Welcome visitor you can log in or create an account

"ВМРО И СРБИЈА СЕ ПОЛИТИЧКИ И ВОЕНИ ПРОТИВНИЦИ НА ЖИВОТ И СМРТ"


ВМРО и етничките Срби во Република Македониjа


ДНЕВНИК Број 740 Сабота, 12.02.2000

Димитар Димитров

На исходот ВМРО и Србија се политички и воени противници на живот и смрт. Денес е императив Република Македонија, како кристализација на државотворната идеја на ВМРО, и Србија, односно Сојузна Република Југославија, да бидеме пријатели и соработници во мир и во слобода. Тоа е биланс од вековниот опит, што може да важи за мера на нашата (на Македонците и на Србите) цивилизациско-политичка зрелост. Излегувањето од таа мера, на ова ниво на развојот на човештвото, претставува политички инфантилизам, што не води кон добро и што поради тоа соодветно се санкционира со нормите на меѓународното право и со институциите на меѓународната заедница.

За жал, веќе десет години живееме со заканата на своевиден политички инфантилизам, што претседателот на Карнегиевата фондација за мир меѓу народите Мортон Абрамовиц и бившиот американски амбасадор во Белград Џорџ Кенан го дефинираат со синтагмата “злокобен”, “великосрпски национализам” (во предговорот и во воведот кон книгата “Другите балкански војни”, 1993).

Србија, разните “Српски Крајини”, српски групи и поединци од српско етничко потекло низ бившите југословенски републики, со збор и со дело, го опитаа/опитуваат тоа искушение на размин со едно од основните човекови права - со правото на народите на самоопределување, по кое грубо посегнувале/посегнуваат. Се нанижа цела трагична низа од радикални, воени расплети, од Словенија, преку Хрватска и Босна, до Косово, на штета и на мнозинските народи, и на српските етнички заедници, и на Србија како држава и нација.

Додека во Словенија и во Хрватска расплетот е затворен, а Босна и Косово се ставени под меѓународен административен и воен надзор, Македонија се етаблира во самостојна држава без таква воена разврска.

Аксиоматската предност на македонскиот пат во овој случај, е поматена со релативната наша историско-политичка инфериорност, во споредба со Словенија и со Хрватска, во однос на Белград, т.е. на Кралството Србија, на Кралството Југославија и на ФНРЈ /СФРЈ. Тој факт услови крахот на тоталитаризмот, во вид на распад на југословенската комунистичка федерација, кај нас да се одвива на мек начин со многу континуитет во дисконтинуитетот, со доста посредна енергија од дејството на Словенија и на Хрватска, како и на меѓународната заедница.

Благодетите од таа мека транзиција во прв ред ги ужива нашата комунистичка политичка елита, во чија просрпска ориентација има(ше) квалитативна разлика во споредба со словенечката и со хрватската политичка елита, кои претставуваа, ако не доминантно национални, барем амбивалентни структури.

Во тие рамки се задржа простор за ексклузивно влијание на српскиот етнички елемент - ексклузивно влијание со оглед на маргиналната статистичка застапеност во Република Македонија на тој елемент.

Тој парадокс на незначителна маса - со значајно влијание, е функција на српската окупација на овој дел од Македонија во 1913 година.
До денес не се приопштени на македонската јавност клучните библиографски извори за тој факт и за импликациите од него: “Извештајот на Карнегиевата фондација за Балканските војни 1912 - 1913”, “Ослободителните војни во Македонија” од Христо Силјанов, “Српските жестокости во Македонија 1912-1915” од Кирил Прличев, “Спомените” од Иван Михаилов...

Во нив се тематизира најбрутална стратегија и тактика на геноцид/психоцид. “Србите беа најголеми нарушувачи на човековите права, специјално според начинот на кој се однесувале кон Македонците на територијата што ја окупираа след првата од двете балкански војни”, заклучува Џорџ Кенан во воведот кон новото издание на Карнегиевиот извештај (1993), во фонот на новите војни, пред се на војната во Босна.

Имено тоа нарушување на човековите права, што се протегнало со децении, под вид на колонистичка администрација, жандармерија, просвета, црква и култура, го провоцирало, од една страна, движењето на отпорот, предводено од ВМРО, од друга страна, појавата на колаборационисти, во Карнегиевиот извештај наречени “србомани”.

Додека авторитет како Иво Банац во ВМРО и во Тодор Александров гледа фактор “што помогнал да се разурне градбата на великосрпството во јужните краишта” (“Национално питање у Југославији”, Глобус, Загреб, 1988, стр. 301), за Србите “ВМРО (е) заговор против Србија” (наслов на книга од Ѓорѓе Васиљевиќ, Политика, Београд, 1991), на “бугарските бандити”, со помош на бугарската држава.

Во фонот и на едниот, и на другиот суд е фронт меѓу агресор и жртва, што, со учеството во него на “србоманите”, добива карактер и на криптограѓанска војна. Се разбира, разурнувањето на градбата на великосрбизмот треба да се сфати условно - како запазување од масовно колонизирање и попречување до крај да се изведе проектот на геноцид/психоцид, како стратегиска цел на српската окупација на Македонија.

Но великосрпската идеологија останала неприкосновена, ВМРО се прогонел и судел и во кралска, и во Титова Југославија, како непријателска организација од бугарска провениенција. При тоа, од другата страна, во државната администрација, судството, полицијата, старешинскиот армиски кадар, во научните институции, образованието, медиумите се практикувала политика на привилегии/промоции на етнички Срби и на србомани.

Тој антагонизам на стратегии, условил определена асиметрија меѓу народното битие, чиј политички израз била /останувала ВМРО, од една страна, и власта и интелигенцијата, од друга.

До толку асиметричен социјален организам, можел да се одржува во вид на недемократски политички систем - со непосреден терор на кралот или со тоталитарната власт на комунистичкиот диктатор.

Затоа беше логично, и покрај долготрајното сатанизирање на ВМРО, на првите слободни парламентарни избори во 1990 година да победи партијата со предзнакот ВМРО во името, а нејзината пратеничка група да се промовира со предлог на Декларацијата за независнсот.

Во независната држава Република Македонија нема повеќе место за великосрпската идеологија, во непосреден вид или под плаштот на југословенскиот комунизам.

Етничките Срби - макеоднски граѓани, со Уставот и со меѓународното право, се рамноправни со другите граѓани; Рамковната конвенција за заштита на малцинствата им овозможува да се самоидентификуваат како непосредни Македонци или како припадници на малцинство, со специјални права на етнички, културен, јазичен идентитет, србоманите се транформираат во србофили, како легитимна варијанта на човекољубие.

Во размин со тоа, инерцијата на назначената предисторија, во рамките на Република Македонија, манифестира симптоми на упад во системот на правната држава и на меѓународното право - кога етнички Срби (и србомани) соблазнува на политичка идентификација со режимот на Милошевиќ, што ги профилира во идеолошко-политички и интелектуално-медиумски колаборационисти.
Мортон Абрамовиц (на наведеното место) предупредува: “Силната амбиција за создавање голема Србија, еден од факторите на војната од почетокот на векот, денес одново може да ја проголта Македонија и целосно да го промени етничкиот состав на Косово”. Македонските “експозитури на Милошевиќ” (Ѓорѓи Спасов), политички и медиумски, и одат од рака на посочената амбиција, со демонстрациите на поддршка на Милошевиќ, со нападот на Американската амбасада, со анти-НАТО митинзите, со медиумските критики на интервенцијата на НАТО во СР Југославија, а со изрази на солидарност со државата на Милошевиќ, со денунцирање на новата власт како коалиција што работи против националните интереси, со емитување толкваи дози српска субкултура, што тоа ја одржува Македонија во состојба на српска културна колонија, како мек облик на нејзина проголтаност, при која е можно, на пример, естрадна ѕвезда - српски државјанин, на концерт пред Скопје да се заканува на министер на Македонската влада, а тоа една “независна” “македонска” телевизија да го популаризира повеќе пати.

Можеби најнизок праг Милошевиќевите експозитури демонстрираат со непрестајната кампања против ВМРО-ДПМНЕ, од нејзиното формирање до денес, како бугарска партија и, во врска со тоа, со посегањето по нашата етничка и национална самоидентификација.

Денес меѓународното право го смета за светост правото на етнички или национален идентитет. Разговорот по тоа прашање стои на границата на учтивоста; посегањето, повредата, подбивот со самочувството на припадник на друг енос, поминува за примитивизам.

Кога такво нешто ќе си допушти етнички Србин спрема Македонец, тогаш тоа е атавизам. За жал, новинари, интелектуалци - етнички Срби, не само што се опседнати со ВМРО и со нашето народно и национално самочувство, туку ни се наметнуваат, во независна Република Македонија, за арбитри, ја повторуваат, во вербален вид, арбитражата на српските четници, на српските џандари, на Прелиќ спрема Ѓузелов, Чкатров и другите жртви на скопскиот студентски процес од 1927 година, или на “Удружење против бугарских бандита”, или на “Црна рука”.
Прашање на вкус и на чест е, ако српските натрапници ги черечеле, колеле и силувале нашите дедовци и баби како “Бугараши” и им пцуеле “мајка бугарска”, потомците на тие натрапници денес да прават каква било алузија на тоа име и на нашиот идентитет како народ и нација. Тоа е наша рана и наше достоинство, како што холокаустот е рана и достоинство на Евреите.

Тоа е прашање на односот меѓу нас и нашите предци, кои, тепани како “Бугари”, се бореле и се саможртвувале во отпорот против српската окупација и асимилација, а за своја автономна/независна држава, објективно работејќи на основните политички претпоставки на нашата актуелна македонска нација.

Во условите на македонската демократија, на информативна и библиографска деблокада, тоа прашање се смирува во “природно”, цивилизациско решение, кое не само што нема потреба од српска “теориска” помош, туку српската “редакција” ја демаскира како функција на нашето продолжено ментално ропство.
На живите Срби, во таа бездна на злосторот на нивните предци, во чии негативни импликации за нас Македонците и самите учествувале/учествуваат, им припаѓа грижа на совест, почит и извинување; а нам во однос на нив - простување. Другото е работа на правната држава, на меѓународното право, на културата и на домашното воспитание.

За поздравување е, на крајот, во целиот овој јазол, дистанцирањето на СДСМ, на недамнешната партиска конвенција, од “политичките експозитури на Милошевиќ” во Македонија - на партиите на Милетиќ и на Ѕинго. За жал, и СДСМ не малку послужи во таа функција - со нивните заеднички демонстрации и со разните варијации на “бугарските летоци”, со што ни ја деградира татковината пред светската јавност, изложувајќи ја на сомнение нејзината стратегиска ориентација, сугерирајќи ја како просрпска/промилошевиќевска.
Овој свиок на СДСМ е надежен гест, што ја враќа верата во можноста на националното помирување, на сите македонски искушенија, како и на оние на националните малцинства, вклучително и на ова за кое стана збор тука, околу јадрото на македонската држава и нација. “Како за малите држави, така и за големите сили, нема друг спас, друг исход, освен низ обединување и помирување”, порачува благородниот Д’Естурнел де Констан, предводник на Карнегиевата анкетна комисија за Балканските војни 1912-1913.

(Авторот е професор на Филозофскиот факултет во СкопЈе) По инсистирање на авторот, текстот не е лекториран

Одговор на колумната на Димитар Димитров од Ѓорѓе Марјановиќ


ПСИХОЦИД



[Image: bulgpass.jpg]
ДНЕВНИК Број 744 Четврток, 17.02.2000

Ѓорѓи Марјановиќ

Минатата недела (на Водно) една дама, алудирајќи на писанието на д-р Димитар Димитров “ВМРО и етничките Срби во Република Македонија” (ДНЕВНИК, 12.02), ми рече дека знае за што ќе пишувам идната недела. Написот го имав прочитано, но не можев да видам зошто јас (неспомнат ни со име ниту со презиме) би морал да одговарам на нешто што не ме засега: ниту сум етнички Србин, ниту сум човек на Милошевиќ! Второто читање ме зацврсти во тоа уверување: текстот го доживувам како некој вид лична исповед: авторот сака да каже дека во Македонија, по осамостојувањето, и покрај формалниот прекин со стариот режим (дисконтинуитет) сѐ главно останало по старо (континуитет) и дека, “благодетите од таа мека транзиција во прв ред ги ужива нашата комунистичка елита”.
Философите се, инаку, тешко читливи. Со тоа мора да се помирите. За да ви стане јасно што имал на ум авторот, ќе измислам еден пример: замислете си човек што денес се претставува како ВМРО-вец, par excellence, а кој станот во кој живее го добил како заслужен граѓанин од клетите комунисти. Вие, се разбира, знаете - за да му дадат комунистите некому простран стан во најстрогиот градски центар тој мора да бил еден од нив, проверен човек! Има многу луѓе што од денешна гледна точка може да се сметаат за “заслужни граѓани”, а кои комунистите и не помислуваа да ги наградат со цело едно мало богатство во вид на стан, просто-напросто затоа што не беа правоверни, или барем тие не ги сметаа за такви. И сега, кога таков еден правоверен и проверен комунист преку ноќ ќе стане здрав ДПБНЕ-овски идеолог, тоа е раскин со старото, што филозофите го нарекуваат дисконтинуитет. Човеков, меѓутоа, си останува да живее во станот што му го подариле омразените комунисти и тоа ви е тогаш “продолжување да се уживаат благодетите на меката македонска транзиција” или - континуитет! Јасно?
Толку како објаснение на употребената терминологија! Инаку, целиот текст на д-р Димитров многу ми се бендиса. Навистина беше нужно некој барем да се обиде да í ги “приопшти” на македонската јавност клучните библиографски извори за “најбруталната стратегија и тактика на геноцид/психоцид” на Србите врз Македонците. Добар му е и натуралистичкиот приказ на српските злодела! Па сепак, нешто упорно ме буни!
Еве, да признаеме дека е сѐ така како што тврди авторот: џандарите си се џандари, српски-несрпски, и тие (на овие простори и - пошироко) главно тепаат. Тепаа до вчера, а тепаат и денес, во Арачиново, на пример (пак доказ за континуитет во дисконтинуитетот). Да признаеме дека Србите на овие простори навистина извршиле ужасни злодела на геноцид/психоцид (за оние што не знаат да појаснам: кованицава, составена од грчкиот збор “psihi”, душа, дух, и латинскиот глагол “occidere”, убива, би требало да означи еден нов вид злостор, што се состои во убивање на душата на народот). Само, види чудо-невидено! И покрај ужасниот српски геноцид/психоцид, на просторите колонизирани од нив и по 70 години неподносливо ропство, останаа недотолчени милион и кусур, макар и “историско-политички инфериорни” (!?) Македонци. Доказ за тоа дека српскиот геноцид не успеал! Останаа милион и кусур луѓе со висока свест за својата (македонска!) национална припадност, со своја култура и цивилизација. Доказ за тоа дека српскиот психоцид не успеал!
Ајде сега да погледаме како стојат работите со судбината на тие исти Македонци, што по делбата на Македонија останаа во Болгарија. Таму, нели, немало ни “колонизација, ни жандармерија, ни наметнување (болгарска) просвета, црква и култура”. Да имало, д-р Димитров тоа секако ќе ни го “приопштеше”. Македонците, што историските виори ги фрлија зад нашата источна граница, ептен се усреќиле во топлата прегратка на мајка Болгарија. И? Што се случило со нив? Едноставно ги снемало! Аш! Денес нема пукнат Македонец во Болгарија! А оние од ОМО Илинден? Чисти мазохистички настроени психопати или агенти на српските разузнавачки служби (вклучително и на нејзината македонска експозитура - Државната безбедност)!
Ај сега да го прашаме нашиот философ кога ќе напише уште еден ваков (убав) текст во кој ќе нѝ објасни како тоа Србите со толкава монструозна бруталност не успеаја да го сторат она што на нашите источни браќа им успеа без какво и да е насилство: деновиве, ете, и Ороспијата од Вавилон призна дека во Болгарија нема Македонци. (Верно, во тоа многу ѝ помогна токму новата партија на д-р Димитров, потпишувајќи во Софија акт со кој се обврзува да не се плетка многу околу судбината на т.н. Македонци!)
Според д-р Димитров, таму никогаш немало “нарушување на човековите права, што се протегало со децении, под вид на колонистичка администрација, жандармерија, просвета, црква и култура”. Таму, Македонците едноставно ги снемало поради некои физички закони: испариле како малу вода, долго време изложена на топлото јужно сонце. Никој не ги репресирал, никој не ги колонизирал, никој не ги терал да учат болгарски, никој не ги терал да се пишуваат Болгари, а тие, сепак, од чиста благодарност спрема мајка Болгарија, решиле да станат Болгарчиња.
Навистина е прашање на вкус и чест јавно да се расправа за едниот колонизатор, а да се заборава другиот (другите). Некои други Македонци сведочат поинаку за она што било: Петре М. Андреевски (во ПИРЕЈ) сведочи дека на нашите претци, кога си зборувале на својот јазик, Србите верно им пцуеле “мамицу бугарашку”, но, за истиот тој јазик Бугарите им ја пцуеле “мамката мрсна србоманска”. А ги тепале и едните и другите! Така некако и кај Македонецот се јавила свеста за посебниот идентитет, што не е ни српски ниту бугарски. Еден друг македонски писател (Миле Неделковски, во ПОТКОВИЦАТА) го предава разговорот на еден македонски селанец со некојси бугарски полковник Иванов. Селанецот, кој имал свежи сеќавања на српските злодела, му вели на полковникот (види чудо!): “А вие сте полоши!” “Полоши од кого?” прашува полковикот. Одговорот е “Од Србите!” Не верувам дека на д-р Димитров не му се познати овие факти. Како што не верувам дека кога и да е ќе помисли јавно да одговори зошто Србите и нивните потомци ни должат извинување, а не и Болгарите. За Грците веќе и да не зборуваме.
Само, како да бараме извинување од Болгарите кога самиот д-р Димитров (среде Софија) излагаше теорија според која Македонците биле однародени Болгари. Во светлината на тој факт сосема е јасно зошто за човеков не постои (и не може да постои) страдање на Македонците во Бугарија. Но, и тоа е прашање на вкус и чест!

Ѓорѓи Марјановиќ