е држава на Македонците и на народи кои веќе имаа свои држави. Овој поделен суверенитет на некој начин создава предуслови за федерализација на државата, де факто, иако де јуре таа е унитарна држава. Тоа што Андов нешто скокаше и покажуваше задоцнет „патриотизам“ околу преамбулата, тоа беше само маска за да се прикрие и неговата улога во реализацијата на планот на планерите и изведувачите.
Десет години подоцна, ништо не е чудно за информираните. Како, покрај се, да се чудиме зошто Грувески дава амнестија за воени злосторства, да се чудиме зошто Бесими не дошол на Карпалак, туку ни крив ни должен го испраќаат Н. Тодоров или зошто нема спомен обележје таму, кога низ цела држава се трошат силни милиони евра за споменици!?
Кога и после десет години предавниците на Македонија во 2001 година и натаму се фактори во државата, и во власт и во опозиција, кога и натаму раководат со политички банди што се интересираат за пари и власт, а не за демократија, човекови права или ЕУ и НАТО, кога ни после 10 години нема дефиниција за тоа дали Македонија беше во војна и со кого, кога по 10 години МВР добива два пати поголем буџет од АРМ..., како тогаш да веруваме дека поуките - оние за кои бесрамно зборува Муса Џафери објаснувајќи зошто нивниот министер не дошол кај Карпалк - се извлечени?
Не, Македонија ниту ги извлекла поуките, ниту пак, има перспектива, се додека со нејзе владеат предавници. Системот што ги поставил - тоа е оној систем кој брзо, брзо, преку трупа, ги закопа досијеата за водството на ОНА, а од кои јасно се гледаше дека тие цело време работеле за Србите - никогаш нема да дозволи Македонија да стане просперитетна држава. Тој ист систем, кој сега работи нешто како ОЗТ(Организација на здружен труд) составен од бројни ООЗТ-а (Основни организации на здружен труд), нема да дозволи да ги видиме вистинските досијеа од кои ќе се види кои биле наредбодавачите и извршителите во пеколниот план, Македонија да биде само едно ООЗТ на Србија!
Затоа, можеби ќе беше поприродно, доколку Груевски, човечето што сега лажно покажува патриотизам со тоа што не оди во Охрди на „јубилејот“, наместо на Пелинце на Втори Август да ни го цитира Черчил, да одбереше нешто од мислите на Никола Пашиќ, или од стариот Евангелос Венизелос за тоа, што се Македонците и чија е Македонија.
Ако говорот го завршеше со „Живела Србија“, фактички гледано, немаше да погреши!